СЕДМЕРЕЦ: Парадоксот на Членот 13

Може во сениорска репрезентација, ама не може во домашната лига?!

1.Женската репрезентација со нова енергија

Не победија, ама не разочараа. Воопшто! Женската сениорска ракометна репрезентација на Македонија со шест дебитантки во составот, сите младинки и кадетки, излезе на мегдан со Црна Гора во првите два натпревари од ЕУРО Куп 2022 во неделата на ЕХФ. Излезе и одигра, храбро, мотивирано, со нова енергија, без алиби и без глорификации на противникот.

На првиот меч во Скопје солидно и достојно, на вториот во Никшиќ уште поимпресивно, со 30 постигнати гола и на чекор до реми. Фактот што Црна Гора на вториот дуел беше комплетирана со искусните Радичевиќ и Мехмедовиќ, а Македонија без најискусната Ѓоргиевска и без Ристовска, дава дополнителна вредност на играта и на резултатот и отвора простор за верба и надеж во потенцијалот на новата генерација.

2.Фокусот на иднината

„Ова е за иднина…Сега ќе бараме и други решенија “, ќе рече Љубомир Савевски, по првиот натпревар од неговиот нов селекторски мандат во женската сениорска репрезентација, посочувајќи дека секогаш е добро да се пробаат силите со посилен противник.

И да се испробаат сите тактики и варијанти, колку и да изгледаат тие во некои моменти дури и чудни и нелогични. Барем од трибина перспектива. На клупата, сигурно, маневрите лево-десно се со друга математика.

За долгоочекуваното ЕП 2022 на кое Македонија како еден од трите домаќини, по десетгодишна пауза, ќе се врати на големите натпреварувања, ќе се мобилизираат сите сили и се што може да се извади на репрезентативно ниво од македонскиот женски ракомет. Такви се најавите.

Но, фокусот дефинитивно ќе биде на иднината и на енергијата што ја носи новата генерација која летово веќе исчекори напред со триумф на младинскиот ЕХФ шампионат.

3.Регулативата ги жртвува талентите

И токму кога новата генерација и неколку исклучителни таленти на 14-15-16 години по подолго време отскокнуваат од просекот и даваат нова надеж за македонскиот женски ракомет, доаѓа помалку нелогичен потег од администрацијата во РФМ. Новата регулатива која младите таленти ги враќа чекор назад одземајќи им ја можноста да настапуваат во домашната Женска ракометна лига, која каква-таква сепак, е највисок ранг на натпреварување на домашна сцена.

Со Член 13 од Пропозициите за Женската ракометна лига ставен е лимит – во натпреварувачката сезона 2021/2022 право на настап во Лигата имаат само ракометарките со 16+! Важи за сите без исклучок, претпоставувам со цел да се стави ред и да се задржи одреден рејтинг на Лигата во која нема друга селекција бидејќи сега е една единствена во женска конкуренција.

Но, од друга страна, регулативата става лимит и на напредокот на најталентираните кои наместо да се стимулираат, административно се враќаат чекор назад, ставени да бидат исти со сите и свесно или несвесно да се „стопат“ со просечноста.

Парадоксот на Член 13 е што креираме репрезентација со нова генерација во која се стимулираат новите таленти, а талент како Ива Младеновска, која беше МВП на младинскиот ЕХФ Шампионат, на клупски план административно, од прв тим ја враќаме во младински тим и ја лимитираме да не може да игра и да напредува со поискусни покрај себе на посилни натпревари. Без разлика на својот талент и дали со него изборила место во прв тим.

Во сениорска репрезентација – може, во домашната лига – не може, млада е?!

Замислете Црна Гора така да ја лимитираше Ѓурѓина Јауковиќ кога беше најмлада во Будуќност или Словенија да го вратеше Домен Макуц да се додава само со пионери во Целје!

Малку повеќе чувство за талентите нема да е на одмет, за да не ги изгубиме и тие малку што ги имаме.