Кога уживаат оние што играат, уживаат и тие што ги гледаат
1.Формула за матурантите
Можеби деновиве сто пати е свртена темата за настапот на македонските кадети, оние до 19 години на Светското првенство во Хрватска. Можеби некој ќе префрли дека сепак, е 9.место, не е ни прво, ни второ, ни трето за да биде таква еуфорија. Друг дека е кадетско, а не сениорско за да „паѓаме во несвест“… Во ред, можеби е сето тоа факт. Но, факт е и дека овој настап на македонските кадети беше не малку, туку многу поинаков од другите во неколку битни сегменти и дека сето тоа така спакувано го привлече вниманието и ги доби симпатиите од јавноста.
Да, децата или повеќето тазе матуранти, се уште се на почетокот, можеби во најчувствителната и најпресвртна фаза. Пред нив е долг пат што треба да го изодат и сигурно дека не сите ќе продолжат со ист чекор, што е нормално. Но, некако преовладува впечатокот дека по сите разно-разни експерименти што се претураат во македонскиот ракомет со години наназад, сега е најдена релативно успешна формула за тоа како треба да функционира македонската репрезентација. И вреди тоа да се запише, да се пофали и да се поддржи за да продолжи, па нека е тоа и сто пати ако треба.
Со срце на терен, но и со памет во глава и нога на земја, оти ова се само први чекори за новата генерација.
„И да немаме успех не е ништо страшно, ние со оваа генерација имаме светско, па европско догодина. Треба да гледаме за иднината, во периодот од 3-4 години да извадиме 5-6 репрезентативци, за нас тоа ќе биде успех“, вака резонираше Раде Стојановиќ како прв човек на клупата на кадетската репрезентација, пред настапот на кадетското СП во Хрватска.
Без притисок и навидум, без големи ветувања за резултатски подвизи. Но, со многу јасно поставена цел.
2.Целта ги оправда средствата
Координацијата, компактноста, вооиграноста, проигрувањата и потезите кои се чинеше дека може да ги изведат и со затворени очи, како да играат играчи што се на терен со децении, а не кадети од 18-19 години, не се резултат само на десетдневни подготовки во Маврово. Тоа е систем и процес што се тера од Рига до Риека. Или попрецизно од Варна. Или малку подалеку наназад во изминатите неколку години во кои Раде Стојановиќ е посветен на оваа селекција.
Признавам, бев еден од скептиците кога лани на младинскиот ЕХФ шампионат во Варна, македонската репрезентација настапи со 80% кадетски состав или со 15 помлади играчи од вкупните 18. И, да бидам искрена, сѐ уште не сум начисто со тоа дали треба да се жртвува една генерација за сметка на друга, посебно во тие помлади категории, колку и да е ризикот пресметан, а средствата во функција на целта.
Но, фокусот, искуството и континуитетот за оваа генерација, дефинитивно, се покажа како добра работа со позитивен ефект. Поголем дел од овие македонски кадетски репрезентативци, минатито лето имаа двојна програма, играа и на младинскиот и кадетскиот ЕХФ шампионат и цела година систематски низ собири и контролни натпревари се подготвуваа за настапот на кадетското СП во Хрватска. Но, и на клупски план имаа забележителна улога и минутажа, што е и тоа како битен факт во комплетната слика.
„Кога треба и ние тренерите влегуваме и играме како очекуваните противници“, ќе открие селекторот Раде Стојановиќ уште еден интересен факт кој можеби уште подобро доловува зошто оваа репрезентација на чело со стручниот штаб во кој се уште и Бранко Ангеловски и Наум Танески, добро изгледа и уште подобро функционира.
3.Факти за болдирање
Токму поради забележителниот настап, но пред сѐ поради она што го видовме летово од македонските кадети, вреди да се запишат неколку факти како осврт по настапот на СП (У19) во Хрватска.
-Македонските кадети се 9-ти во светот, запишаа пет победи во седум натпревари, сите со европски селекции
-Статистички, македонските кадети имаа втора најдобра одбрана на шампионатот, а реално одиграа најдобра одбрана што е видена досега од било која македонска репрезентација на големо натпреварување, посебно во помладите категории и тоа во широка лепеза на формации, со неверојатна брза и ефикасна трансформација, плитко и длабоко со посебно ефектна игра во одбрана 3-3 со која ги изненадија и противниците, а богами и македонските љубители на ракометот.
-Одиграа седум исцрпувачки натпревари и никој после вториот не се пожали дека се уморни. Новост за нас!
-Влегуваа на терен и излегуваа со насмевки, не чекаа натпреварот што побрзо да заврши, туку едноставно, децаат уживаа во ракометот. А, кога уживаат оние што играат, уживаат и тие што ги гледаат.
-Имаше „челична“ дисциплина, ама другарска, без ниедна пцовка, ниту пак викотница од клупа. Уште една нова практика за македонските ракометни сетила.
-Македонија играше без ниеден левак на десен бек што е малку пех, а малку и пропуст, но сите сили беа оптимално искористени и тимот функционираше за разлика од една слична ситуација кај женската сениорска репрезентација кога залудно се трошеа „деснаци” на десно.
-Децата се од цела Македонија, ретко кој има забелешка на селекцијата. Уште еден нов момент за Македонија!
-Наменски ротации и рационално искористени сите можности, со игра приспособена на тоа што го имаме како потенцијал, а не на тоа што го немаме, за да го „алибираме“. Уште еден плус за стручниот штаб.
-И за прекрасно чудо, за промена, никој не се плаши ни од јавноста, ни и од микрофон. Не даваат изјави ни „на заем“, ни „на услуга“, ни како „смртна казна“, туку како вистински спортисти што на крај на денот, играат за публиката. Впрочем, како што играат, така и комуницираат и репрезентативците и стручниот штаб. Ете, уште еден нов момент за „современиот“ македонски ракомет.
Нека потцртуваат и нека препишуваат од кадетите.