Составот на репрезентацијата да се бира на вонредни ракометни избори, селекторот на вонредни селекторски, а тактиката на вонреден референдум. Може?
1. Една победа – еуфорија, еден пораз-гипс картон!
Убаво е што Македонија е ракометна нација, ама дајте бре луѓе да олабавиме малку! Ниту една победа против Украина е за национална еуфорија, ниту пак еден пораз од Чешка за таква црна трагедија!
Вистина е дека ракометната репрезентација во изминатава деценија е нашата најуспешна. Вистина е дека секој јануари целата нација или голем дел од неа, со ракометарите го сонува оној убав спортски сон и барем десетина дена е во бегство од реалноста. Во ракометниот свет сè уште е „светско чудо“ како од една мала земја се собира толку голема „фаланга“ за репрезентација за која едно петто место во Европа сè уште е историски успех! И горди сме на тоа, ќе лаже тој што ќе каже дека не е така. Горди сме и на оној препознатлив „црвено-жолт“ декор на европските и светските ракометни првенства. Дури и тие што не се по спортот, не остануваат рамнодушни кога таму некаде среде Виена, „Македонците се борат…“ ечи погласно и од „Радецкиот марш“.
И ги броиме головите и одбраните. И Кире е пак „кралот македонски“ . И паѓаме во транс од една победа против Украина. И, само два дена потоа, во тешка депресија оти не и вратиме на Чешка за Вараждин, туку пак загубивме… И сето тоа за нас е помалку нормално секој јануари. Додека не стане ненормално, па ќе се измешаат и баби и жаби и вујни и стрини и политика и гипс картони. А, за ракомет беше муабетот…
И, како што сме политички инфицирани, посебно сега пред избори веднаш почнува пресметката. „Импичмент“ за селекторот по брза постапка и вонредни селекторски избори, под итно! Оти, тој не е ни „маго“, ни „ел команданте“, заштитени со „Виенска конвенција“, туку наш домашен и наше демократско право загарантирано со Уставот е да го менуваме кога сакаме и колку сакаме!
Да биде разрешен веднаш и „министерот за одбрана“ и да му се стави заменски оти „фатил“ само три! И доживотно да му се забрани извршување на функцијата на голот!
Така, ами како, нема лабаво во македонската твит-демократија.
Од легендите за 35 минути правиме „персона нон грата“. А, оние новите што треба да ги заменат веднаш ги преквалификуваме во „лепачи на гипс картони во Германија“!
Среќа капитенот што се „распуца“ како во старите добри времиња, инаку веднаш ќе го пратевме да чисти палуба на некој брод во Франција! Батали децении, голови и рекорди…Битно е сега и овде, оти овие избирачи не може да паметат што било таму некаде во две илјади осма-девета или дванаесета! Тогаш кај нас уште немаше ни ФБ ни Твитер, Инстаграм па ич. После дури не просветли демократијата на социјалните медиуми.
И веднаш да се усвои нов закон во Собрание, ако може со европско знаменце, селекторот да се бира на вонредни сeлекторски избори, составот на репрезентацијата исклучиво на вонредни ракометни избори, по претходно направена анкета од стручен твит-институт.
А, за тактиката мора да се распише референдум! Нема друго. Не може селекторот сам да одлучува дали ќе игра 5-1 или 6-0, кој ќе биде во стартна постава, кој на клупа, а да не правиме муабет пак за ротации и тајм-аути. Не може! Тоа е демократско право на сите дремачи по социјалните мрежи. За џабе ли се нервираат и лупаат по тастатура 24/7?!
А, бе луѓе, да не забегавме малку? Ракомет играат. СПОРТ!
2. Сонувај. Победи…
Македонската репрезентација игра на Европско првенство, со една победа и еден пораз, сè уште е во игра да обезбеди пласман во главната фаза. Можеби не е добра споредба, ама на ова ЕП, на кое една Франција со два порази веќе е спакувана за дома, Македонија има шанси да продолжи.
Ни треба победа против домаќинот Австрија утре. Нема да биде лесно, но не е ни невозможно. Не е невозможно затоа што Австрија не е репрезентација од оние од врвот, туку противник, тука некаде, од наш ранг, со кој реално може да се носиме. Нема да биде лесно затоа што се една од трите земји домаќини и кога веќе имаат шанса, сигурно нема лесно да препуштат друг да пренесе два бода, а тие во главната рунда да стартуваат со нула.
И така, на едно коло пред крај од прелиминарната фаза во, условно, една од двете полесни групи на ова ЕП, испадна замрсено и неизвесно, впрочем како и што се очекуваше и можеше да се претпостави.
Македонија очекувано имаше добро отворање и победа против Украина, неочекувано драматично со неколку спас-одбрани на Митревски и со погодок на Лазаров во последните секунди. Среќа што уште го имаме да замавне кога другите треперат. И на негов начин да одговори на пред-ЕП дилемата дали и колку ќе игра капитенот во Виена.
Со полна пареа и со 19 гола на два меча!
Во дуелот со Чешка беше очекувано потешко и предвидливо – неизвесно, со непосакуван исход на крај. Наспроти блескавото издание на Никола Митревски на првиот дуел, во вториот меч нашите голмани немаа ден, или беа нешто како Волф и Битер погоре во Трондхајм. Славните германски чувари на мрежата во поразот од Шпанија собраа вкупно седум одбрани, нашите во поразот од Чешка имаа вкупно пет. Скапиот Волф имаше една, Битер шест, Борко три, Никуч една…И тука некои ќе „замерат“ за споредбата, ама по статистиката бројките се тие. Кој не верува нека провери.
Брестовац во дуелот со Чешка му даде предност на искуството на Борко Ристовски и според „vox populi“ направи неопростлив грев, доволно за „импичмент“. Заедно со две третини од репрезентативците што не се меѓу омилените кај твит-плебсот.
Не дека немаше грешки и пропусти. Имаше! И на клупата и на терен. Впрочем, да не беше така немаше да загубиме. Ама, за среќа, сè уште има простор доброто да се сочува, а грешките да се исправат.
Можеби пак по потешкиот пат, ама македонската репрезентација утре игра за втор круг и сè уште може да победи и да продолжи да сонува за успешен настап и остварување на целта на овој шампионат.
3. …Запамети!
Во склад со она убаво тројно лого на шампионатот – DREAM.WIN.REMEMBER., нешто вреди и да се запамети.
Ете, на пример нека се запаметат неколку бројки.
- 11 гола на Кире Лазаров – капитенот ја носи одговорноста како во старите добри времиња кога му признававме само „дос дигитос“ и сè друго под тоа беше „слабо одиграно“.
- 9 примени гола од Чешка во првото полувреме (11-9) – и со толку кудената и „промашена тактика“ ова е рекорд на македонската репрезентација – најмалку примени голови во едно полувреме на европските првенства.
- 141 км/ч брзината со која Филип Талески стави „гипс картон“ на голот на Галија. Македонскиот бек има гол со најголема брзина по првите две кола и заедно со Сагосен се смешка гора на насловната страна на ЕП 2020. Нека е и привремено, ама личи убаво.
Ете, ова нека се ЗАПАМЕТИ.
А, за она другото што треба да се заборави, има време, ќе „разглабаме“ во следните месеци пред избори. Има време.