Кадетите не се прославија на Медитеранските во Атина, ама барем Пролет си донесе грчко засилување
1.Во „Пролеќе“ запролети нов тренд
Да не беше долгогодишната традиција и прочуената гордост на Пролет како клуб кој со години успешно му одолева на трендот и својата игра и стратегија ја гради исклучиво со домашни играчи, потписот на српскиот Грк, Ѓуро Мујиќ, за скопскиот тим воопшто немаше ни да биде некоја посебно интересна вест. Вака Ѓуро, сакал или не, осамна во насловите и влезе во фокусот. За сега и за понатаму.
Дека некој странец што има два гола на шест европски натпревари доаѓа како засилување во македонски клуб е веќе видена работа на македонската ракометна сцена. Некогаш, ќе се погоди успешна, а многу почесто промашена и со краток век. Но, доаѓањето на левиот бек од Олимпијакос, роден новосаѓанец со грчки пасош, во Пролет отвора нова страница.
Скопскиот прволигаш ја остави настрана традицијата и во Атина испазари засилување за пролетната битка за суперлигашкиот плеј-оф. Место во плеј-офот и излез во Европа е таргетот на Пролет и на неколку суперлигаши од условно, „вториот ешалон“ со буџети и со ростери зад моментно водечката тројка – Вардар, Еурофарм Пелистер и Металург. За клубовите од овој ешалон, па тука и за Пролет, стана традиција долгата пролетна битка за излез во Европа и потоа кусата европска есен – едно коло, ако може со два меча во гости, колку да помине редот. Две кола се веќе „историски успех“. И така секоја година. По традиција.
Дали токму Ѓуро Мујиќ уште еднаш ќе ја прекрши традицијата и за Пролет ќе донесе нова пролет и малку подолга есен, или пак ќе биде залудно потрошен ваучер, цел или дел, останува да видиме. Велат, ако не пробаш нема да знаеш.
Ако не оди пак, секогаш, може да и се вратиш на старата традиција. Барем во „Македонско сонце“.
2. Фалени, а недо(ис)кажани
Освен со трансферот на Ѓуро, Атина деновиве беше актуелна и со настапот на македонските кадети на Медитеранските игри. Случајно, и во двете „грчки приказни“ кои практично се независни една од друга, како пресек на средина доаѓа Никола Матлиески, во првата како тренер на Пролет, во втората како селектор на македонската кадетска репрезентација.
Новата генерација на големо фалена од поширокиот стручен штаб како селекција со голем потенцијал и исклучителен талент, на првата посериозна проверка не се покажа баш во такво светло. Четири порази од кои, да биде маката уште поголема, најубедлив со 11 гола разлика од не така голема ракометна велесила како Грција, три победи и тоа сите над неевропски селекции, едно реми со Турција и на крај 10.место, не се резултати кои даваат некоја голема надеж за фалените ракометни надежи.
Уште помалку даваат надеж изјавите од типот „немавме некои големи очекувања од ова натпреварување…нашите играчи се во некој подготвителен период (на сред настап, хм…?!), не го достигнаа врвот на нивната форма, меѓутоа ова претставува големо искуство за нас…итн. итн.“ Сакам да верувам дека е некоја грешка во муабетот или дека јас не сум ги сфатила баш најдобро. Инаку, вака, баш и не ја бидува некако работата…
Не е лошо тука за информација да потсетиме дека на истите овие Медитерански игри во Атина, Црна Гора играше финале, Хрватска со помала генерација од другите, освои „бронза“, Србија беше четврта…од овие околните ракометни нации со кои може и треба да се споредуваме за да видиме до каде сме.
А, ние, нормално, пак сме во „некој подготвителен период“ во репрезентацијата оти играчите не играат многу во клубовите. А, ваму Ѓуро го бараме да помогне!
Само да прашам, до кога ќе тераме со оваа „традиција“, другари?
3.Не е се така црно кај „црвено-црните“
Во Вардар продолжува една друга традиција веќе „традиционално“ неколку години. Да не биде дека не сме го спомнале, а шампионот пак беше актуелен и оваа седмица, и по добро и по лошо. Традиционално, нели.
Лошото е поразот од Порто во претпоследното коло од групната фаза во ЛШ и неизвесноста до каде може вака да се дотурка. Вардарци во Португалија немаа сили за нов подвиг со крпениот тим во кој Стевче Алушовски нема играчи ни за една бековска линија, а не пак за квалитетна ротација. За среќа, поразот од Порто не го загрозува пласманот на Вардар во следната осминафинална фаза од ЛШ, ама дефинитивно ги урива комбинациите за место погоре и евентуално попогоден противник од ПИК или ПСЖ, ако воопшто и има таков во оваа фаза за ваков Вардар.
Доброто во приказната за „црвено-црните“, освен се поконстантниот блесок на младиот Марко Кизиќ, меѓудругото, е оној и позитивен сигнал што се појави деновиве како зрак на надеж за иднината на македонскиот бренд.
Можеби по малку парадоксално, ама во Вардар на сред новата „платежна“ криза и новиот одлив на играчи – актуелни станаа не заминувањата, туку доаѓањата! И претходно имаше најава од тренерот Алушовски дека од Вардар веќе никој нема да си оди, а некои и ќе дојдат. Сега тие „некои“ веќе добиваат и конкретни имиња. Додуша, се уште како „непотврдени шпекулации“, ама битно приказната се врти.
Според едни „извори“ во Вардар доаѓа хрватски бран плус Бразилец. Според други, во „црвено-црниот“ дрес во иднина може да видиме и Скандинавци, а може да се вратат и некои македонски репрезентативци. Ништо не е исклучено. Како и да е Вардар за следната сезона ќе добие малку поинаков лик.
Нова дефиниција за македонска традиција.