СЕДМЕРЕЦ: На дистанца

Еден по еден „се палат моторите“ за новата непредвидлива сезона

1. Новата нормалност со многу непознати

Секоја година, некаде во овој период, ракометот фаќа залет за новата сезона. Или, по онаа добро позната новинарска фраза „се палат моторите“ и  „се полнат батериите“ за следните предизвици. Се сумира кој како поминал на пазарот во летниот преоден рок, се воведуваат новите, се склопувата коцките и се проектираат амбициите, се исцртуваат границите и се што е над или под тоа.

Во нормални услови, се разбира.

Но, по или со К-19 веќе ништо не е нормално и вообичаено. Во новата „нормалност“ има многу нови работи и неизсвесно. Колку и да се прават обиди, и на глобално и на локално ниво, сето тоа да се стави на распоред во каква-таква нормална рамка.

Пандемијата ја поремети претходната сезона и го измести спортот од вообичаениот колосек. Во новата сезона, освен што се префрла дел од недоиграното од претходната, се префрла и голем дел од неизвесноста. Дали и како ќе се игра? Ќе има ли публика или спортот ќе функционира на дистанца од гледачите? Како ќе се смести се во згуснатиот распоред со сите вонредни мерки и протоколи? Кои критериуми ќе го кројат рејтингот?

На целата неизвесност, се надодаваат и измените во системот на натпреварување, некои принудни, некои претходно планирани и усвоени. На клупско ниво се менува системот на натпреварување во европските купови, а во Македонија вонредно во короната се смени и системот во домашното првенство кое доби нов едногодишен проширен формат.

Колку ќе биде тоа добро и ефикасно во новата „нормалност“ останува да видиме и да судиме на крај. Сега се уште само се полнат батериите. По протокол и на дистанца.

2. Отворени и затворени амбиции

Офанзивата на македонските клубови на европскиот ракометен пазар во изминативе месеци беше своевиден парадокс во екот на короната и економските последици што ги донесе пандемијата.

Вардар со продолжен стаж на европскиот трон, службено ја загуби можноста да остане во игра за одбрана на титулата, но во екот на светската криза, европскиот шампион успеа да се спаси од сопствената што го зафати уште пред короната. Спасот за Вардар беше враќањето на старо-новиот претседател, Михајло Михајловски на челната позиција во клубот. Иако во ЕХФ сè уште има „отворен случај“ за старите долгови на шампионот, новото раководство донесе нова стабилност што резултираше со зачуван костур на тимот, неколку значајни засилувања во рамки на можностите, со посебен акцент на македонската репрезентативна база и солидна позиција на „црвено-црните“ да добијат уште некое засилување со имиџ на „поволна дестинација во непредвидена ситуација“. Па така вардарци во комплетен состав и релативно мирно ги стартуваа подготовките за новата сезона. Дури и помирно во оваа вонредна ситуација отколку во неколку од претходните „нормални“!  Просто, да се чуди човек, гледајќи како во корона-кризата пропаѓаат и некои многу помоќни и побогати.

Еурофарм Пелистер полека веќе се устоличува како играч број два на македонската ракометна сцена, лани со изборена, годинава со пренесена вицешампионска титула. Тоа на битолскиот тим, сепак, не му донесе место во новиот скратен формат од Лигата на шампионите, но затоа пак го лансира директно во групите од новата Европска лига.

Новиот изглед на Еурофарм Пелистер и засилувањата, според тренерот Жељко Бабиќ, биле селектирани тимски од раководството, но тој претсезонски има само пофалби за изборот и во најава, сериозни амбиции да бидат во чекор со Вардар, па и да ги симнат „црвено-црните“ од шампионскиот тронот. Зошто да не! Засега, за битолскиот тим во втор план паѓа ривалството со Металург иако со трансфер потезите што ги повлекоа летово, во Автокоманда сигурно мислат поинаку.

Еурофарм Пелистер и Металург во ист период ја одработуваат првата фаза од подготовките во Маврово. Двата клуба според препораките и извештаите, редовно се „дезинфицирани“ едни од други и засега, безбедно „дистанцирани“.  Каква ќе биде дистанцата меѓу двата клуба во следниот „плеј-офот“, ќе видиме напролет. Да се надеваме само, без коронарни компликации.

А, дотогаш, „фармацевтите“ останува да стекнат имунитет во настапите во СЕХА и во Европската лига, а „металурзи“ во новиот засилен состав да се искалат во суперлигашкото друштво и да се докажат во двете квалификациски кола за да стигнат до групната фаза во Европската лига. И донекаде, да ја исправат неправдата и  сами да си обезбедат сатисфакција за оние на крај, залудно одиграни 17 кола од ланското поништено супелигашко првенство.

Велат, што е твое ќе си дојде.

За разлика од другите, од Автокоманда засега не „фрчат“ големи шамионски амбиции, но, Зоран Кастратовиќ дефинитивно има и авторитет, а сега и сериозно засилен респектабилен тим и за домашни и за европски битки. Искусниот хрватски репрезентативец, Златко Хорват, секако е и најзвучното име и летово највредна инвестиција во новиот состав на Металург. Се погоди и ждрпката, првиот официјален настап на Хорват во дресот на Металург во новата сезона да му биде токму против хрватска екипа. „Металурзи“ на 29 август ја отвораат европската сезона со Спачва во првото квалификациско коло од Европската лига. Од истиот ранг на истиот датум ќе стартува и Бутел против унгарскиот Ѓенѓеш.

И, тргнува тргнува возот во новата сезона…

3. Слободен пад

И додека тимовите секој на свој начин во новите услови ги „полнат батериите“, а македонските клубови, спротивно на секоја логика, трчаат контри со криза, од Базел и од Виена почнаа се почесто да ни даваат голови на празен гол.

Во ЕХФ летово многу лесно не прешкртаа на сите можни пријави за вајлд карти во европските купови. Не помина барањето за Еурофарм Пелистер во машката ЛШ, а Куманово не ни дојде на дневен ред како „заменски“ шампион во женската ЛШ. Критериумите беа горе-долу истите како лани. Се смени системот и делумно условите, но во најголем дел изгледа, се смени сферата на интерес и на влијание.

По загубената трка за вајлд-карти, потоа и Металург како втор наш претставник во Европската лига беше симнат на најнизок ранг во првото квалификациско коло. Според критериумите и рејтингот, се очекуваше македонскиот тим во најдобар случај, да биде меѓу кандидатите за директен влез во групната фаза, во најлош, да игра едно квалификациско коло, На крај Металург заедно со Бутел, наместо една доби две пречки за влез во групната фаза од Европската лига.

Во меѓувреме, Македонија испадна од големата тројка и од 3 се симна на 5.место на европската клупска ранг листа според која се делат местата во европските купови. Македонија и од оваа позиција во следната сезона (2021/2022) повторно ќе има 1+3, односно едно место во ЛШ и три во Европската лига, но рејтингот дефинитивно ни е во слободен пад.

 

Најголемиот ракометен шок за Македонија летово сепак, удри со поделбата на вајлд-картите за СП 2021 во Египет. Колку и да беше една од предвидените опции,  малку кој очекуваше дека Полска и Русија ќе добијат предност, а Македонија иако прва на листата на чекање – „ќе извиси“ за место на мундијалот. Теоретски, сè уште стои онаа трошка надеж да остане празно последното американско место како последна шанса да стигнеме до Египет, но веројатноста дека тоа ќе се освари е речиси рамна на нула. Па така, она наводно среќно 15.место од Виена, на крај сепак, ќе испадне трагично и фатално за деценискиот континуитет во настапите на најуспешната македонска репрезентација на светските и на европските првенства. И ако сме искрени, а не само навивачки пристрастни ќе мора да си признаеме дека колку што ни се виновни чудните критериуми на ИХФ и на ЕХФ, толку сме си и сами виновни што се најдовме во ваква незавидна ситуација. Да го поминевме првиот круг на ЕП 2020 како што беше планирано, ама не и остварено, сега ќе пеевме друга песна. Вака тргнавме во друг правец и чекор по чекор се повеќе се оддалечуваме од големото друштво.  Дистанцата некогаш е безбедна, некогаш е опасна.