Стевче Алушовски со Вардар го потопи Еурофарм Пелистер 1, Иван Марковски со Металург ја стопи „двојката“ од Битола на -13.
1.За дерби се потребни двајца
Два скопски порази во ист ден, од двајца свои поранешни тренери-битолчани претрпе во саботата битолската гордост Еурофарм Пелистер. Прво Иве Марковски со Металург ја стопи „двојката“ на Еурофарм Пелистер во своето деби на клупата во Автокоманда.
Два часа подоцна, во „Јане Сандански“, уште еден битолчанец му зеде мерка на Пелистер. Стевче Алушовски со Вардар го надигра и го потопи Еурофарм Пелистер „кецот“, во она што требаше да биде големо дерби за шампионската титула, со душа чекано цели 15 години.
Но, за дерби, нели се потребни двајца. Во оваа прва плеј-оф пресметка на двата по состав најсилни и финансиски најтешки македонски клубови, Вардар играше, а Еурофарм Пелистер, во поголем дел, само статираше. Претсезонските победи во Битола ја подгреаја желбата за тронот, но и ја заматија малку реалноста во есента без настапи. Пласманот во осминафиналето од Лигата на Европа ја крена самодовербата, дека оваа е таа сезона кога Еурофарм Пелистер може да направи два чекори напред и да го симне Вардар од тронот. Но, колку што беа гласни најавите, толку беше тивка и бледа играта на битолскиот тим во првата официјална пресметка со шампионот.
„Црвено-црните“ покажаа дека се тактички поспремни, физички надмоќни и кога е најпотребно – тимски компактни. Имаа поголема разноврсност во играта, целосна контрола на резултатот, двоцифрена разлика и на крај убедлива победа која им дава фаворитска улога и за битолската пресметка во плеј-офот.
Заклучок по дуелот – Вардар, сè уште, е класа пред другите!
2.Алушовски – Бабиќ 1-0
Саботната победа му донесе важни бодови на Вардар, но и значајни „поени“ на Стевче Алушовски на клупата на „црвено-црните“. Поранешниот македонски репрезентативец токму во својата Битола ги направи првите посериозни тренерски успеси. Беше на клупата на стариот Пелистер пред фузијата, но неверојатната сезона и победничката серија од 11-1 не беше доволна причина и да остане на неа. Битолчани не им веруваа на своите, го замeнија Аљуш со Каменица…и набрзо потонаа во порази и долгови.
Аљуш пак, не се откажуваше од својата Битола и после Пелистер седна на клупата на тогаш градскиот ривал Еурофарм Работник. Го победи Веспрем во СЕХА и ја донесе првата голема радост во ракометна Битола. А, потоа и првата победа во Лигата на шампионите. Чудните минимални порази, сепак, му пресудија за спогодбена разделба со битолскиот тим на пола сезона. По двата обиди во Битола, дојде Вардар како предизвик во период на големата транзиција на двојниот европски шампион.
Кога замина Алушовски, во Битола со фанфари дојде Жељко Бабиќ, со доверба и мисија од Еурофарм Пелистер да направи тим за големи резултати. И тргна добро… во Струга. По есента со бескрајно долго подготовки без настапи, за Еурофарм Пелистер под палката на Бабиќ, вистинската можност да се покаже и докаже беше во Лигата на Европа. Помина групната фаза и се прослави пласманот во осминафиналето.
А, потоа во Битола дојде Магдебург и неделата на големо искушение.
Приказната – Магдебург секако е фаворит, ние се подготвуваме за Вардар, испадна дека е само добро алиби за поразот и утеха за битолските навивачи. По саботното издание во Скопје веќе тешко поминува секое оправдување за лошата тактика и за инфериорноста на терен два пати по ред.
Пред дуелот со Вардар кога се одмеруваа предностите и пеховите на двете страни, токму клупата со Бабиќ се потенцираше како главен адут на Еурофарм Пелистер контра Вардар со Аљуш. Арно ама, на терен испадна дека Алушовски многу подобро си ја подготвил домашната и многу подобро знае како да се справи и со Бабиќ и со битолскиот тим. А, Вардар со оваа победа веќе е на чекор до нова шампионска титула. Сакале или не, сега на Алушовски му го признаа тоа и оние вардарци кои цела сезона бараат странец да го смени. Демек, ако е странец, тоа гарантира успех. Како Бабиќ во Битола…
3.Победничко селфи од Автокоманда
Викендов се погоди победнички за уште еден битолчанец во Скопје во дуел со „своите“. Металург под водство на Иван Марковски го декласира Еурофарм Пелистер 2 и го остави на -13, ја запиша првата победа во плеј-офот и ја врати самодовербата во Автокоманда
По третата тренерска смена сезонава, без победа во првите две кола од плеј-офот, Металург се најде во тешка ситуација пред најважниот дел од сезоната. Марковски го прифати предизвикот и за неколку дена од Автокоманда го испорача неговото препознатливо победничко селфи.
Тренерот задоволен, „металурзи“ насмеани од прв до последен. Вин-вин ситуација и за тренерот и за клубот.
Две скопски победи со битолски тренери, две маки повеќе за битолчани.