Или сме премалку па се компензираме или некои се ептен способни па секаде ги има?!
1.Секое чудо за три дена – нова ждрепка, нова приказна
Кога работите и функциите се измешани, нормало е да не бидат до крај јасни и да влечат разни сомнежи, оправдани или неоправдани, докажани и недокажани, но најчесто активирани и подгреани со некои одлуки, факти и постапки.
Потопот на македонската женска репрезентација во баражот со Украина за СП 2023 и разврската од суперлигашкото дерби во Автокоманда беа двата централни настани што ја одбележаа изминатата претпразнична седмица на македонската ракометна сцена.
Ако на првиот меч во Скопје македонската репрезентација одигра лошо, на реваншот со Украина на унграски терен во Кишварда беше уште полошо. Од „анализираме“ и „ќе се бориме за СП, не се предаваме“ не видовме многу. Од шансата преку не толку силната репрезентација на Украина да се вратиме на мундијалската сцена, уште помалку. Од чекорот напред зацртан како некаква цел, речиси ништо.
Што направи и што доби женската ракометна репрезентација на Македонија како плус во изминатава година во која ко-организацијата на ЕП 2022 требаше да биде некоја отскочна даска, а баражот со Украина „лансирна рампа“ за враќање на големата сцена?
Одговорот, претпоставувам, треба да го даде селекторот во некој нов извештај кога тој ќе дојде на дневен ред. Но, двојната функција на селектор на сите селекции, ем спортски директор во клубот на претседателот му дава малку покомотна позиција во отчетноста и одговорноста да не се притиска и да не се брза многу, многу, па така и за овој одговор по се изгледа ќе почекаме малку. Полека, има време, чекаме со децении, па сега за некој циклус плус-минус, голема работа!
Не се пласиравме на СП 2023, ништо страшно, секое чудо за три дена, брзо се заборава. Одма тргнуваме во нова мисија – во втор шешир сме за квалификациите за ЕП 2024. Со малку среќа, ете ја шансата! За пласман или за продавање на приказната уште една година, сеедно. Украина беше силна и борбена, ама сега ако ни се паднат „противници по мерка“, серијата за чекорот може да добие и нова сезона.
Кучињата си лаат, карванот си врви, женската репрезентација си тапка во место. Нов циклус и нов изговор секогаш има.
2.Драмата во Автокоманда
Новакот РК Алкалоид испадна од комбинација, шампионската титулата пак ќе се решава во Битола, меѓу старите ривали Еурофарм Пелистер и Вардар. Тоа е епилогот по дерби-драмата во Автокоманда, еден од клучните дуели во финишот на суперлигашкиот плеј-оф, „елиминаторен“ меѓу кандидите за шампионската титула.
Еурофарм Пелистер на крај ја доби битката, минимално, но сепак, доволно за да го исфрли новакот од игра и да се изборат за „пол позиција“ во битката за шампионската титула против Вардар во Битола. Слично како лани, а сепак, во некои сегменти и многу поразлично, и на едната и на другата страна.
И покрај резултатски позитивниот исход, „третото полувреме“ не изостанува ни во ова скопско гостување на битолскиот клуб. Но, овој пат не е проблемот во публиката, туку во судиската двојка Кркачев-Колевски која ја делеше правдата на дуелот во Автокоманда.
Отпорот на новакот кој претходно во Автокоманда веќе му го зеде скалпот на Вардар, во другото дерби падна во сенка на „судиската свирка“ која неколку пати го натера Александар Јовиќ на гостинската клупа да потскокне и да се фати за глава. Битолскиот клуб по триумфот оставил забелешка за „тенденциозно судење“ и најавил приговор за судиските одлуки на натпреварот во Автокоманда.
Фактот што оваа судиска двојка сезонава дури шест пати му делела правда на „тимот на претседателот“, како и новата координаторска улога на еден од судиите од К2 двојката во новиот РФМ проект – ракомет на плажа, дополнето со „тенденциозното судење“ во корист на новакот од Автокоманда на кое се пожали(л) Еурофарм Пелистер, уште повеќе ја подигнуваат тенизијата и фамата околу судирот на интереси и функции во македонскиот ракомет.
Или сме премалку, па се компензираме или некои се ептен способни па секаде ги има?! Кој знае нека јави.
3.Ракометот на плажа предизвика бранови
Впрочем, проектот „ракомет на плажа“ иако секундарен во однос на успесите и проблемите на многупоприсутниот ракомет во сала, веќе со денови предизвикува серија бранови во македонскиот спорт број еден.
Проектот му е доверен на Марјан Начевски кој по некоја случајност, од истите што сега добива доверба, лани некаде во ова време доби најригорозна казна со доживотна суспензија од ракометот и случај со ЕХФ арбитража. Ајде, ги средиле односите во интерес на спортот, што, во некоја рака, е и подобра разврска на целата ситуација од онаа ланската. Претпоставувам, во меѓувреме ја повратиле и довербата едни во други, а со новиот проект ги „израмниле“ недоразбирањата. Маки секако е еден од најискусните во овој спорт и еден од ретките што најдобро го разбира ракометот на плажа како ИХФ делегат.
Проблемот е во нетранспарентноста, во одлуките без образложение и во превртениот редослед на работите, донекаде.
Настап на репрезентација на Европско првенство е генерално добра работа, само што овој пат кај нас оди малку по обратен редослед. Македонија во мај ќе настапи на ЕП во ракомет на песок во женска конкуренција, како резервна опција, а немаме ниту терен, ниту лига, ниту клубови, а ни репрезентација! Неа допрва ќе ја формираме со играчи од кои, како што вели селекторот „некои знаат што е ракомет на плажа, а некои ќе научат“. Имаме проект, избрано раководство, помилуван поранешен ген-сек и активен судија во улога на координатори на проектот, директорка од Германија и уште еден селектор-активен играч.
И многу реакции од некои што порано биле дел од македонската репрезентација и што, како што велат нејасно се изоставени во новиот проект.
„Срамота, доста е веќе!!! Каде сме ние? Јас веќе нема да молчам…“ – порача Валентина Радуловиќ, поранешната македонска репрезентативка со најмногу настапи за националната селекција, единствена македонска ракометарка со две титули во ЛШ и „бронза“ од СП во ракомет на плажа.
Револт што уште еднаш по кој знае кој пат ги отвора дилемите – кој, како, зошто? Револт што водено, фрла сомнеж и на онаа добро позната изрека – се за доброто на македонскиот ракомет! Дали?