Необична сезона со два фајнал-фор-а, „la decima“ на Барса и легендарен проектил на Лазаров
1.Изненадувања и разочарувања на големата сцена
Се спушта завесата на уште една бурна ракометна сезона. Почна со многу прашалници – Дали ќе се игра ракомет? Како ќе се доигра со сите одложувања? Ќе се врати ли публика? Како ќе се преброди пандемиската криза и згуснатиот распоред? Каква ќе биде необичната сезона со календарски два Ф4 во ЛШ? Ќе има ли изненадувања или разочарувања на големата сцена?
Прашалниците се тргаа еден по еден. Елитното натпреварување се врати во својата нормала. На завршниот турнир во Келн му недостасуваше само публиката во „Лансес Арена“ за да биде повторно оној гламурозен спектакл. И да не се поклопеше најголемиот ракометен спектакл со стартот на фудбалското ЕУРО 2020 во иста „сатница“ што го стави Келн малку во сенка на спортската сцена. Но, на теренот на годинашниот Ф4 имаше буквално се што го прави посебен и единствен завршниот турнир во ЛШ. Во Келн видовме и доминација и сензација, радост и разочарување, ѕвезди на доаѓање и ѕвезди на заминување и многу бројки за историја.
Барса се врати на тронот, Алборг беше немоќен во финалето, но направи сензација ден претходно. ПСЖ уште еднаш потврди дека не е сè до парите ни до ѕвездите. Пораз за ПСЖ и за Раул „ел команданте“ кој ни годинава не успеа да извојува европска титула со скапиот париски тим како што тоа му успеа со Вардар во 2017. Нант ја комплетира приказната на Ф4, но францускиот тим сепак, својот дел од сензацијата ја направи преходно кога ги исфрли прво Кјелце, па потоа и Веспрем. Завршниот турнир во Келн дојде како кулминација.
Ако на крај се повлече линија, во сооднос со буџетот и ростерот што го имаат на располагање, ПСЖ и Веспрем со поранешните вардарци на клупата, дефинитивно се разочарување на сезоната. Со европските резултати тука некаде е и Кјелце.
Вардар по големата криза во последните две сезони е сè подалеку од големото друштво.
Кил го фати „проклетството на шампионите“ и по доминацијата во декември, во мај не стигна ни до Келн.
Без разлика на последните порази, Алборг и Нант се сензацијата на сезоната.
Барса е константа.
2.Десетка со стил
„La decima“ за Барселона! Недостижна десетта титула во ЛШ за најтрофејниот клуб во историјата во нивното 15 финале во најелитното европско натпреварување. И тоа „la decima“ за чиста 20! Без ниеден пораз во сите 14 натпревари во групната фаза и сите шест во завршницата. Со рекордни +13 во финалето против Алборг, Барса дефинитивно, најмногу од сите го заслужи подиумот во Келн.
Шпанскиот гигант во одложен декемвриски Ф4 го загуби финалето од Кил, а само пет и пол месеци подоцна го презеде тронот во голем стил и одново ја подигна летвичката речиси на недостижна висина, нешто што ја прави Барса „повеќе од клуб“ и во тој сегмент.
Шампионско збогум какво што само може да се посака, во Келн имаа две легенди на Барселона, капитенот Раул Ентрериос кој става крај на играчката кариера и тренерот Чави Пасквал кој по повеќе од една деценија на клупата летово го напушта каталонскиот клуб и се сели во Букурешт. Со повеќе од импресивни бројки од 60 победи во 60 натпревари сезонава во пет натпреварувања и освоени исто толку титули.
Со шампионска титула од Барселона летово заминуваат и Палмарсон, Сорендо, Доленец, Мелер…А, Барса со „la decima“ сега отвора нова ера, со некои „нови клинци“ кои се калат во големиот тим. Како 20-годишниот Домен Макуц на пример. Нема споредба, но ете, Макуц е иста генерација со нашиот Мартин Серафимов. И не му беше рано да замине од Словенија, да игра на Ф4 и со 20 да ја прокнижи и првата шампионска титула.
Но, тоа сепак е Словенија, ќе рече некој сигурно.
Од Македонија само Лазаров толку млад замина. И успеа. И две децении испишува историја.
3.Левица за „автограм“
Ако остане дефинитивно дека следната сезона во Нант ќе му биде последна во играчката кариера, тогаш овој Ф4 во Келн за Кире Лазаров беше проштален. Со единствената титула освоена со Барселона во 2015 година, со седум полуфиналиња од вкупните девет настапи на Ф4 во Келн, со титула најдобар стрелец во историјата на ЛШ и прв што ја надминал фантастичната граница од 1.000 гола во европската ракометна елита, прв и единствен селектор што играл на Ф4. И Лазаров како и Барса од Келн замина со високо подигната летвичка за тие што доаѓаат по него.
И најверојатно единствен што со 41 година може да стави печат на Ф4 со оној проектил од 101 км/ч во мрежата на ПСЖ.
Лазаров со Нант не стигна до посакуваната втора титула во ЛШ, но со него во составот францускиот тим во четири години два пати стигна до Ф4. А, Лазаров и на залезот на кариерата остава свој белег на големата сцена.
Одјава во Келн со „стотка на саат“ и спринт дома, на селекторската клупа во тешка мисија и тука да ја подигне летвичката некој сантиметар погоре.