Се гледа и во овие две кола од плеј-офот, што значи да играш со рамноправен и со посилен противник, а што да се „распуцаваш“ цела есен полуаматерски
1.Плеј-офот е веќе друга приказна
Вклучено се и гледаш два-три натпревари во исто време, кој како ќе се преклопи во терминот. Ништо невоообичаена ситуација некогаш кога имавме по три екипи во ЛШ, или на европски и на светски првенства кога нема шанси да ги фатиш сите во исто време. Но, овој пат не е ни ЛШ, ни ЕП, ни СП… плеј-оф е во македонска Супер лига вклучен на три екрани!
Си викам, сигурно е ептен ракометен очај во сезоната во која се сведовме само на Еурофарм Пелистер во групната фаза од Европската лига како еден и единствен македонски претставник што остана на европската клупска сцена. Или пак навистина не се ни неквалитетни, ни неинтересни и овие нашите македонски суперлигашки дуели, кога се вака концентрирани и селектирани најдобрите осум во плеј-офот! Кога има изненадувања, изедначени дуели и неизвесност до последна минута речиси во сите досега одиграни натпревари и кога разликата на крај е „нормални“ три-четири-пет гола, а не +20, +30 какви што се изнагледавме пола сезона во „регуларниот дел“ од гломазната Супер лига поделена на пола.
Да, можеби некои од клубовите се задоволни од услугата да се натпреваруваат во „највисок ранг“, посебно кога се впишуваат бодови за ваучерите, иако реално, немаат капацитет за тоа. Но, на крај штетата е многу поголема од добивката.
Впрочем, во јануари на СП видовме колку (не)подготвени играчи, и физички и психички, добивме од широката Супер лига од која, по новата стратегија, се селектираат најголем дел од репрезентативците. Па истите тие кои како од шега постигнуваа по 10-15 во оние суперлигашките дуели со по 30-40 гола разлика, после на мундијалот не можеа голот да го видат.
Се гледа и во овие две кола од плеј-офот, што значи да играш со рамноправен и со посилен противник, а што да се „распуцаваш“ цела есен полуаматерски. И што би значело кога сите репрезентативци помлади, средни, постари, би играле цела сезона вакви дерби-натпревари. Сигурно и во репрезентација, ако ништо повеќе барем 10 отсто, би биле поспремни и поискусни како да се носат со посилни противници.
Значи, не се до толку слаби клубовите и лоша лигата, колку што системот не го бидува.
И следен пат кога ќе се жалиме дека ни е слаба лигата од која се селектираат репрезентативците, нека се направи и национална стратегија, па нека се стават и репрезентативните покрај клупските и административните интереси.
Системот се менува. Во тоа сме барем испраксирани во изминативе три години.
2.Пароле, пароле, пароле…
Кога публиката ќе почне да испраќа пораки, тоа веќе е јасен сигнал дека нешто не чини и дека со „глава во ѕид“ не оди.
Пролетниот дел од македонската ракометна сезона го одбележаа и неколку навивачки транспаренти со пораки упатени до РФМ и до челниците во македонскиот спорт број еден.
Ги има(ше) од Скопје до Битола, во различни сали, од различни навивачи. Премногу „лути ривали“ за да им се припише некоја заедничка „организирана“ кампања. Можеби повеќе заеднички револт и не многу позитивна атмосфера што провејува последниве месеци во македонскиот ракомет, посебно по мундијалот во јануари и се она што се случуваше на теренот и на трибините во Краков.
Директно или индиректно поради линкот, голем дел од овој притисок од трибините паѓа и на тимот на Алкалоид, проектиран како најголема репрезентативна база за иднина, и на играчите, поголем дел погодени како „колатерална штета“.
Така, новакот во плеј-офот со селекторот на клупата станаа предизвик за секој противник, а секој нивни дуел во плеј-офот стана вакво или такво „дерби“ под лупа. Па, Тиквеш славеше бод во Кавадарци како да освоил титула, а Еурофарм Пелистер тешка победа во Битола, како во натпревар од Европската лига.
За игрчите на РК Алкалоид тоа може да биде тежок товар и притисок, но и мотив плус да покажат и докажат дека амбицијата е базирана на основа, а не на привилегија.
3.Разочарана Битола крена глава
Битолчани како единствени двојно застапени во плеј-офот, во второто коло конечно се израдуваа и на двојна победа. Првиот тим на Еурофарм Пелистер во Битола, малку потешко од очекуваното, го победи РК Алкалоид, а „двојката“ во драматичен финиш, со многу посилен ефект го доби Бутел во Скопје.
По релативно лошото февруарско продолжение на пелистерци во Европската лига и посебно, по последното разочарувачко реми што требаше да биде домашна победа против португалскиот Агуаш Санташ, неделната 1-2 победа против скопските ривали во плеј-офот дојде како мала утеха за ракометна Битола, во очекување на големата пресметка за шампионската титула.
Ракометно „се загрева“ и Кавадарци. Тиквеш во првите две кола собра четири бода и стана најпозитивно изненадување на стартот од пролетното разигрување. Ремито со Алкалоид на домашен терен беше добар старт, а победата на гости кај Пролет им донесе уште еден плус.
Вардар и Еурофарм Пелистер по првите две кола од плеј-офот очекувано се на врвот на табелата со пренесените бодови и со по две победи. Ни пелистерци со Алкалоид во Битола, ни вардарци на гости со Охрид не стигнаа лесно до победите. Но, се чини дека и едните и другите се уште се на загревање за решавачките пресметки за титулата.
Со мотивирани противници во осумте најдобри нема многу простор за грешки. Ете затоа, сега се гледа и двојна и тројна програма од македонската ракометна лига. Не е лошо…