Загревање пред завршната битка за титулите
1.Женската четворка со традиција
По репрезентативните возбудувања, деновиве фокусот одново се враќа на домашната сцена и на разврската во Куп-натпреварите како загревање за главниот финиш на сезоната.
Три скопски екипи плус Еурофарм Пелистер во машка и три скопски екипи плус ЖРК Куманово во женска конкуренција ќе играат на завршните турнири за освојување на престижниот пехар и титулата во Купот на Македонија. Генерално, во најголем дел очекувана разврска, дел рутински завршена работа, дел со малку повеќе неизвесност и со по некое изненадување тука-таму.
Кај дамите, ЖРК Металург остана да ја брани Куп титулата и честа на некогаш моќната ракометна машинерија од Автокоманда.
„Ѓорче Петров“ преку „Чаир“ стигна до уште една завршница во Купот на Македонија. Актуелниот шампион фаќа континуитет и ќе се бори да додаде уште една титула на старата колекција.
Вардар одново ќе го има и во машката и во женската завршница во Купот. Машкиот и женскиот клуб по големата криза во „црвено-црното“ семејство, тргнаа секој по свој пат како независни субјекти, но ги наследија титулите и континуитетот и ист е дресот.
Женската четворка што ќе се бори за годинашната титула во Купот на Македонија ја комплетира ЖРК Куманово, уште еден поранешен освојувач на пехарот во ова Ф4 друштво.
2.За новакот историја, за Пролет пак пролет!
Во машката четворка што обезбеди завршница во Купот на Македонија, пак е „два на два“ во однос на титулите од минатото.
Вардар е бранител на Купот и најуспешен во историјата со вкупно 15 титули, а Еурофарм Пелистер има наследени шест Куп титули од „старата ера“ на клубот, последната освоена во 2005 година. Другите два полуфиналисти во Купот – РК Пролет и новакот РК Алкалоид, се без Куп титули во архивата.
И ако шампионот и вицешампионот однапред беа „штиклирани“ како фаворити и речиси рутински стигнаа до завршницата на Купот, загревајќи се за големото дерби во плеј-офот, за другите два полуфиналисти пласманот во завршницата на Купот е голем успех и своевиден подвиг.
Тимот на РК Алкалоид од клупата предводен од селекторот Кире Лазаров, со „цепелин“ во последните секунди го исфрли Бутел, а потоа многу полесно се справи со Вардар Неготино и во својата прва суперлигашка сезона успеа да додаде и прво полуфинале во Купот на Македонија.
РК Пролет има многу подолга историја и традиција од новакот, но и за третиот скопски тим во Куп четворката, годинешниот пласман во завршницата е голем подвиг ако се има предвид дека и покрај „зимската распродажба“ во Пролеќе и преселбата на Јагуриновски и Аларов во Вардар и на Џонов во РК Алкалоид, Пролет сепак успеа да ја елиминираат „двојката“ на Еурофарм Пелистер и да влезе во големата четворка.
Ем финансиски во ќар од трансферите, ем Ф4 во Купот со, условно многу поскромен тим. Нагоре-надолу, за Пролет пак е пролет!
3.Еурофарм Пелистер сврте нова страница
Нова пролет почнува и во Битола по последната „интервенција“ на клупата токму пред завршницата на сезоната. Данскиот систем не фати корен на битолско тло и по серијата разочарувачки игри и резултати и раната европска елиминација, Еурофарм Пелистер ја прекина соработката со тренерот Ларс Валтер и со врамена Битола, спортски и пријателски го испрати Данецот.
По хрватската и данската епизода, раководството на битолскиот тим, со слух за гласот на јавноста и со респект за работата, се реши за домашна промена. Клупата на „кецот“ на Еурофарм Пелистер му ја довери на Александар Јовиќ кој во изминатите неколку сезони во „двојката“ покажа дека си ја знае работата. Јовиќ ќе го предводи Еурофарм Пелистер во „воигран тандем“ со легендата на клубот, Александар Зарков и во координација со Звонко Шундовски. Најтрофејниот битолски тренер кој како селектор ја предводеше македонската репрезентација до историското 5.место на ЕП 2012, по повеќе од една деценија, се враќа во својот матичен клуб со цел да помогне да се врати ракометот и славата на ракометна Битола на старите патишта. Примарна цел за новата битолска постава на клупата на Еурофарм Пелистер во овој „краток, тежок период“ како што вели Шундовски, е да се вклопи, да ја синхронизира екипата и да освојат титули „за клубот и за градот“.
Дека смената на клупата носи позитивна промена и во играта и во резултатите, па и во атмосферата меѓу битолската публика, се почувствува уште на дебито на новата тренерска постава заверено со победа против Нексе во СЕХА лигата. А, неколку дена потоа и со уште две победи и обезбедена Куп завршница.
„Не треба да креваме голема еуфорија, ваквите победи треба да ни станат рутина“, одмерено ќе рече Јовиќ по првата победа.
Вистинскиот предизвик за пелистерци допрва доаѓа. Како и секогаш во децениското спортско ривалство, најгоре на врвот е големото дерби со Вардар. Првото годинава е за неколку дена и директно решава кој ќе биде поблиску до титулата.
Ќе почне ли нова битолска шампионска ера или ќе продолжи старата скопска шема? Ќе видиме наскоро… Не го менувајте каналот!