Барса жари-пали, Веспрем жали, Нант слави, Лазаров поместува граници...
1.Трајни вредности и променливи шампиони
Се менуваат времињата, се менува и ракометот. Некогаш се оставаа пари на чување кај спонзорот, сега тоа е ризичен „цепелин“. Некогаш беше незамислив Келн без Германци, сега е реалност да доминираат Французи и Шпанци на најголемиот спектакл во Лигата на шампионите.
Во завршницата на ЛШ има и некои необични константи, но и некои трајни вредности.
Во сите 12 издание на Ф4 во ЛШ, константно е проклетството на шампионите. Ниеден шампион не успеал да остане на тронот. На Кил не му успеа ни да се врати во Келн.
Во шареноликата голема четворка во ЛШ, Французите одново се најбројни, со Нант по втор пат и со ПСЖ во петти обид да стигне до титула на Ф4. Олборг годинава е дебитантот, а Барса рекордерот со деветти настап во Келн и со неверојатна сезона без пораз во ЛШ.
Кирил Лазаров пак, одново поместува граници и со начната петта деценија повторно е уникатен во елитата.
Нант сензационално го отпиша Веспрем за второ учество на завршниот турнир што воедно е и втор настап на Лазаров во Келн во дресот на францускиот тим од вкупните седум учества на Ф4 или севкупните девет одиграни полуфиналиња во дводецениската кариера во ЛШ. Фактот дека тој е единствен актуелен селектор што ќе игра и што воопшто играл за титула во ЛШ во исто време, го прави Кирил Лазаров уникатен пример во ракометната историја во уште еден сегмент.
2.Битолска победа, да не остане Струга за сеир
Деновиве се погоди во исто време со разврската во европските купови да се запише и по некоја историска белешка и на домашната македонска ракометна сцена.
Вардар го запиша првиот пораз во суперлигашкиот плеј-оф сезонава, еден од ретките воопшто во изминатите 6-7 години. Еурофарм Пелистер за прв пат славеше официјална победа против скопскиот ривал во Битола. Недоволна за да се надминат оние -8 од скопскиот дуел и за да се симне Вардар од врвот на табелата, но доволна да се размрда сцената на неколку круга пред крај. Да се обои малку зелено-сино домашниот Ф8, па и да не остане само Струга за сеир меѓу навивачите.
Вардар за да ја одбрани шампионската титула во двојната круна, до крај не смее и не би требало да си дозволи да прокоцка ни бод. Не смее ни Еурофарм Пелистер во преостанатите три натпревари, чекајќи кикс на Вардар и шампионска титула на дар.
Од сите три дуели, и на едните и на другите најжешко се очекува да им биде во двете пресметки со Металург, неофицијално трет по сила и квалитет, официјално четврти во моменталниот поредок на табелата. По лошиот старт во кој непланирано топеа бодови, „металузи“ во финишот конечно се разбудија, фатија ритам и влегоа во победничка серија која повторно ги враќа во горната четворка за излез во Европа. Ако Иве Марковски со Металург успее да чепне некој бод од дуелите со Вардар во Автокоманда или со Еурофарм Пелистер во Битола, дефинитивно ќе обезбеди позиција за Европа, а можеби и тектонско поместување на врвот. Ако не, на „металурзи“ им останува да пробиваат пат за Европа преку Бутел.
3.За кумановки шампионки и за 19-ката на Кометал шампионе
Во историјата на македонскиот ракомет и по 19 години, 19 мај останува денот кога се слави Кометал шампионе и кога се евоцираат убавите спомени за првата европска ракометна титула за Македонија, сигурно уште долго единствена во женската ЛШ.
Кометал ЃП одамна го нема, но и поранешните „кометалки“ и целата македонска ракометна јавност и по две децении добро ги паметат и со носталгија се присетуваат на тие денови кога се славеше титулата, се славеше победата, спортот, заедништвото и довербата.
Се славеше еден друг ракомет кога играчите ги оставаа парите кај спонзорот на чување! Трифун Костовски и Лариса Кисељева не потсетија на тој необичен момент од времето на Кометал ЃП, од денешна перспектива нешто високо ризично и речиси незамисливо.
Неколку дена по празникот на Кометал шампионе, во Куманово се славеше првата домашна шампионска титула и првата двојна круна. По триумфот во Купот на Македонија, кумановки со победата против ЖРК Вардар официјално се запишаа и на големиот пехар како четврта женска екипа што ја освоила шампионската титула во Македонија, покрај Кометал ЃП, ЖРК Металург и ЖРК Вардар. Супериорно, без пораз со 20 победи и само едно реми.
Македонскиот женски ракомет во последниве неколку години е далку од славните денови на Кометал ЃП и од оние со понов датум на ЖРК Вардар. Некогаш се броеја финалиња и Ф4 во ЛШ, сега со надеж се брои секој чекор напред. ЖРК Куманово лани тргна, годинава стигна до првата цел крунисана со двете титули.
Ќе биде уште подобро ако следното биде малку подолг чекор на кумановки во Европа.