За цигарите сме полабави од Словенија, ама затоа за „комуникации и изразување мислења“, по Кодекс ги „тепаме“ Словенците по неколку члена
1.Маки со Кодексот!
Во многу работи ракометно, не ретко, се повикуваме да се угледаме на Словенците, што и не е така лошо. По теркот на Словенија (претпоставувам според сличноста), УО на РФМ летово или попрецизно на 4 јуни (по ригорозната разврска на случајот Марјан Начевски без прецизна точка!) го усвоил Кодексот. Односно, во македонска прецизна верзија, два Кодекси за однесување?!
Едниот Кодекс што повеќе личи на „правилник“, е за ракометните клубови. Другиот е „Кодекс за однесување на службените лица на Ракометната федерација на Македонија“. За разлика од словенечкиот, во македонска верзија малку подетален и по некои точки многу поограничувачки.
Во првиот Кодекс им се прецизира на клубовите што смеат, што не смеат и за што одговараат. Има таму утврдено некои корисни работи, но има и некои малку збунувачки ставки. На пример не е јасно зошто со Кодекс треба да се регулира дека „клубовите кои со својот пласман избориле учество во куповите на ЕХФ се задолжени благовремено и уредно да го пријават учеството до канцеларијата на РФМ“ (член 1) кога за тоа си има правила и пропозиции?
Збунувачки малку е и член 4 според кој „ниту едно физичко или правно лице на клубот не може да има контрола ниту влијание на било кој друг клуб кој учествува во натпреварувањето – вклучува сопствеништво, управување и администрација“.
Практична примена во Битола – Дали по овој член од Кодексот за ракометните клубови, Еурофарм Пелистер не треба да има никаква врска со Еурофарм Пелистер 2, на пример?! А, од друга страна, правно може да постојат како два субјекти од ист клуб што учествуваат во исто натпреварување?
Не е баш најјасно што е формално, а што реално.
2.Нема веќе муабети од балкончето во Автокоманда…
Споредувајќи ги двата Кодекси, само за цигарите сме полабави од Словенците. Кај нив освен „алкохол и други супстанци“ забрането е и „тобакото“. Кај нас пушењето си е дозволено, односно не е забрането по Кодекс. Ама затоа за „комуникации и изразување мислења“, по Кодекс ги „тепаме“ Словенците по неколку члена.
И сега, заради ова второто може да настрада она првото. Цигара без муабет, ко кафе без цигара за пушачите.
Така, во „Борис“ и во „Јане“, по Кодекс може да ги снема пуш-паузите пред влез. Пушење додуша не е забрането со Кодексот како кај Словенците, ама поздравувања и муабети – никако! Кој знае кој што се може да каже за ракометот на тоа скалите таму.
Пуши си, ќути си и немаш гајле.
И додека го читам внимателно членовите и во глава си вртам колку тивко и мирно ќе биде во новата сезона, вака се до точка со Кодекс регулирано. Гледаш дерби Пролет-Бутел во „Македонско сонце“, мислиш гледаш „Отело“ во МНТ, со Кодексот отпечатен како програма, го препрочитуваш и внимаваш на членовите, да не се заборавиш и несакајќи, некој да заврши на Дисциплинска. Никој ништо не коментира и не вика по судии, па колку сака нека е „тесно“ на терен. А, бе милина една невидена.
Потоа одиш да го гледаш Металург, само не дај боже случајно да си мафнеш со судиите од „балкончето“ во Автокоманда или да прашаш за составот на записничка, ќе ги земеш луѓето на душа! По член 19. „службените лица својата должност на терен треба да ја обавуваат ненаметливо. По доаѓањето на терен освен со соработниците од службената маса не смеат да се поздравуваат со лица кои не се членови на екипите или официјални претставници на клубовите“.
И веднаш пред очи ми излегува Ѓоле Начевски, цел живот на ракометните терени, „другарчина“ со сите, како „по Кодекс“ ладно излегува на терен, врти глава и со никого не разговара…
Ќе треба навикнување на новата реалност, дефинитивно.
Пуши си, ќути си …
3.За збор – два прста и писмена дозвола
По Кодексот, молчењето е пожелно и препорачливо, посебно ако немаш на писмено дозвола да се огласиш нешто за ракометот.
Член 21 од Кодексот на РФМ, на пример вели дека „службените лица во однос на прашања поврзани за ракометниот спорт, натпреварите и федерацијата во јавноста и во медиумите, преку друштвените мрежи итн. можат да се огласат само со претходно писмено одобрување од канцеларијата на РФМ“.
Ова некако ич не ми оди со омилениот ми член 16. Од Уставот со кој пак, „се гарантира слобода на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата. Се гарантира слободата на говорот, јавниот настап, јавното информирање…“
Во Уставот не „предвиделе“ никакво „писмено одобрување“ за јавно изразување. Ама, контролата на вербалните и на пишаните искази некако константно ни е „рак рана“ во ракометот, и од една и од друга страна. А не би требало да биде според етиката од едната и спортската демократија од другата страна.
Најарно, пуши си и ќути си…
4.За секоја „свирка“ – писмена дозвола
Уште една точка од Кодексот и нејзината актуелна примена, деновиве прилично ја разбуричка јавноста.
По член 10 од Кодексот „службените лица не смеат да ја обавуваат своjата функција надвор од националните граници, без предходна најава и добивање на писмена согласност од канцеларијата на РФМ“.
Некако во исто време со „откривањето“ на Кодексот, во јавноста излезе и одлуката на УО на РФМ со која се замрзнува учеството на македонските судии и делегати на натпреварите во СЕХА лигата во новата сезона, со најава дека може да биде „замрзнато“ и учеството на македонските клубови во СЕХА ако не се исправат некои „правни недоследности“ во договорот на РФМ со регионалната лига. Сето тоа потврдено и детално разгледано во разговор со некои од „засегнатите страни“. Случаен и неформален, ама сега кога го препрочитувам Кодексот, може и недозволен.
Со едно кафе кој знае колку члена прекршивме!
Да не се разбереме погрешно, не е ова никаква „анти-кодекс“ кампања ниту пак некаква заложба за непочитување и хаос во спортот број еден. Правила, ред, почит и хиерархија треба да има во секој систем за тој да функционира. Но, сето тоа може да функционира и без да биде сè до толку ригорозно.
Во Словенија велат „Кодексот на однесување дава насоки, но треба да се има предвид дека презентираните насоки и совети не можат да ги заменат здравиот разум и манирите“, дека „високото ниво на авторитет и автономија бара високо ниво на посветеност и експертиза, а високото ниво на одговорност бара подеднакво високи етички стандарди“.
Словенците тоа го сумираат во две реченици, ние во два Кодекси.