Македонските претставници завршија со европските настапи и сега главна преокупација останува суперлигашкиот плеј-оф
1.Куса европска пролет
Вториот пораз на Вардар од Веспрем и елиминацијата во осминафиналето од Лигата на шампионите и официјално означи крај на оваа европска сезона за македонските претставници. Крајниот дострел, со вонредните одлуки на ЕХФ, беше осминафинале за Вардар во Лигата на шампионите и осминафинале за Еурофарм Пелистер во Лигата на Европа. Според очекувањата, амбициите и споредено со резултатите од претходните шампионски години – премалку. Според реалните можности и проценки – тука некаде.
Во сезоната со многу поместувања, одложени и службено регистрирани натпревари, Македонија стартуваше со четири претставници во европските купови во машка конкуренција и со два во женска конкуренција. Вардар со рејтингот на тогаш сè уште актуелен европски шампион со продолжен стаж, доби директно место во групната фаза од ЛШ. Еурофарм Пелистер со вицешампионскиот статус стартуваше од групната фаза во Лигата на Европа, Металург стигна до неа со два круга квалификации, а Бутел испадна на првата пречка.
Во женска конкуренција европската авантура на македонските претставнички беше уште покуса – ЖРК Металург го откажа настапот во Европа, ЖРК Чаир настрада од Наиса уште во второто квалификациско коло, а ЖРК Куманово исто така одигра само два меча во Европа и испадна од Галичанка во третото коло од ЕХФ Купот.
Кај ракометарките во изминатите неколку години веќе се навикнавме на ваква разврска и брза елиминација на македонските клубови од евро-сцената. Но, во машка конкуренција, европската пролет траеше многу подолго. Се досега…
Не така одамна некаде во овој период веќе се резервираа билети за Келн. Сега ни останува само да си го вртиме оној познат стих :
„Патувај Европо, не чекај повеќе на нас…“
Нам ни е добро, си играме дома плеј-оф!
2.Планови, падови и 80-ка за крај
Од кого се очекуваше нешто повеќе од постигнатото?
Во прв ред од Вардар заради реномето и квалитетот што сè уште го има во „црвено-црните“ редови иако клубот минатата сезона помина низ многу турбуленции. Сепак, две победи и едно реми од 14 натпревари во групната фаза, несметајќи ги трите „службени“, и вкупно 10 порази во групната фаза и во осминафиналето, севкупно е слаб учинок на поранешниот двоен европски шампион, без разлика на сите кризи и проблеми. Уште попоразителни за вардарци се двата убедливи порази од Веспрем и оние 80 гола што им ги смести унгарскиот шампион во мрежата за седум дена. Стевче Алушовски по дуелот призна дека Веспрем сега е многу посилен од Вардар. Давид Дејвис пак на другата страна, слично како своевремено Ким Расмусен со ЧСМ против ЖРК, дочека добар момент да му се реваншира на својот поранешен клуб, пред сè за оној болен пораз во финалето на Ф4 во Келн. Колку тоа било важно за Дејвис и за Веспрем покажува и статистиката. Во нивните четири меѓусебни дуели во ЛШ по тоа финале, унгарскиот тим има четири победи и постигнува 20+ голови уште во првото полувреме. На тоа плус оди и септемврискиот триумф на Веспрем против Вардар во одложеното СЕХА финале, севкупно петти по ред во меѓусебните дуели по келнското финале.
На крај, како заврши, за Вардар можеби ќе беше поарно и да го немаше тоа административно осминафинале. Мала утеха е дека, ете и Келце со многу поголем ростер и буџет од Вардар, заврши во истата фаза од ЛШ.
И од вицешампионот Еурофарм Пелистер со финансиски стабилна платформа и големи амбиции минатото лето и за настап во ЛШ, сигурно се очекуваше нешто повеќе од она немоќно издание и поразителна завршница во осминафиналето во Лигата на Европа.
Што ќе биде во иднина, дали ќе продолжи оваа надолна линија или македонските клубови ќе успеат повторно да се издигнат и стигнат подалеку од осминафиналето можеби веќе во следната сезона, во многу ќе зависи од парите, но и од концептите, и во Скопје и во Битола.
Во меѓувреме, фокусот се враќа на домашна сцена и на завршницата во суперлигашкиот плеј-оф во кој Вардар и Еурофарм Пелистер веќе се издвоија пред другите.
Но, под водечката двојка борбата е и тоа како жестока и неизвесна.
3.Се топи Металург
Металург, дефинитивно е најголемото разочарување во плеј-офот. Според ланските амбиции и играчки инвестиции, реално се очекуваше тимот од Автокоманда да се врати на старите патеки, па дури и да влезе во некоја рамноправна битка со Вардар и со Еурофарм Пелистер во „водечката тројка“. Но, наместо таргетираната цврста позиција, финишот на сезоната донесе неочекувано „топење“ на Металург. Премногу кризи и турбуленции, премногу тренерски смени и осцилации. И премногу неочекувани порази.
Групната фаза во Лигата на Европа сезонава беше некако реална граница за „металурзи“, иако не беше невозможен и подвиг во осминафиналето да не беше она катастрофално издание на последниот дуел во Виена. Но, ако европското издание на Металург беше горе-долу во рамки на очекуваното и покрај неколкуте големи порази, домашното во плеј-офот е далеку под од тоа што се очекуваше да биде некогашниот шампион. Три порази и само една победа и едно реми го спуштаат Металург во „долната зона“. Ако поразот од Пролет беше шок на стартот, ремито со Струга беше безмалку сензација, а катастрофалниот пораз од Еурофарм Пелистер на домашен терен беше болно враќање во реалноста, поразот од Охрид веќе е сериозна закана за Металург догодина да остане само на домашна сцена.
Зошто овој Металург со сериозни странски засилувања во составот од калибарот на еден Златко Хорват, Милан Поповиќ, Марко Тарабокија… има послаби резултати од оној ланскиот „колибри“ тим во кој главно товарот го изнесе домашната младина, веќе е тема за сериозна анализа за раководството во Автокоманда. И дефинитивно, за преиспитување на концепцијата и на стратегијата, ако воопшто и остана време да се спаси сезоната.
Во спротивно како тргна топењето, за Металург баш буквално ќе биде
„Патувај Европо, не чекај повеќе на нас…“