Кога удобната позиција и успехот не се разбираат, квалитетот е маана
1.Луксуз е да се откажеш од најуспешните
Македонија има еден од најуспешните тренери во женскиот ракомет во Франција. Поранешниот македонски репрезентативец Марјан Колев, сега веќе искусен тренер е едуциран, лиценциран, успешен, ценет, признат и моментно француски вицешампион со Ница.
Во исто време, Македонија со години мака мачи да го подигне женскиот репрезентативен ракомет од дното, да воспостави ефикасен систем и да фати чекор со светот. На прв поглед едното со другото можеби и нема многу врска. Колев не е директно вклучен во македонскиот ракомет, освен што ја има репрезентативната голманка Јован Мицевска во својот тим…и секогаш кога може им се наоѓа при рака на нашите што ракометниот пат ќе ги однесе во Франција.
И да, неговото име изминатите месеци, во јавноста беше лансирано како можно добро решение на клупата на женската репрезентација, пред да биде избран Љубомир Савески за нов предводник. Сосема логично и разбирливо бидејќи станува збор за моментно, наујспешниот од сите тренери што ги има Македонија во женскиот ракомет.
И не е ова некоја задоцнета промоција на Колев, ниту пак некаква опструкција на Савески кој по повеќе од една деценија реши да му се врати на ракометот и да помогне со се што може и знае. А, го паметиме дека и знае и може да ги придвижи работите.
Ова е само една добронамерна забелешка. Оти, луксуз е да се откажеш од најдобрите кога ги немаш многу и тоа сите многу добро го знаеме. А, ние во изминативе години, за жал, го правиме токму тоа и тоа во неколку наврати, во женскиот ракомет посебно. Некако многу лесно ги бришеме успешните, гласните, неподобните…а од друга страна, баш и нема што многу да запишеме.
2.Ракомет „на француски“ и ракомет „на македонски“
Да ги собереме сите мудри глави, сè за доброто на македонскиот ракомет, што би рекол Лино Червар, во хрватска верзија, се разбира.
Кога немаме многу, зошто не користиме се што имаме? Е, тоа никогаш не ми било јасно и нема ни да ми биде!
Дали е во прашање некоја „стручна“ проценка? Дали е некоја стратегија, прашање на избор, тактика, поместување од комфорната зона…или его и суета, можеби?
Колев во саботното интервју, почитувајќи го изборот на РФМ и изразувајќи верба во квалитетите на Савески како селектор и негов поранешен тренер, споменува дека имало „некои мали разговори со РФМ, повеќе распрашувања, но не и конкретна понуда за слекторската позиција“.
Малку поразлично од она што случајно или намерно проциркулира пред некој месец во јавноста дека од македонската куќа на ракометот на Колев „некогаш нешто му понудиле, ама не нашле заеднички јазик“?!
Можеби не се разбрале затоа што Колев за ракометот зборува „на француски“, јасно посочувајќи дека тоа што некогаш фунционирало, не значи дека одново ќе функционира на ист начин. Или дека „треба да се создаде систем што ќе донесе квантитет на квалитетни играчи“, а не клуб репрезентација, што кај нас изгледа, повторно ќе биде „најнов изум“.
И, нормално, кога удобната позиција и успехот зборуваат на различен јазик, тогаш квалитетот е маана, се разбира.
3.Потези „прва лига“
На она како не треба, во македонскиот ракомет, за среќа има и еден куп позитивни примери, како треба да биде. Деновиве два посебно се издвојуваат.
Да бидам искрена, интервјуто на Марјан Колев, за мене беше малку освежување од оние вообичаени стереотипи „ти кажувам она што сакаш да слушнеш“, „како сите така и јас…“ или оние фалбаџиските „јас и никој друг“. Ова е спротивно од сето тоа. И не ќе да е само до „француската школа“ бидејќи некои други наши „Французи“ повеќе се на француското „moi“, дури и кога си-ви-то им е малку поднабилдано.
Нејсе! Муабетот ми беше за една реченица во која Марјан Колев во неколку збора многу кажува:
„Ми помагале, и сега и јас помагам…“
Со почит признато и со задоволство направено, што е уште побитно.Малку сме и треба да се почитуваме и поддржуваме.
Вториот убав пример деновиве го дадоа дел од македонските репрезентативци со она симпатично видео за поддршка на германскиот Ратинген со нашите Ацо Јоноски и Филип Лазаров пред решавачкиот меч за влез во третата германска лига.
Ратинген остана во понискиот ранг, небитно. Но, потегот на Филип Миркуловски & CO, дефинитивно е „ПРВА ЛИГА“!
Македонска врска во најдобра верзија.