Бутел за три дена ја отвора новата евро-сезона, а ден потоа тргнуваат и Металург и Вардар.
1.Со Келце на суд, со Ѓенѓеш на терен
Ќе имаат ли среќна рака ракометарите на Бутел да ја отворат новата европска сезона, по многу нешта различна од сите други досега? Скопскиот тим за три дена, прв стапува на сцената, во првиот од двата „врзани“ натпревари на унгарски терен против Ѓенѓеш, во првото квалификациско коло од новата Европска Лига. А ден потоа, во двојна скопска програма, како во добрите стари времиња, првиот официјален чекор во новата сезона ќе го направат и Металург и Вардар, едните во новата Европска Лига, другите во доигрувањето на старата СЕХА сезона.
За Бутел ова е втора европска сезона по ред и континуитет фатен во вонредни услови, според ланските пласмани. Шансите за продолжен престој во Европа на прв поглед не се големи уште повеќе што Бутел и двата меча со Ѓенѓеш ќе ги игра на унгарски терен. Но, не се ни исклучени.
Кој знае што се може да се случи во овие нови услови!
Впрочем, ако можеа да му фрлат ракавица на Бертуш Сервас и да го предизвикаат Келце на правна битка за Фарук Јусуф, сигурно нема лесно да му се предадат ни на Ѓенѓеш. Во оваа сезона и така најизвесно е дека се ќе биде неизвесно.
2.Битолска „тројка“ за скопската „двојка“
Извесно – неизвесно е што ќе донесе новата сезона и кај актуелниот и кај поранешниот македонски шампион. И Вардар и Металург, низ годините веќе навикнати на разно-разни кризи, на нозе ја дочекаа и оваа коронарната и со оглед на околностите, добро се справија и добро испазарија.
За четири дена, во Скопје, по подолго време, пак ќе има двојна ракометна програма. „Металурзи“ засилени и подновени, од Автокоманда тргнуваат против Спачва на патот со две елиминаторни пречки до групната фаза во Европската лига. „Вардарци“ пак во ново издание, прво ќе треба да ја довршат старата заостаната работа од претходната недовршена сезона и да го (до)решат Нексе за пласман Ф4 во СЕХА, деветти по ред и за лигата и за „црвено-црните“.
Битна „фалинка“ во оваа двојна скопска програма за неколку дена, ќе биде тоа што сега публиката не може да трча од Автокоманда до Аеродром, ниту пак да се бира еден од двата натпревари, бидејќи поради короната, трибините мора да бидат празни. Но, короната за среќа, овде се уште не го „убила“ интересот за ракометните збиднувања, па како резервна варијанта остануваат ТВ екраните. Како и да е, секој сака да ги види Вардар и Металург на дело, во првото официјално издание во новата сезона.
Во неофицијалното издание, во меѓусебниот дуел Вардар го победи Металург, а и едните и другите неочекувано супериорно, претсезонски ги преслуша Еурофарм Пелистер. Ако претсезонските резултати се некое мерило, тогаш Металург во новата сезона влегува со три претсезонски победи и два порази, едниот од Еурофарм Пелистер во Струга, вториот од Вардар во Скопје. Вардарци пак, имаат претсезонски биланс 4-2, со два порази еден по друг од битолските „фармацевти“. Што малку ја крена тензијата во она одбројување до стартот на новата сезона.
Тие „три од три“ за Еурофарм Пелистер или битолската лекција за „скопската двојка“ од „голема тројка“, покажа дека и во Вардар и во Металург недостасуваа(т) одредени спојки што ќе го поврзат и ќе го зацврстат новото и старото во една целина.
- Мозаик или калдрма, битно се редат коцки
Кој знае, можеби и на македонските тимови за подобро да „кликнат“ им недостасува некој добар тим-билдинг како оние што традиционално ги практикуваат Германците. Или како оние забавните на Веспрем и на Ѓер, добро осмислени и уште подобро медиумски пласирани. Македонските клубови, генерално се малку поскромни во тие претсезонски активности, со чест на некои позитивни исклучоци како оној на Еурофарм Пелистер на годинашните подготовки во Маврово, на пример. Од тим-билдингот или не, првиот впечаток е дека во Битола најбрзо се вклопи тимот.
Со или без „тим-билдинг“, во Вардар се уште се чека „соблекувалната да кликне како што треба и новите играчи да ги прифатат своите улоги“, како што појасни Иван Чупиќ во интервјуто пред некој ден, сега веќе во улога на староседелец во „црвено-црниот“ табор. Сето тоа дополнето и со една оптимистичка најава дека „на крајот на денот во Вардар секогаш се оди на победа“.
Повеќе време за воигрување и за компактност на тимот му треба и на Металург. Но, и во Автокоманда, дефинитивно не недостасува оптимизмот додека трае одбројувањето пред стартот на новата сезона.
„Сите коцки ќе бидат поставени на потребното место и максимално подготвени ќе влеземе во двомечот со Спачва“, не се сомнева Зоран Кастратовиќ.
Порано или подоцна, битно е коцките да бидат наредени.