СЕДМЕРЕЦ: Немаме ЛШ, ама барем имаме ЕП

Во сезоната без македонски претставник во Лигата  на шампионите, ко-организацијата на ЕП за сениорски го држи ракометот во фокусот

1.Барса го победи Алборг…Вардар го здроби Вардар Неготино

Кил падна во Нант, Барса е се уште „институција“ за растечкиот Алборг, Кјелце едвај се спаси во Целје, Магдебург прв чепна бод кај Веспрем… Кој од кој поинтересен натпревар и се повеќе „машини“ во погон како што зема замав групната фаза во Лигата на шампионите, во склад со новиот „машински“ спонзор напред.

Гледаш малку од елитната лига, супер интересена, но сезонава за нас некако многу далечна и се префрлаш после спонтано на „домашните возбудувања“

Вардар го надигра имењакот од Неготино, за осма победа во серија и суперлигашка доминација. Вардарци овој пат ја надминаа и 40-ката. Ама сето тоа доаѓа како трениг и домашна рутина за шампионот, некако стеснет во просторот во сезоната без европски настапи.

Онака, „за одржување кондиција“,  Неготино го претвораш во Нант и правиш проекции и претпоставки каде ќе беше овој Вардар во оваа Лига на шампионите. Не оди…

„Благо вама…“ , ни велеа колегите од Србија во оние времиња кога Веспрем доаѓаше два пати неделно во Скопје и кога имаше толку многу добри натпревари, што во ЛШ , што во СЕХА, што не се ни стигаше да изгледаш се, па понекогаш дури и селектиравме дали ќе гледаме некој натпревар во „Борис“ или во „Јане“. Тогаш дури и се шегувавме, дека баш и не е секогаш „благо нама“ кога треба да „покриеш“ толку многу натпревари во исто време. А, сега пред екраните, носталгично се сеќаваме како беше тоа некогаш „во живо“.

Колку и да држиш чекор, реално, паѓа и интересот, па полека и критериумите за тоа што е и колку е добро во нашиот спорт број еден, кога наместо европски дуели, главна вест ќе стане „дуелот“ од соблекувалната во Кисела Вода, кој кого нокаутирал, кој прв почнал и за кого се се плаќаат лиценци во македонските клубови.

2.Залади под Пелистер?!

Во најоскудната европска сезона за македонскиот машки клупски ракомет во последните десетина години, „во живо“ остана само Битола. Еурофарм Пелистер со директниот пласман во групната фаза од Европската лига, есенва остана единствен претставник во Европа и единствен од македонските клубови што игра „на два фронта“, со оглед на тоа што од СЕХА Запад, засега се уште нема ни абер.

Но, по победничкото претсезонско загревање, некако како да „залади“ и под Пелистер, посебно по она изненадувачко реми во битолското братско дерби.

Еурофарм Пелистер неочекувано, едвај го победи Пролет, па неочекувано се мачеше и со Скопје, а помеѓу двете домашни скопски препреки,  во Битола загуби од данскиот Архус на отворањето на сезоната во групната фаза од Европската лига. Па, во данската пресметка во Битола, Ник Расмусен ни дојде некако како да е Ник (Николај) Јакобсен, а Ларс Валтер на другата страна, се помалку јунак под Пелистер.

Нормално, сега се чека некоја убава победа за малку да ја смени перспективата. И токму затоа, утрешното гостување на Еурофарм Пелистер во Португалија е уште повеќе под лупа и за Данецот на клупата и за пелистерци во новиот дански концепт.

3.Женскиот ракомет се враќа во фокусот

За разлика од машката клупска ракометна сцена на која по „благо вама“ дојде „тешко нама“, во женска конкуренција, по долгогодишната стагнација,  секоја победа на македонските претставници во европските купови е како голема сензација. Есенва секако, во фокусот најмногу е шампионската ренесанса на ЖРК Ѓорче Петров.

Походот на Исланд и пласманот во третото коло од Европскиот куп со двојно гостување и десеткуван тим, за „ѓорчепетровки“ беше рамно на подвиг. Новиот предизвик сега е пласман во осминафиналето на ова европско натпреварување и шансата тоа да се избори сега со „двојна програма“ на домашен терен во Скопје против австрискиот Рунс Јагс.

Покрај шампионот ЖРК Ѓорче Петров, за место во осминафиналето од Европскиот куп, во првата половина на декември ќе се борат и ракометарките на ЖРК Чаир против израелскиот Макаби Аразим Рамат Ган.

За македонскиот женски ракомет значајно е и тоа што овие клупски натпревари во декември доаѓаат по репрезентативните во ноември и Европското првенство на кое Македонија е заеднички домаќин со Словенија и со Црна Гора.

Веќе многупати е споменато, но не е на одмет и да се повтори  – женската ракометна репрезентација како домаќин на ова ЕП, по една деценија повторно се враќа на големите натпреварувања, сега и со малку поголема шанса да фати континуитет во настапите.

Дуелите со репрезентации од калибарот на Франција (5 ноември), Холандија (7 ноември) и Романија (9 ноемри), ја ставаат македонската репрезентација во улога на аутсајдер, но атрактивните противници и ЕП само по себе, се доволен мотив и предизвик за македонските ракометарки да го исполнат единственито барање што е поставено пред нив – да одиграат со срце на терен!