СЕДМЕРЕЦ : Кој пее зло не мисли

И тој што учи исто така...

1.Од лани, од вчера или од завчера…

Дали било вчера или лани? Дали фризурата на Тале му е ланска и тазе сегашна? Зошто Фитиљот два пати се сликал со истата црвена маичка, нова му е или ланска омилена? Зошто Мартин го држел микрофонот со десна, а не со лева рака? Или беше обратно… Дали обемот на половината на Пешевски сега е поголем или помал од лани? Зошто пееле наместо да се фатат за работа и да тренираат?  Кој снимал, а кој пуштал? Со каква намера и позадина? Кој сака да  направи раздор и да ја растури прочуената хемија, од завист и од љубомора?!…

Луѓе бре, па дали сме ние нормални! Една обична снимка на која петмина македонски ракометари се развеселиле во летна шема и во име на старите заеднички денови ја запеале химната на Металург во кој патем, сите заедно израснаа во тоа што се денеска, ја потресе јавноста како да е една од оние политичките „бомби“ со „лепливи прсти“!

Па дискусии, па закани „веднаш да се избрка…“, „знае ли каде доаѓа…“, „ќе види тој, ќе помине бетер од Деки…“. Па ургенции да се тргне видеото, па вообичаено, префрлена топката кај медиумите со сите можни погрдни работи што кај нас по традиција, без проблем се дели на се што е домашно, и на медиуми и на играчи.

За што? За ништо!

За една обична снимка од прослава, за која патем, никој точно не ни знае ни кога била, ни како се случила, ниту пак што се се испеало освен „Металург е шампион…“ и после „Ој Вардаре македонски…“!

Без разлика дали снимката е ланска или сегашна и колку вардарци се лутат, а „пејачите“  се обидуваат да ја скријат, мене искрено, ми е многу симпатична. За разлика од некои други поранешни, па и не така весели снимки, брзо скриени, интервентно избришани, наредено исчезнати, со закани забранети. А, имало и такви, ако ја освежиме малку меморијата. И биле исто така блиски со прочуената хемија…

2.Се е до перспективата

И, настрана лутината на навивачите на Вардар, за едни оправдана, за други претерана, видеото, погледнато од друг неутрален агол, всушност и не е така лошо како слика за една друга добра хемија. Онаа репрезентативната која и тоа како и е потребна и на македонската репрезентација и на македонската публика. Нема да биде воопшто лошо, ако Томовски на пример, како што држи ритам со микрофонот така да диригира и од голот. Нема да биде ама ич лошо ако Талески и Кузмановски и на терен се надополнуваат како што се надополнуваат вака прегрнати качени на столици и да го проигруваат Пешевски, а тој да влетува на линија како што влетува овде во рефренот.

Четворица македонски репрезентативци, минатата сезона, сите „печалбари“ во Бундес лигата,  се дружат и прославуваат со македонски песни. Ако беше тоа така пласирано и така видено, ќе беше само уште едно забавно видео како милион други што ги исповртевме изминативе месеци како славни или помалку познати спортисти го исполнуваат времето додека спортот е во карантин.

Но, ние како што сме чувствителни на снимки од секаков вид, и во обичната ракометна прослава, веднаш најдовме „жолти комбиња“. За белја, се погоди и незгоден момент и незгодната песна за чувствителните нерви на вардарци по двете круни и последната криза и транзиција. Талески потпиша за Вардар, а со старите другари од Автокоманда ја пее шампионската химна на Металург. За навивачите на Вардар, кои и онака не му се многу наклонети на македонскиот репрезентативец, тоа е непростлив грев! Посебно ако е тазе снимката. Ако е од лани некако може и да помине. Иако, нема што тие таму да пејат дека Металург е шампион. Може да искобат нешто…Чувај боже!

Освен што ги навреди чувствата на вардарци, според нивни аршини, гревот на Талески е што не излезе јавно да ја расчисти ситуацијата и да не си носи непотребен багаж во „Јане“, колку и да е целата ситуација банална. Без разлика дали снимката е од лани, од вчера или од завчера, тој можеше паметно да ја сврти во своја полза, па дури и да се пошегува со целата ситуација. Оти всушност, тоа и е забава. Па, сигурно не им пишува во договорот дека треба да ја пејат само „излези Ѓурѓо…“ ако потпишале за Вардар!

3.Кафето на Кантегрел

Токму во овој контекст за песните и ривалствата, се сетив на една секвенца од СЕХА Ф4 во Веспрем пред пет години кога на завршната прослава неколку верни навивачи на Вардар заедно со „Фрајле“ на цел глас ја пееја „Битола мој роден крај…“, навивачки смртен грев. Ама баш на цел глас, кој беше таму, сигурно памети, па никому ништо. Добро се забавуваа, малку се пошегуваа… песната помина, ривалството пак си остана.

Кој пее зло не мисли!

Впрочем, на крај секако, за Талески во Вардар многу е побитно како ќе игра отколку што ќе пее.

Но, има нешто помеѓу што се вика однос со публиката и со јавноста.

Тука исто како и во спортот, некогаш си победник, некогаш си губитник. Ако не реагираш во вистинскиот момент исто е како да не си шутнал, а си имал шанса за гол. И за едното и за другото треба да се осмелиш и да го избереш вистинскиот агол.

Еве и еден добар пример за тоа.

Французинот Робин Кантегрел кој доаѓа на голот на Вардар, деновиве на социјалните мрежи постираше една од своите лекции по македонски јазик. И никој не му се смее дека, ете новиот голман на Вардар не знае кафе да порача, туку го фалат неговиот напор да научи некој збор на македонски. Кантегрел сигурно слушнал или прочитал дека Раул со македонскиот јазик овде стана омилен уште пред да ја освои европската титула. Учи и применува.

Ем практично, ем корисно.