Толку помина од историска победа на Македонија против Данска во Скопје до тактичкото приземјување во Алборг
1.„Црвено-жолто“ на 200 отсто!
Замислете во јануари некој да ви кажеше дека за неполни два месеци Македонија ќе ја победи Данска?! Дека ќе го надигра светскиот шампион… Дека ќе води со осум гола разлика… Дека македонските ракометари ќе одиграат буквално без грешка… Дека Данците ќе се мачат со непробојна македонска одбрана… Дека Талески ќе ја отвори серијата и со крената тупанца ќе го поздрави Јакобсен… Дека Јоно и Бранче ќе бидат покрај линијата…Дека Миркуловски пак ќе влегува на глава… Дека Кире Лазаров ќе диригира и ќе шутира и ќе координира…
А, бе ајде што се занесувате! Невозможно…
Не верувам дека тогаш ќе имаше некој друг поинаков одговор.
Но, ете се случи и такво чудо. Три дена траеше новата ракометна еуфорија во Македонија, од падот на светскиот шампион Данска во Скопје, до реваншот во Алборг.
Новата ера во македонскиот репрезентативен ракомет почна со спектакуларна победа на ракометарите и уште поспектакуларно селекторско деби на Лазаров на македонската клупа на средина од квалификациите за ЕП 2022. Лазаров успеа да ги состави парчињата по јануарската мундијалска „експлозија“ и да покаже дека ништо не е невозможно. Уште еднаш го остави во чудо ракометниот свет со тројна улога на терен. Како капитен држи контрола на терен, како селектор ја врати довербата во македонскиот состав и успеа да го извлече најдоброто. Момците во „црвено-жолто“ пак ги видовме на 200 отсто, како се бодрат еден со друг и од невозможна мисија прават сензација.
И Данска и Јакобсен во Скопје останаа изненадени и затекнати од новата македонска енергија. Неочекувано останаа без планираните сигурни бодови, но спортски го признаа поразот и многу повнимателно ја пречекаа Македонија во вториот дуел во Алборг.
Во Скопје, Македонија повторно му се радуваше на ракометот, го славеше Кире Лазаров и новата верба во најуспешната македонска репрезентација.
2.Победа за историја
Победата на Македонија против Данска беше еден од оние историски подвизи што се паметат и ќе се прераскажуваат. Кој знае, можеби беше мелем на рана по мундијалскиот дебакл во Египет, а можеби и некоја своевидна сатисфакција за оној несреќен пораз од Данска во Белград во 2012. Во секој случај, тоа беше убаво селекторско деби на Лазаров и изразена пожртвуваност и почит од репрезентацијата за капитенот, секој со свој максимум да придонесе за резултатот. Беше и резултатскиот мотив над сето тоа, со време да се осигура континуитетот и пласманот на следното ЕП и да не остане се на неизвесност во последните две пресметки со Швајцарија и со Финска.
Впрочем, некако по традиција секоја смена на клупата, помалку или повеќе го носи тој позитивен ефект во македонската репрезентација. Најсвежи се последните три примери.
Во 2017, Раул Гонзалес ги мобилизираше силите, ги викна и Жути и Јоно на помош, за тогаш голема победа против Исланд во Скопје што ја извлече Македонија од незавидната положба во квалификациите за ЕП 2018.
Во 2019, Данило Брестовац дебитираше на клупата со тогаш исто така историска победа на Македонија против Исланд во Рејкјавик со која беа спасени квалификациите за СП 2020, по оној непрежален пораз од Грција во Кожани.
Во 2021, Кире Лазаров своето селекторско деби го круниса со досега најголемиот подвиг – победа против светскиот и олимписки шампион за осигуран пласман на ЕП 2022.
Македонија блесна во нов сјај, Данска падна. Играта и победата ја подигнаа самодовербата и донесоа три дена среќа во македонската ракометна јавност.
Но, колку и да беше сликата убава и еуфоријата голема, сепак, остана нишка на приземност дека оваа една победа не ја прави сега Македонија најсилна на светот. И добро е што е така. Миркуловски и Лазаров играа за да помогнат да се оствари краткорочната цел како база за онаа долгорочната. Илузорно е да се очекува дека тие вечно ќе истрчуваат на терен по 40-50 минути и Македонија отсега па натаму секогаш само ќе победува!
3.Висок пораз, мала база, нов систем
И во некоја рака, тактички добро беше приземјувањето три дена подоцна во Алборг кога новиот селекторско-тренерски тандем остана на клупата, а на терен беа тие што полека ќе треба да го преземаат товарот и одговорноста. Победата на Данска на вториот дуел во Алборг беше очекувана исто колку што беше неочекуван поразот три дена предтходно во Скопје.
Што ќе се сменеше ако Лазаров и Миркуловски повторно ја земеа топката во раце? Сигурно ќе беше под 10, но поразот тешко дека можеше да се избегне. Ќе имаше некој гол плус, некоја грешка минус. Ништо повеќе.
Лазаров тактички реши во втората квалификациска пресметка со светскиот шампион, да им даде шанса на тројца дебитанти во сениорскиот состав, а тој и Миркуловски да останат само со тренерските улоги на клупата. Впрочем, тоа е и реалната слика на македонската репрезентација што ќе ја гледаме во иднина. Поширок ростер, шанса за младите да се докажат и за оние малку поискусните да се потврдат и да се изборат за својата позиција. А, легендите да помагаат во стручниот штаб.
„Поставивме мала база на нов систем, играчите се навикнаа на начинот на кој ќе функционираме во иднина“, најави Лазаров.
Селекторот малку им подвикна да играат машки, но никого не искритикува иако на крај поразот беше двоцифрен, а од време на време, во новиот систем ќе пролеташе и по некоја од старите искри и лоши навики. Дел од играчите беа самокритични дека не смееле толку да загубат и да грешат. И тоа е позитивен импулс дека некои работи може да се променат. Некои не можат…
Хрвоје Хорват, селекторот на Хрватска која патем, по спектакуларниот пораз на Франција од Португалија, остана без пласман на ОИ во Токио, вчера потсети на една мудра изрека која вели вака:
„Боже дај ми сила да го прифатам тоа што не можам да го променам, дај ми храброст да го променам тоа што можам и дај ми мудрост да го разликувам едното од другото“.
Старата изрека деновиве добива широка примена.