СЕДМЕРЕЦ: Многу сме јаки!

Малку е „пуфкаџиски“, ама пак, не може да не ти биде мило кога Вардар така фино го средува Фленсбург, кога Столе урива рекорди, кога Никуч лета на сите насловни, кога Деки лепи 12-ки, кога Жаре растура низ Германија...

1. Враќањето на шампионот

„Многу сме јаки“! Малку сериозно, малку на шега, омилената реченица деновиве често се вртеше низ ракометна Македонија. Во целата коронарна негатива, малку македонска позитива. А, богами и со право. Е, не може да не ти биде мило, ниту пак да останеш рамнодушен кога Вардар така фино го средува Фленсбург, кога Столе урива рекорди, кога Никуч лета на сите насловни, кога Деки лепи 12-ки во Веспрем, кога Жаре го предводи Штутгарт и растура низ Германија…не може!

По еден месец мирување, Вардар имаше нов старт во Лигата на шампионите и супериорно го реши дотогаш непоразениот Фленсбург. И не беше стани-падни, туку баш добро „скоцкано“ по сите параметри.

Сè уште актуелниот европски шампион до првата победа во новата сезона во ЛШ стигна тактички прецизно, резултатски сигурно, играчки константно и неверојатно дисциплинирано. Паузата колку и да беше принудна, во „црвено-црниот“ табор очигледно била добро искористена. Велат, кога се знае „кој коси, а кој вода носи“ и жетвата е подобра! А, во Вардар по мешаниците на стартот, конечно, секој си седнал на свое место. И резултатот е видлив.

Ви текнува на минатонеделната дилема – може ли Стевче да го направи тоа што не им успеа ни на Талант ни на Раул. Е, па можел. А не е Шпанец, наш е! Воден од предизвикот на ЛШ и од важноста на мечот за Вардар, а сигурно и дополнително мотивиран од сите оние кои веќе го видоа спакуван од функцијата прв тренер на шампионот, Алушовски успеа тактички да го надмудри Макула и да го победи Фленсбург. Одбраната 5-1 со Дибиров напред делуваше упорно и функционираше беспрекорно од почеток до крај. Нападот добро позициониран и на изненадување на противникот, навремено и успешно „саниран“ со резервната опција – Чупиќ на десен бек. А, кога на сето тоа ќе се надополни и успешната епизода на младиот Марко Кизиќ на голот додека го одменуваше Борко Ристовски и неверојатниот перформанс на Стојанче Стоилов на линијата со личен рекорд осум-од-осум и со „а ла Инди шрауба“ за Топ 5, тогаш успехот е загарантиран и на крај комплетиран.

И не може да не ти биде мило, па и да не си вардарец во душа.

2. Митревски MELHOR!

А, кога и Никола Митревски полета на голот на Порто и на крај беше играч на мечот во големата победа на португалскиот тим над ПИК Сегед, и немаше крај на гордоста за македонската вечер во ЛШ. Па и некако природно легна она „многу сме јаки“ колку и да е „пуфкаџиско“. Малку македонска позитива во време на општа негатива, добро доаѓа.

Македонскиот репрезентативец со 15 одбрани речиси сам го победи ПИК Сегед, му направи фудбалска парада на Канељас и го натера Пастор да се фати за глава. Сцена од милион долари!

Никуч чесно си ја заслужи наградата играч на натпреварот, наклон од стручњаците во ЕХФ и признанието „одбрана на колото“ и сите гласови за играч на колото во ЛШ.

O melhor! Што би рекле Португалците.

И, не може да не ти биде мило колку и да си ракометно рамнодушен.

Парадата се врти со денови, а радоста е заедничка од Порто до Битола. Иако, во Битола сега може уште повеќе „јанѕа“ да ги фати што го испуштија Митревски да им замине во Порто. Ама, тоа бидна веќе…

3. Позитивни и негативни

Сега, пак многу поинтересно е тоа што доаѓа. А, следно во ЛШ, доаѓа пресметката на Вардар со Порто. Посебно интересен дуел за македонската ракометна јавност, добро загреана од минатата недела со „шраубата“ на Столе и со „парадата“ на Никуч.

Доаѓа и настапот на двата македонски претставници во групната фаза од Лига Европа. Еурофарм Пелистер сè уште чека да почне откако им беше одложен дуелот со Татабања поради корона во унгарскиот тим. Металург пак, и тој начнат од првите позитивни тестови, денеска тргнува на тешко патување до Франција и уште потешко гостување во Тулуз, максимално ископликувано со коронарните опасности и протоколи.

Дома пак, Супер лигата сè уште не продолжила, кога ќе продолжи не се знае. Ни како ќе се доигра сезоната која требаше да биде забрзана, а испадна неизвесно оддолжена откако кај клубовите еден по еден се заредија позитивните корона-тестови. Дали ќе биде и може ли да биде проширената Супер лига решена со „балон„ систем или ќе мора да се активира некој друг од резервните ЦЕ-ДЕ планови, ќе решат надлежните според ситуацијата и можностите. Како и да е, брзо се виде дека повеќе не секогаш е и подобро. Посебно не сега во коронава.

Сега најголема спортска среќа е резултатите да се позитивни, а тестовите негативни. И да бидеме јаки.

А, се разбира, може да има и по некоја „шрауба“ и „парада“ за добро расположение.