„Металурзи“ ја стопија првата цел во новата непредвидлива сезона, Вардар е на принудна есенска пауза, Еурофарм Пелистер уште не ни почнал, Супер лигата одмирува 15 дена...
1.Со публика поголема е радоста
Металург одговори на швајцарскиот предизвик, ја мина и втората пречка за пласман во Лигата на Европа и ја разреши минатонеделната дилема. Автокоманда сезонава има силен тим за дома, но и конкурентен тим за европска сцена. Го потврдија тоа избраниците на Зоран Кастратовиќ во двата меча со швајцарскиот Криенс. На реваншот во Цирих, металурзи „одеа по жица“, но за разлика од некои обратни ситуации, успеаја да задржат рамнотежа, беа вистинските во решавачките моменти и среќни во финишот.
Во Цирих излегоа на виделина и многу од недостатоците, но и многу од предностите на овој нов состав на Металург. Важно беше да се помине пречката и да се обезбеди продолжен престој на европската сцена и уште најмалку +10 натпревари во Лигата на Европа. Првата цел е постигната, останатото е во рацете на „металурзи“ и во „тефтерот“ на Кастратовиќ.
Во Цирих се покажа и дека една навидум споредна работа, всушност е и тоа како важна – ракомет без публика и ракомет со публика е целосно различна приказна. За македонскиот ракомет посебно, публиката е важен белег. Едно без друго некако не оди. На тимовите им треба поддршка, на публиката и треба радост и возбуда. И во овие посебни услови, македонските навивачи во Швајцарија успеаја да се соберат, да му дадат поддршка на Металург и заедно со „металурзи“ да ја споделат радоста. Беа само дваесетина, ама беа двојно погласни и сигурно, тројно повозбудени од Швајцарците во Цирих. Се наредија коцките и во Цирих пак имавме убава слика што потсетува на старите нормални времиња.
Мелем за очи и уши наспроти тишината на празните трибини.
2. Од несреќна шема во среќен ритам
А, зјаат овде трибините и празни и глуви, невообичаено за овој период од годината, кога ракометот, во нормални услови, е во полн ек. Годинава сè e малку поразлично од нормалното. Од целата мешаница на ракометната сцена на почетокот од новата сезона, во Македонија само Металург остана во некој нормален планиран ритам. Вардар е на принудна есенска пауза откако му откажаа два натпреври по ред во Лигата на шампионите. Еурофарм Пелистер пак, не ни почнал со официјални натпревари и одработува кој знае кој круг од бесконечно долгите подготовки чекајќи го стартот во СЕХА и во Лигата на Европа. Едниот дел од македонската Супер лига одмирува 15 дена, другиот сè уште е во мирување и сега чекаме по план „Б“ или „Ц“, а можеби и „Д“, некако да се доигра првенството…
Лошата среќа или несреќната шема во која се најде пред новата сезона, тимот од Автокоманда на крај ја сврте во своја полза. „Металурзи“ играа на два фронта, влегоа во натпреварувачки ритам и стигнаа до првата цел кога другите се уште мака мачат да останат во форма. Одиграа три натпревари со три победи до прекинот во А групата во домашната Супер лига и уште четири натпревари во двете квалификациски кола за влез во Лигата на Европа. Во Автокоманда, септември е заокружен според планот.
3. Вардар оставен „на суво“
„Металург е најсигурна опција… се надевам дека ќе ни излезе во пресрет, за да може барем да одиграме некој натпревар“, парафразирано вака отприлика посочи деновиве тренерот на Вардар, Стевче Алушовски, отсликувајќи ја горе-долу реалната состојба на стартот од новата сезона. Во ситуација кога странските откажуваат, а останатите домашни клубови или паузираат или се во карантин, европскиот шампион ќе бара спас во Автокоманда. Тоа е своевидно признание за Металург и воедно, логичен потег од Вардар, исфрлен од ритам во најлош момент.
По откажувањето на двата натпревари од Лигата на шампионите, Вардар непланирано се најде во принудна есенска натпреварувачка пауза. Вардарци го одиграа само првиот меч со Мешков Брест, потоа Елверум го откажа гостувањето во Скопје, а ПИК Сегед реши да го прескокне домашниот дуел со сè уште актуелниот европски шампион. ЕХФ одговори на барањата и дозволи поместување во распоредот поради „актуелната ситуација“. Откажаните натпревари пак го ставија Вардар во незавидна ситуација – наместо да влезат во натпреварувачки ритам и да ја подигнуваат формата, цел месец да се одржува „на суво“.
Вардар дома не игра, а и да играше овој септември немаше многу да се наигра оти лигата е во мирување. СЕХА уште не почнала, кога ќе почне, не се знае. Би требало тоа да биде на 9-10 октомври, ама на официјалната страница на лигата последна вест сè уште е – „Happy International Coffee Day!“
Лигата на шампионите, само што тргна, застана. Во ваква ситуација, разбирливи се и реакциите, но и револтот на вардарци „за условите кои не се еднакви за сите“.
Иван Чупиќ го упати најдоброто предупредување.
„Ќе го изгубиме ракометот, бидејќи не го штитиме“
Важи за сите…