ЖРК Ѓорче Петров на пат да ја продолжи низата на Кометал ЃП
1.Кометалки славеа јубилеј, ѓорчепетровки важна победа
Кога минатото и сегашноста ќе добијат заедничка нишка, неизоставно секогаш се раѓа една убава спортска приказна. И по 20 години, Кометал ЃП останува незаборавната приказна во македонскиот ракомет, посебно за оние што го живееја моментот. Од таа 2002 година, 19 мај е датумот што се памети во македонскиот спорт. Датум обежелан со европската ракометна титула, прва за Македонија и по многу нешта посебна. Посебна затоа што спортот и ракометот прв пат донесоа радост во едни тешки времиња. Посебна и затоа што таа титула на Кометал Ѓорче Петров тогаш беше симбол на вербата и на упорноста, но и на гордоста и на спортскиот инает.
И, можеби и еден белег „за навек“ за македонскиот ракомет – да победиш кога ќе те отпишат. Таква беше првата европска титула на Кометал ЃП во ЛШ, такви, помалку или повеќе, такви беа и оние две европски титули на Вардар во Келн, 15-на години подоцна.
Замислете од днешна перспектива, каков подвиг во спортот е цела една сезона да бидеш суспендиран од сите европски настапи на сите нивоа, и пак да опстоиш, да издржиш и да се вратиш и тоа директно на врвот!
Така оној познат рефрен „како је добро видјети те опет…“ стана „химна“ на отпорот на Кометал ЃП и на македонскиот ракомет во Европа. Добро се сеќавам, влегуваш во сала и просто, ти доаѓа да му запееш на противникот. Со таква верба и пркос играше тогаш македонскиот шампион.
Тие моменти едноставно, остануваат длабоко врежани во меморијата…И те тераат низ годините, на секое враќање каде и да е, пак да го запееш рефренот.
А, богами, има каде да се запее тоа во македонскиот ракомет и до ден денеска…
Кометалки и Трифун Костовски направија една убава традиција секоја година да се соберат и да го одбележат денот на титулата и да го зачуваат споменот на она што беше Кометал Ѓорче Петров, дури и кога клубот го снема од ракометната мапа.
Годинашниот јубилеј 20.години од титулата, беше одбележан и со оној спортски симболичен гест, титулите од Кометал ЃП да ги добие во наследство ЖРК Ѓорче Петров, а со тоа и „аманетот“, младите ѓорчепетровки да ја продолжат старата традиција на кометалки. Така прават големите шампиони!
И да биде приказната заокружена, неколку дена потоа, „лавиците“ од „Ѓорче Петров“ во гости го победија шампионот Куманово ја презедоа лидерската позиција во плеј-офот и се чекор поблиску до шампионската титула.
Ако успеат да ја освојат, ќе биде рекордна 18-та за ЖРК Ѓорче Петров, заедно со наследените 17.
И ќе имаме нова шампионска приказна.
2.Вардар во мирни води
Во машкиот плеј-оф пак, останува старата приказна во која Вардар ја има главната улога. Формално, само уште еден меч и уште една победа ги дели вардарци од официјална заверка на јубилејната 15-та титула и одбрана на двојната круна.
За разлика од некои претходни разбранувани сезони, овој пат Вардар во релативно „мирни води“ ја привршува сезоната и ги склопува коцките за наредната. Откако беше завршен најтешкиот дел во Битола, „црвено-црните“ сега мирно, рутински го тераат преостанатиот дел.
И за разлика од некои претходни, најавата за следната сезона во Вардар овој пат почнува повеќе со „приливи“ отколку со „одливи“, а Скопје повторно е ракометно актуелна и барана дестинација.
Од она што е веќе потврдено, од следната сезона „црвено-црниот“ дрес ќе го облечат португалскиот лев бек Жилберто Дуарте, црногорскиот плејмејкер Божо Анѓелиќ, рускиот пикер Павел Андреев, словенечкиот десен бек Нејц Цехте…
А, како што се крои тимот за следната сезона, многу веројатно е дека продолжува и успешната мисија на Давид Дејвис на клупата.
Шампионите така прават…
3.Тренерски испраќања од Прилеп до Битола
Помалку неочекувано, на крајот од сезоната, годинава многу побурно стана во Битола. Поголем дел од екипата со која битолскиот тим ја почна сезонава со најава за атак на шампионската титула, сега веќе извесно си заминува. Дел од нив беа најавени уште од претходно, можеби дури и малку прерано. Од искуство, со играчи со веќе спакувани куфери, тешко се бркаат големи резултати. Барем на овие наши простори.
Дел, меѓу кои и тренерот Жељко Бабиќ, си ја затворија вратата по поразот од Вардар со кој стана јасно дека Битола и годинава нема да се израдува на шампионска титула. Иако, теоретски шансата останува отворена до последно коло.
Ерата на Бабиќ во Битола не заврши како што еден тренер би посакал. А, верувам, уште помалку од онака како што бара и посакува битолската публика.
Шампионската приказна на Кометал ЃП од погоре учи на упорност и трпение на патот до целта. И онаа на Вардар од поново време, исто така учи на истрајност и пожртвуваност на оние што вистински го сакаат клубот.
Не е шампионска, но е исто така многу значајна и впечатлива и прилепската приказна како РК Прилеп го испраќа Горан Кузмановски –Таста во нов тренерски предизвик. Со врамен дрес и аплауз од публиката и од екипата. Вакви испраќања не се необични за омилените играчи. Многу поретки се за тренери. Јас искрено, не паметам друго такво после она старото од „Комити“ за Вујо, не ова последното. И сега за Горан Кузмановски, кој таму каде што ги направи првите играчки чекори, таму почна и тренерски. И со се што направи и овој пат во родниот Прилеп, како и на многу места што ги помина во кариерата, зад себе остава отворена врата.
Тоа не се купува, во спортот тоа се заслужува!