Шведска е новиот европски шампион, четири од првите шест селекции на 15.ЕП 2022 се скандинавски...пет од балканските шест не се ни во Топ 10
1.Седмерец за титула и шведска ракометна лекција
Каков завршен викенд на 15.Европско ракометно првенство! Па ваков ракомет немало ни во многу мирнодобни „нормални“ првенства, а не пак на ова „коронарното“ на кое до последно не се знаеше кој сè ќе истрча на терен!
Ако ви текува, пред почетокот на ова ЕП, сите бевме во некоја неизвесност и во прашалници какво ќе биде и што ќе донесе првенството со сета онаа збрка што ја направи коронавирусот.
Дали воопшто треба да се одигра или да се одложи?!
Па дали ќе победат најдобрите или најздравите…
И имаше се и сешто од Кошице и Дебрецин до Будимпешта. На крај во завршницата сепак, останаа оние најдобрите. А, кој знае, можеби и требаше да се случи една вакво првенство за некои работи да станат малку појасни.
Во големото финале полетна Шведска ја победи помалку веќе уморната Шпанија и покрај целата тактичка генијалност на Рибера. Екберг имаше мирна рака за оној златен седмерец очи во очи со Де Варгас, Паличка бранеше како да му е последен, а Глен Солберг паметно му го препушти главниот збор на Годфридсон и не погреши. Нормално, тоа не било ниту стихијно, ниту безидејно, ниту пак играчко газење по авторитетот на селекторот (што по „мачо балкански“ стандарди би се подразбирало!), туку смислено и однапред договорено.
„Заедно правиме план за игра и разговараме. Јас бев плејмејкер и знам дека кога си на терен знаеш многу подобро што да направиш отколку на клупа. За мене е многу нормално што тој одлучува што е најдобро за тимот…“ – ќе рече селекторот на Шведска.
Ма, лесно ти е тебе кога имаш играч како Годфридсон да диригира, би била онаа балканската реплика за Солберг.
Но, Годфридсон брзо ќе ни објасни дека тоа не е само, ете така дадено, туку е смислено и одработебно
„Се разбира, јас ја имам главната улога во нападот. Имам искуство и сакам да ја преземам таа улога на терен. Тоа не е само по природа туку е по искуство и по менталитет. Но, никогаш не се работи за мене – секогаш се работи за тимот и секој си има своја улога. Мојата улога е лидерството – на другите е да реализираат“ – ќе го објасни Годфридсон шведскиот систем.
2.Скандинавски супер-имунитет
Но, не е само Шведска отпорна на коронарните времиња во ракометот. Се покажа дека и другите скандинавци имаат супер-имунитет затоа што се вакцинирани од балканскиот менталитет.
И со корона и без корона тие си тераат напред и не отстапуваат од својот систем и концепт. Не играл Хансен, нема проблем ја мести лентата на глава „малиот“ Холм и станува Хансен. И Јакобсен не кука месец дена колку му фалела ѕвездата.
Замислете Данска да беше некоја од балканските. Без Хансен и без Гидсел во меч за медал! Ма само за тоа ќе се раскажуваше…
А, Данска ко Данска, брзо се рехабилитира по загубеното полуфинале и во „европската класика“ овој пат ја остави Франција без медал. И без Хансен и без Гидсел, замислете!
Норвешка го победи Исланд во исто така возбудлив дуел за 5.место и за директен пласман на СП 2023.
Или сумирано, тоа се четири скандинавски репрезентации во првите шест на ова ЕП. Плус во врвот, стандард, Шпанија и Франција, но, сега и двете веќе помалку во надолна линија со скандинавски порази во најважните последни мечеви.
3.Балкане, Балкане, Балкане мој…
Во друга паралела од онаа скандинавската – каде останаа балканските репрезентации во новиот ракометен поредок?
Од шесте балкански репрезентации на ова ЕП, пет не влегоа ни во Топ 10. Над линијата остана само Хрватска на, за нив сепак, разочарувачкото осмо место. Со исклучок на убавата приказна на Црна Гора и на за нив историското 11.место, сите други пет се помалку или повеќе разочарувачки.
-Хрватска е 8-ма, но хрватската јавност навикната на медали е далеку од задоволна. И сега Хрватите расправаат надолго и нашироко повеќе за ликот и делото и за селекторскиот капацитет на Хорват отколку за суштинските проблеми што веќе две првенства по ред ги влечат надолу. Со короната како алиби се разбира.
-Црна Гора е 11-та, и покрај коронарните проблеми успеа да направи своевиден подвиг со пласманот во главната фаза, повеќе на оној балкански начин – малку повеќе на пркос, понесени од националната еуфорија, со неколку натпревари на 200%. На крај и тие попуштија и во последните два натпревари со Франција и со Исланд ги стигна реалноста.
-Србија е 14-та, со играчкиот капацитет што го имаат и со Тони Герона на клупата, и да не признаваат, сигурно очекуваа малку повеќе. Посебно по оние сензационални резултати што ги извадија во квалификациите за ова ЕП. Ни треба време, немаме играчи, имавме тешка група и плус короната, се оние „балканските“ изговори зад кои и Србите ги маскираат грешките.
-Словенија е 16-та, иако се најсеверно од сите шест и Словенците на ова ЕП си тераа по балкански. Изгледаше како повеќе да кројат тактика како да го сменат селекторот, отколку како да одиграат. Не пред, не после туку на сред европско! Ептен балкански и веќе видено и претходно од оние појужно од нив.
-Македонија е 22-ра, најслаб пласман досега, прв пат без ниедна победа и враќање два чекори назад во пред-бараж за наредното СП 2023. И Македонија како и Србија имаше една сензационална победа во квалификациите против Данска што малку повеќе ја подгреа еуфоријата. Кире Лазаров во своето селекторско деби верувам сакаше и сигурна сум, можеше малку повеќе од овие три нули и две двојки. Но, за разлика од Хорват во Хрватска, Лазаров не се појави да и објасни спортски на јавноста, туку сумираше од ЕП во една забавна?! Подмладувањето, короната и тоа дека „Лазаров капитенот не можел да му помогне на Лазаров селекторот“, не е нешто многу убедливо и колку и да не сака, повеќе влече накај алиби. Онака баш балкански. И да беше некој друг досега по онаа балканска традиција, гарант сто пати ќе му баравме замена, но Кире Лазаров има доволно заслуги и минат труд за Македонија што го држат цврсто на позицијата. И најмногу поради тоа, сега заслужува време и доверба да ја поправи работата.
-БиХ е 23-та, и покрај Македонија единствена со три нули на ЕП. И за репрезентацијата на БиХ со Ивица Обрван на кормилото успехот беше главно во квалификациите и обезбедениот пласман на ЕП. Слабата лига, короната, младите и пензионерите, отказите и „тоа е тоа“… и за БиХ повеќе се балканско алиби за внатрешните многу посериозни проблеми, отколку слика за реалната состојба.
И така, Балканот со целиот свој расадник на таленти се уште тера на капка по капка, исправа „криви Дрини“, се натега со короната, вежба „кати“ со јавноста, бара оправдувања и виновници, живее на стара слава и спомени на некои минати успеси. И никако да фати по скандинавски – систем, работа и решавање на проблемот.
4.Романија како предизвик, Чешка како судбина
Што е следно? За македонската репрезентација прв следен предизвик е Чави Пасквал со Романија во пред-баражот, а потоа, здравје боже, ако биде и пак со Чешка на мегдан во бараж за пласман на СП 2023.
Таква е реалноста и ждрепката од Будимпешта.
А, целта и идејата е Македонија пак да се мобилизира со сите сили, да ги истурка баражите и да го задржи континуитетот. И онака, баражите и квалификациите ни стануваат побитни од оние главните настапи на ЕП и на СП. Во овие се бориме, на првенствата гориме и ги учиме децата да играат ракомет. И им се чудиме на скандинавците како се на се отпорни!
Фокус на пред-баражот…Иако Романија барем на хартија важеше за еден од двата најнепожелни противници во оваа фаза, сепак некако доаѓа како прифатлив предизвик.
Македонија беше поуспешна од Романија во претходната меѓусебна бараж-пресметка за СП 2019. Со убедлива победа во Скопје и минимален пораз во Клуж тогаш ја елиминиравме Романија, а го „елиминиравме“ и Чави Пасквал во првиот селекторски обид на романската клупа. Поднесе оставка веднаш по мечот во Клуж, уште пред да излеземе од сала. Трофејниот шпански тренер сега повторно е селектор на Романија и повторно ќе си има работа со Македонија. И со Кире Лазаров сега како колега-селектор. Двајцата добро се познаваат од Барселона, но во една многу подруга ситуација.
Лазаров добро го знае Чави како тренер. Пасквал пак, го знае добро Лазаров како играч, но не и како селектор…Кој ќе победи, тој ќе биде чекор поблиску до СП, односно прво до бараж со Чешка. Кој ќе изгуби, ќе му ја мисли…
Чешка пак е веќе како судбина за македонската репрезентација. Но, ајде прво да стигнеме до неа…