Вардар стигна до ново СЕХА финале, па потоа ја загуби титулата...и мирот во соблекувалната
1.Handball is back!
Ракометот се врати на големата сцена, а Веспрем на тронот во регионалната СЕХА лига. Деветтото издание на Ф4 турнирот во Задар беше првиот голем настан на ракометната сцена во новите услови и по сите оценки на учесниците и на сите тие што беа дел од спектаклот, СЕХА успешно го положи тестот во новата реалност.
И организациски и натпреварувачки септемвриското издание на завршниот турнир во СЕХА заслужува многу позитивни оценки. Веспрем во Задар допатува како голем фаворит и заслужено си замина со убавиот нов пехар. Унгарците го симнаа Вардар од тронот и стигнаа до својата третата титула – шампиони на СЕХА. Попатно, унгарскиот шампион ги собра и безмалку сите индивидуални признанија и импресивната сезона во која имаше 12 победи и само два порази, ја запечати на начин на кој што се очекуваше. Или, што би рекле Хрватите –„Унгарците се претешка категорија за ова СЕХА друштво, едноставно!„
Го почувствуваа тоа и Мешков Брест во полуфиналето и потоа и Вардар во финалето. Вардарци по втор пат во историјата на СЕХА лигата, му го препуштаат тронот на Веспрем. И, никогаш не е едноставно кога се губи титула, тоа е факт.
Но, ако сме реални, факт е и дека за Вардар во новите околности и во ова ново издание поинакво од претходните, не е безначаен успех ни пласманот во СЕХА финалето, посебно по онаа голема полуфинална пресврт-победа против ППД Загреб. Вардар покажа дека не е тим што се отпишува и ако фати мирен тек, може да биде пак и тоа како опасен.
Ако фати мирен тек…
2.Што е полошо од поразот?
Ама, Вардар во финалето пак некако се разбранува. Брзо стана јасно дека Веспрем во полна сила и пополнет „до заби“ на секоја позиција, цврсто ги држи конците во свои раце, а Вардар тешко ќе може да го изненади како што му стори на Загреб. Дури и Талески да имаше „десетка“ и Вујин да торпедираше како во Кил и Кантегрел да бранеше како Омејер…Уште помалку откако почнаа на терен да се расчистуваат сметките меѓу „шампионите“ и „новаците“. Па пукна тиквата на тајм-аутот и после се веќе беше да се протурка некако мечот до крај.
Впрочем, уште на Струшкиот турнир, „мирисаше“ дека тука е тенка спојката во Вардар. Ајде, си викаш, ќе ја надминат со тек на време. „Новаците“ ќе одговорат на предизвикот, а шампионските ѕвезди ќе се привикнат на сегашноста. Ама нешто тешко им оди…
Во Струга се наѕираше проблемот, во Скопје против Нексе, зеде замав, ама свесно или незвесно некако сите како да го занемарија во интерес на „повисоките цели“… И после, во Задар, апла, излезе на виделина голема нетрпеливост во „црвено-црниот“ табор. Кога не одеше, Чупиќ викаше по Алушовски, Дибиров во најлош момент се обиде да се пресмета, ни помалку ни повеќе баш со грамадата Благотиншек…Талески ја доизгуби и така дефицитарната самодоверба… И на крај пола тим второто полувреме го преседе на клупа, а остатокот остана да ја брани титулата и да се бори како знае и умее со Веспрем, со времето и со негативата.
Тоа беше уште полошо од поразот.
3.Тајм-аут шампиони!
Чупиќ си дозволи да „урла“ на Алушевски на тајм-аут, да бара објаснувања и да ги праќа соиграчите во соблекувална?! И од легенда да е, малку премногу е. Дрско, непристојно и во најмала рака, некоректно од Чупиќ и кон тренерот и кон соиграчите, каква и да е целта и намерата.
Хрватското крило е голем играч, секоја чест! Има три титули во ЛШ, две од нив „вардарски“, влезе во историјата и го задолжи Вардар за век и веков со оние шампионски погодоци во Келн… Ама овој пат претера и заборави дека им држи лекции на оние што биле пред него вардарци со децении! Баш ме интересира дали Чупиќ ќе си дозволеше вака да му држи лекции на Вори ако случајно викендов во Задар го носеше дресот на Загреб наместо на Вардар? Или каква „повратна“ ќе добиеше Хрватот ако на местото на Алјуш беше Вујо или Лино, а?
Тука, дел од вината во целата оваа ситуација, оди и на сметка на тренерот Стевче Алушовски кој ги испушти малку повеќе конците, најверојатно за „мир во куќа“, губејќи патем дел по дел од својот тренерски авторитетот. Па еднаш му дозволи на Чупиќ да му води тајм-аут, втор пат дозволи да му се правда додека овој му се дере на микрофон на сред финале… И, како тргна, кој знае што ќе биде следно. Ако не пресече Михајло Михајловски на време и сите убаво да ги потсети зошто е овој Вардар 1961, а не Вардар 2013.
Ниедна пресметка на играч со својот тренер на терен не може да има ни објаснување, ни оправдување. Без разлика кој е и што е, дали го почитува или не, дали тој греши или е во право, дали сака некој друг на негово место… Или нешто трето е во прашање.
На терен тренерот е тренер, играчот е играч, секој со своите права, обврски и одговорност. Освен ако не е играч-тренер, ама за тоа некој прво треба да даде амин, нели? Се работи за актуелниот европски шампион, не за некоја аматерска третолигашка екипа!
Тимски недоразбирања и нетрпеливости се решаваат во соблекувална или кај претседателот во канцеларија, не на терен. Крај!