СЕДМЕРЕЦ: Ракомет за сите

Дали кризата ќе ги стопи буџетите и монополот на ултрабогатите клубови на ракометната сцена?

 

1. Скратени буџети и лак на нокти

Во целото ова зло што дојде со ширењето на пандемијата од коронавирусот, за ракометот во светски рамки може да има и некое добро. Колку и да изгледа тоа помалку чудно и неверојатно во оваа ситуација сега кога наместо „кршење“ во ек на сезона, играчите лакираат нокти по дома! Се разбира, во забавна намена како онаа кај Расмус Лауге. Наместо, за овој период вообичаените слики од терен, деновиве на социјалните мрежи осамнаа излакираните нокти на Лауге. Неговата ќеркичка со црвен лак го „обои“ данскиот ас. И на свој начин стави боја на целата оваа необична ситуација.

Натпреварите и лигите се откажани, одоложени, предвреме завршени или отворени на неопределено. Неизвесно е кога и дали воопшто ќе може да се доигра нешто од сезоната. Но, извесно е дека кризата ќе донесе свои последици.

Табелите и шампионите ќе се решат вака или така, но со финансиите и кризно и пост-кризно, ќе биде многу потешко. Бундеслигашите веќе ги евидентираат штетите, Барселона ги крати платите, некои клубови веќе се ослободуваат од скапите играчи…По кризата економски, неминовно доаѓа период на рецесија, намалена моќ на спонзорите и како верижна реакција – многу помалку пари во спортот.

2. Последици и трајни вредности

Може ли воопшто да излезе нешто позитивно од кризата и што е тоа што би можело да биде добро во една ваква ситуација?

Интересен одговор деновиве даде Веселин Вујовиќ – човекот што добро го знае ракометот и во ова време на звездени тимови со петцифрени милионски буџети кога парите се најдобриот „плејмејкер“, но и во она друго време кога на „20х40“ за „помала пара“ играше поголема страст.

За ракометот би можела да се случи прекрасна работа. Ќе дојде до изедначување на пазарот, ќе исчезнат ултрабогатите клубови и доминацијата на парите, ќе престане да постои монопол на неколку клубови, а ракометот ќе може да се врати на своите почетоци…На сцена ќе бидат повеќе клубови со исти амбици, а тоа би било прекрасно“ – вели Вујо мајсторе со свое видување и една потенцијална проекција како ќе изгледа ракометот после кризата.

Ракомет за сите – популарно, а своевремено и исклучително продуктивно, посебно на овие простори.

Совршено разбирливо за оние кои спортот го сфаќаат како цел. Сигурно непојмливо за оние за кои спортот е само средство. И, помалку „болно“ за тие што спорт го сакаат само кога има брз успех по секоја цена. Како тренд и добра селфи-сцена.

Може ли спортот после кризата да се врати назад кон корените?

Пред 2-3 месеци секој нормален ќе речеше – тешко, никако, ма нема шанси!

Но, сега откако светот се сврте наопаку, ништо веќе не е невозможно. Дури сето тоа изгледа и реално можно, па дури и попривлечно. Нормално, не како некое тотално враќање во минатото, туку враќање на некои стари малку позаборавени вредности во ракометот и во спортот воопшто.

Впрочем, ретко кој остана рамнодушен, гледајќи ги оние стари снимки од пред 10, 20…30 години, кога коронарно ги растресовме архивите. Така, првичната намера да се пополни простор и време во ова невреме, на крај стана убав потсетник за вистинските успеси и за трајните вредности, архивирани и малку подзаборавени во современите трендови.

3. Од Автокоманда до Будимпешта

Во меѓувреме, додека гледаме стари снимки и чекаме да помине „пикот“ и конечно да дојде падот на кризата со короната, во Македонија сè уште се сумираат мислењата и се бара најдобрата солуција како да се реши првенството, со двете опции – ако се игра или ако не се игра.

Ситуацијата се следи во континуитет (а, што ни останува друго!). И, како одминува времето се повеќе има кренати раце да се стави крај на сезоната како што направија повеќе земји во Европа, без дополнителни компликации за клубовите и дополнителни ризици за играчите, дури и ако ситуацијата со вирусот се смири во некое „разумно“ време.

Од сумираните ставови, повеќето од македонските екипи се за „административно“ решение на првенствата, со варијанти кому како најмногу одговара, иако на крај конечниот збор секако, ќе го има РФМ. Од водечката суперлигашка четворка плус „сехашите“ Вардар и Еурофарм Пелистер, пет клуба директно или индиректно се изјаснија дека ќе биде подобро да се стави крај на сезоната. За одлука на терен, со летно доигрување на првенството во некоја убрзана верзија, пак, најголем застапник е Еурофарм Пелистер. Најверојатно, и тие со своја математика во целата ситуација, да се извлече некој ас и да се одигра на карта стабилност наспроти неизвесност.

Поразличен од другите и на свој начин интересен беше предлогот од претседателката на Металург, сумирано, финалниот поредок во македонскиот шампионат годинава да се реши според билансот од европските резултати на клубовите во изминатите пет сезони.

Уште поинтересно е што деновиве Унгарија го реши првенството по приближно иста шема како предлогот од Автокоманда . Унгарската ракометна федерација го откажа продолжението на сезоната на шест кола пред крај, без да биде прогласен шампион и без испаѓање во понизок ранг, а за настапите во европските купови во новата сезона, Унгарците решија да го земат предвид поредокот од претходната сезона.

Можеби оваа „унгарска примена“ сега ќе даде дополнителна „нијанса“ на предлогот од Автокоманда. Кој знае…