Битолчани мака мачат со името, но полека се навикнуваат на син Пелистер, вардарци пак веќе станаа имуни на црвенио аларм што пак почнува да светка...
1.Репрезентативно истрошени, клупски несигурни
Стивнаа страстите по јануарската ракометна еуфорија и бројките и фактите од ЕП 2020 веќе полека се складираат во архива. Останува формално, само да се испеглаат извештаите кога многумина веќе и ќе подзаборават што беше тоа таму во Виена…Барем до ждрепката во март.
Краток здив и тргнуваме во пролетна офанзива со клупската сцена во фокусот.
Еурофарм Пелистер со новото име и со новиот тренер на клупата ја почна битката за своето прво СЕХА четвртфинале. Преокупирани со репрезентацијата и подготовките пред ЕП, некако вообичаено тивко и протоколарно помина назначувањето на поранешниот хрватски селектор, Жељко Бабиќ, за нов тренер на Еурофарм Пелистер на местото на Стевче Алушовски. А, безмалку исто незначително внимание во јавноста предизвика и преселбата на Алушовски на клупата на Вардар. И македонската опција кај европскиот шампион, и хрватскиот избор во Битола се и тоа како интересен момент што може да донесе интересни поместувања на македонската клупска ракометна сцена.
Алушовски е дел од стариот Вардар, а Бабиќ, е тренер и лик кој е сè само не незабележителен во ракометниот свет, посебно во медиумскиот простор. Но, здравје Боже, сигурно ќе има време и за тоа, прво нека ја поминат битолчани хрватската пречка во СЕХА, а вардарци нека го преживеат Кил во ЛШ.
2. Три минус и сол на рана
Во најавата пред првиот официјален натпревар со Еурофарм Пелистер во плеј-офот, Бабиќ нормално, рече дека се одлично подготвени за Нексе. Во одјавата по поразот во Нашице, пак потенцираше дека можат многу подобро од тоа што го прикажале… Впрочем, не може ни да биде на прва беспрекорно. Кога тренерот е нов, а тимот затекнат од претходниот на сред сезона, прилагодувањето е неодминлива фаза.
Но, не е ни сè загубено. Три гола не е недостижна разлика, Нексе не е несовладлив противник, а Бабиќ и Хорват добро си ги знаат финтите, нели, и двајцата поминале „линова школа“.
Битолчани го имаат домашниот терен и десетина дена да се доподготват за реваншот со Нексе и да закажат македонско четвртфинале со Вардар.
Во меѓувреме, Бабиќ ќе треба да научи битолскиот клуб повеќе да го вика Пелистер или веќе ако мора, со полно име Еурофарм Пелистер. Никако само со првото! Оти, овде сме посебно чувствителни на имињата и на додавките, а на тимот за победа му требаат и полни трибини. Така велат битолчани.
Иако не им е баш по волја, битолската публика некако полека се навикнува на посинет Пелистер, ама Бабиќ со името баш и не мора да им трие сол на раната.
3. Вардар пред Кил
Не е сè слатко и бајно ни во црвено-црниот табор. Впрочем, како и секоја пролет изминативе три-четири години. И додека битолчани полека се навикнуваат на син Пелистер, вардарци веќе станаа имуни на црвениот аларм за фамозниот близок крај што некако по правило се вклучува тука некаде на почетокот на пролетната полусезона. Додуша, овој пат запален во фудбалскиот дел од црвено-црното семејство, но секогаш со опасност да го зафати и ракометниот, носејќи нова неизвесност за иднината на двојниот европски шампион.
Неизвесноста пак, по правило, веднаш носи нов одлив на вардарци. Во првата криза, заминаа Шпанците, а сега веќе почна да се тенчи и руската колонија. Шишкарев прв, притиснат од неизвесноста, стави потпис на договорот со Веспрем.
По новиот курс, Вардар сега свртува на домашни сили. Така беше најавено и доаѓањето на Стевче Алушовски на клупата на шампионот, убаво разнишана по спортско директорско-тренерската епизода на Кокшаров.
„Вардар сезонава им даде шанса на повеќе млади играчи од нашиот втор тим. Сметаме дека е време и наши домашни тренери да добијат поголема шанса…“ – го најави македонскиот курс во Вардар, извршниот директор на клубот.
Тренерскиот изборот „падна“ на некогашниот капитен, Стевче Алушовски, еден од старите вардарци од ерата Михајло Михајловски. Дали е ова прв знак за враќање на стариот Вардар или обична случајност – ќе видиме.
Како и да е, Стевче Алушовски ќе биде еден од ретките тренери во историјата, ако не и единствен, што во иста сезона бил и дебитант и бранител на титулата во Лигата на шампионите.
Во првиот дел од сезоната, Алушовски дебитираше во ЛШ со Еурофарм Работник. Битолскиот тим не избори европска пролет, но Алушовски остана во ЛШ со уште поголем предизвик да ја доврши сезоната со Вардар како актуелен европски шампион. Додуша, малку разнишан во изминатите неколку месеци.
Првиот тест е за два дена, ни помалку ни повеќе – Кил, во „Шпаркасен Арена“.
Што ќе биде, нека биде! Полошо од она со Кил во „Јане“, не може да биде…