Стариот Вардар го протна новиот Вардар 1961 на новиот Ф4 од старата сезона на стартот од новата во СЕХА лигата?!
1.Како хамбургер без плескавица…
Вака ќе биде, така ќе биде…по многу исчекувања, конечно тргна и најжелно очекуваната нова сезона со остатоците од старата. Во нов формат, со нови правила и протоколи. Со нови очекувања и амбиции, ама со празни трибини. Не дека не сме виделе и такви, сме виделе. Но, сега вака сето тоа изгледа невообичаено, помалку чудно, тивко и глуво.
Ракомет без публика е како хамбургер без плескавица, сликовито опиша колегата Југослав Костовски коментирајќи го првиот официјален натпревар во новата сезона на се уште актуелниот европски шампион во аветински празната сала. Овој пат во „Јане“ немаше ни мачни воздишки за поразот на Вардар од Нексе и за сите оние „утнати зицери“, ни радост за конечната разврска која сепак, ги носи вардарци на Ф4 во СЕХА, деветти пат по ред.
Ни кој да викне, ни кој да тропне, ни кој да запее… Само глуво ехо во салата.
Вардар загуби од Нексе минимално, се мачеше и се исплетка во финишот максимално, ама шампионот се уште го држи среќата да се извлече од невозможна ситуација. И, да троши по нешто што останло од шампионската залиха. Па така Вардар 1961 благодарение на победата на стариот Вардар во Нашице, онаа во март, се спаси од дебакл на почетокот од новата сезона за пласман на Ф4 од старата сезона, овој во септември…
Малку комплицирано, а?
Таква е новата реалност – хамбургер без плескавица! На почеток тешко се џвака, после некако се навикнуваш.
2.Тргна возот од Автокоманда
И додека вардарци се уште ја доигруваат старата сезона и се воигруваат за новата уште понеизвесна и, како што се чини, прилично турбулентна сезона, други две скопски екипи викендов веќе зачекоротија во неа. Металург очекувано сигурно, Бутел неочекувано катастрофално. Првото квалификациско коло во Лигата на Европа за едните е проодно, за другите веќе завршено.
На првата препрека за место во групната фаза, Металург има победа против Спачва во Автокоманда и убави седум гола залиха за реваншот во Винковци. „Металурзи“ одиграа на висина на задачата, викендов можеби и највпечатливо и најконкретно од сите три македонски екипи што излегоа на терен.
Коцките се редат една по една, а мозаикот на новиот Металург полека го добива својот лик. Посебно се издвојуваат неколку делови. Уште „на прва“ се покажа дека Златко Хорват ќе биде златна инвестиција за тимот од Автокоманда. Како добитна комбинација се покажа и новата стратегија искуството да биде додадена вредност на младоста и дополнителна стимулација добро да загризат за место во тимот.
Добра инвестиција се враќа – лошата двојно се плаќа.
Тоа е златното правило. Ќе го провериме сезонава на неколку фронтови во различни форми, така изгледа.
3.Лизгачки во новата сезона
Ако Металург е добрата вест од македонскиот ракомет на стартот од новата сезона во новата Лига на Европа, Бутел е лошата. Ништо од среќната рака…
Бутел, практично, прв го скрши мразот на двојното гостување во Унгарија, ама брзо и пролизга и за два дена заврши со европските обврски. Еден убедлив пораз од унгарскиот Ѓенѓеш по кој фактички веќе беше се решено и една утешна победа во реваншот е целиот биланс од вториот излез на бутелци во Европа.
Ќе поминеше ли подобро Охрид ако добиеше поинаква разврска ланското поништено првенство? Или, можеби Пролет? Сега може само да претпоставуваме, за менување доцна е.
Новата сезона е нов мегдан за докажување. Ќе видиме (ако видиме?!) реално кој што направил и кој колку може. Ќе видиме и каков резултат и каква разврска ќе донесе новото суперлигашко првенство во проширен состав, а во збиено издание, поради новата реалност. Новиот предлог од РФМ е есенскиот дел да се одигра убрзано, да почне во септември и да заврши во ноември. Па потоа да продолжи на пролет, здравје.
Короната ја крои новата реалност. Во предлогот и во целата ситуација добро е и доблесно што РФМ ги презема трошоците за задолжителните корона-тестови кои во вакви услови се уште една дополнителна мака за клубовите. Лошо е што повеќето клубови со месеци ќе немаат официјални натпревари и ќе мора да организираат по некоја пријателска за да не заборават да играат! Значи, нешто пак ќе мора да се игра и во тие месеци. Трибините секако ќе бидат „хамбургер без плескавица“, ама ризикот, нели е ист, без разлика дали натпреварот е пријателски или официјален.
Оттаму, мерките се донекаде разбирливи, нормално дека здравјето е пред се! Но, после се, многу е нејасно каков ќе биде крајниот ефект од оваа проширена, поделена, збиена, сечена и лепена вонредна суперлигашка сезона?
Кој како ќе се снајде најдобро во новата реалност. Некој ќе се протне, некој ќе се лизне…
Кој преживее ќе раскажува.