ЖРК Ѓорче Петров ја продолжува новата успешна приказна на европска сцена
1.Ѓорчепетровки осминафиналистки
Австриски противник, Прокоп на клупата, на другата страна ѓорчепетровки грабат упорно напред, желни да се докажат и да победат. И на крај успеваат… Потсетува на позната сцена од 90-те години во „Кале“, според имињата и енергијата. Но, овие победи се со нов датум, се случуваа викендов во Автокоманда, во третото коло од Европскиот куп.
ЖРК Ѓорче Петров со две убедливи двоцифрени победи и со +33 на крај го декласира австрискиот претставник Румс Јагс и обезбеди осминафинале, во првиот европски настап како нов македонски шампион, наследник на стариот Кометал ЃП. И како што веќе споменав, за да биде победата на ѓорчепетровски уште посимболична, придонесе и фактот што австрискиот тим од клупата го предводеше Никол Прокоп. Тренерот на Румс Јагс е членка на славното австриско ракометно семејство, овде добро познато по Гунар Прокоп и по она старо ривалство меѓу Кометал ЃП и Хипо, од кое тогаш во 90-те, впрочем, и почна шампионската приказна на ѓорчепетровки.
Две и пол децении подоцна, ѓорчепетровки одново повлекуваат чекор и внесуваат свежина во македонскиот женски ракомет. Ако триумфот на Исланд во претходната рунда беше помалку неочекуван и рамен на подвиг, настапот на македонскиот шампион во двата дуели против австрискиот тим беше сигурен и со јасна цел – да се отиде чекор понапред и со сигурна победа да се обезбеди влез меѓу 16 најдобри во Европскиот куп.
Иако австрискиот тим не е противник од највисок ранг, сепак, позитивен впечаток остави добрата подготвеност на ѓорчепетровки, големата мотивираност, желбата да се искористи максимално шансата и слободата во играта што донесе блесок на неколку млади талентирани македонски ракометарки. Нешто што, искрено, помалку недостасуваше кај македонските ракометарки во неодамнешните репрезентативни настапи на ЕП 2022. Колку и да не е споредливо клупско со репрезентативно ниво и настап на европско првенство со настап во Европски куп, сепак, донекаде е споредлив учинок на играчите и нивната улога на терен, со истиот талент и со истите перформанси во клупскиот и во репрезентативниот систем.
Не треба многу. Неколку победи, сигурна пожртвувана игра, неколку бековски проектили и по некоја атрактивна одбрана, се доволни да ја кренат публиката и да го вратат интерес за женскиот ракомет. Ѓорчепетровки се на добар пат да го постигнат тоа.
2.Чекор напред и нова проект-идеја!
Во изминативе два месеци се виде дека интересот за женскиот ракомет во Македонија и не е неповратно загубен, што секако е позитивен сигнал за спортот кој на овие простори има и масовност и традиција. Што е за право, придонесе за тоа и организацијата на Светското кадетско првенство летово, како и ко-организацијата на сениорското ЕП минатиот месец и секако, тој чекор напред што го направија годинава македонските претставници во клупските европски настапи.
Се разбира, за македонскиот женски ракомет ќе беше уште подобро ако и ЖРК Чаир во налетот и со се она што го гради во континуитет, успееше да ја мине пречката што го делеше од пласман во осминафиналето во Европскиот куп. Со две екипи меѓу најдобрите 16 во европски куп веќе е потполно друга приказната. Вака во продолжение на сезоната останува на ѓорчепетровки да ја бранат честа на македонскиот ракомет на европска сцена во женска кокуренција. Но, и тоа е нешто во однос на тоа како беше претходно.
И, сега кога дел од женските ракометни клубови во Македонија конечно се поместија од мртвата точка и како ЖРК Ѓорче Петров отидоа чекор понапред од она што беше со години редовна практика – учеството во Европа да биде само колку да помине, најчесто со две гостувања и експресна елиминација, повторно провејува идејата за создавање клуб-репрезентација. Не ревизија на единствената лига со разводнет квалитет и нејасен статус на „полу-аматерска“, туку клуб-репрезентација како најдобра солуција!
Со сите аргументи „за“ и „против“, никогаш не стана до крај јасно што би било позитивно, а што негативно во еден таков проект, ниту пак што има на тоа да кажат другите клубови поединечно или заедно во Здружение на клубови кое, патем од некоја причина, се уште го немаме. Јасно и гласно, не задкулисно.
3.Клуб-репрезентација – прифатлива или неприфатлива опција?
Идејата клуб-репрезентација вообичаено, најмногу има селекторска поддршка. Добро се сеќавам дека еднаш веќе беше и официјално предложена слична идеја од претходниот селектор, Симе Симовски, во периодот кога беше укинат вториот тим на ЖРК Вардар кој тогаш важеше за најголема репрезентативна база. И, тогаш идеајата беше официјално отфрлена како „неприфатлива и невозможна за реализација“.
За некоја година подоцна одново да биде пласирана, сега од актуелниот селектор Љубомир Савевски, како „единствен начин да се успее“. Опцијата или идејата, според селекторот е да се соберат поголем дел од кандидатките за репрезентација во еден клуб, „да тренираат под надзор на Федерацијата и репрезентацијата и да напредуваат онака како што е примерот со машкиот клуб на „Алкалоид“ каде што младинските и кадетските репрезентативци се собраа во еден клуб…“ . Отприлика, така некако, според исказот на селекторот на женската репрезентација на Македонија, во интервју од пред неколку дена.
Но, останува нејасно, дали овој „единствен начин да се успее“ е подеднакво прифатлив и за другите клубови кои исто така имаат репрезентативки во своите редови, вложувања и долгорочни планови? Како ЖРК Ѓорче Петров на пример…Тие треба да се откажат од репрезентативките и да ги препуштат во клубот-репрезентација или да се борат да ги задржат и да ризикуваат тие да „испаднат“ од репрезентативниот систем?!
Впрочем, и за машкиот проект колку што знам, мислењата се уште се поделени. Или не се?
И добро е пред да се спроведат вакви идеи од национален интерес во приватен проект, да се отвори една поширока дебата во која ќе бидат вклучени сите релевантни фактори, јасно и транспарентно. Впрочем, има во Македонија и национална Спортска академија за ракомет, која исто така би требало да биде вклучена во градењето на национална стратегија на највисоко ниво. Ако веќе правиме муабет за вистинска национална стратегија, а не само за повремени клуб-репрезентација проекти.