Битола заслужено се радува, Скопје чека прилика, но битно, тргна работата
1.Еден од четири, а сепак задоволни!
Тргна работата нагоре, што би рекол еден мој драг пријател, додуша, малку во подруга конотација. Но, битна е насоката, нели. Иако бодовниот биланс од двата европски настапи на македонските клубови во изминатата седмица е еден од можните четири, сепак, овој пат пулсот на јавноста е позитивен.
Нормално, Битола ќе се радуваше уште повеќе ако Еурофарм Пелистер од Лисабон наместо бод, донесеше два, по извонредната партија против Спортинг во Европската лига.
И во Скопје ќе беше повесела атмосферата ако Вардар од исто така добрата партија против Кил во Лигата на шампионите, „чепнеше“ барем бод во Германија… Но, кога играта и пожртвуваноста е за пофалба, тогаш и поразот полесно се поднесува.
А, што се однесува до критика, овој пат и таа добива пофалба.
Како тоа?! Па, еве вака…
2.Битолчани во Лисабон
Битолчани во Лисабон се надминаа себе си против еден од главните фаворити во Европската лига. Беа блиску до победа, на крај останаа со голем бод, но ја продолжија серијата на четири натпревари без пораз по оној лош старт со Ним за кој добија многу критики од битолската публика.
Но, критиките во битолскиот случај донесоа резултат. Нормално, реакциите од јавноста сигурно не се клучни за пораз или победа, но знаат да бидат и тоа како стимулирачки елемент за да тргне работата нагоре.
Уште повеќе кога и раководството доблесно го слуша и го почитува гласот на јавноста. И кога ечат пофалби и кога „удираат“ критики, некогаш со нереални очекувања, но некогаш и со по некоја корисна сугестија…Не залудно велат – повеќе очи подобро гледаат.
Убаво го кажа тоа и првиот човек на Еурофарм Пелистер, Зоран Стерјев, во онаа емотивна порака по мечот во Лисабон ставајќи уште една убава коцка во мозаикот за битолската ракометна приказна.
Ракометна Битола долго чекаше влез во Европа и заслужува да се радува на успеси и победи на клубот со кој се идентификува градот.
Како Веспрем во Унгарија, така некако кај нас е Битола. Им фали само уште една токму таква „саличка“ и за ракометот во Битола ќе нема зима.
3.Вардар се разбуди во Кил
Во лошата серија на вардарци од шет порази по ред во Лигата на шампионите, последниот меч на гости кај Кил, сепак, е еден добар момент. Колку што може пораз да биде добар…
За разлика од претходните пет дуели во кои „црвено-црните“ во поголем дел беа инфериорни, на гости во Германија беа, во најмала рака, рамноправни со ракометниот гигант од кој во Скопје „глат“ изгубија само неколку дена пред тоа. Во Кил веќе беше друга приказна за вардарци. Поведоа на стартот, се вратија од негатива, напаѓаа речиси без грешка, а играа без класичен организатор.
Го гледаш Кудуз – мислиш Хансен потпишал за Вардар, го „кине“ и по лик и по шут.
Мартин Томовски собира одбрани, ко да му е прв братучед на Ландин.
На Тото во одбраната, на крај можеа и Винцек и Пекелер да му честитаат.
А, сигурно и Јиха на Вујо за драстичната трансформација на играта на Вардар за само неколку дена, од првиот меч во Скопје до вториот во Кил.
И само малку недостасуваше Столе Петрушевски, овој пат како асистент на Вујо, да тргне уше една историска цртка со Вардар против големиот Кил. За малку…
Вардар се разбуди и во Кил, иако некомплетен, заигра пак како на почетокот на сезоната и конечно, онака како што посакуваат вардаровите навивачи.
Што го подигна Вардар од летаргичниот слободен пад во изминатите неколку кола во ЛШ? Едни велат Вујо ја смирил топката, други дека Столе донесол позитива на клупата, трети дека Михо ја зел работата во свои раце…
Критиката, дефинитивно, знае да ги придвижи работите и да биде добра стимулација. Впрочем, ниеден тренер ни спортист не сака завртен грб од трибината.
Ете, уште една пофалба на критиката.