Вардар и двете екипи на Еурофарм Пелистер во водечката тројка пред стартот на суперлигашкиот плеј-оф, Металург и Пролет отпаднаа од „горниот дом“
1.Европски победи за пролетна офанзива
Прво Еурофарм Пелистер ја крена Битола на нозе со победата против Кадетен Шафхаузен по која погледот на битолчани многу посигурно оди и кон завршницата во Европската лига.
Потоа и Вардар ја продолжи европската победничка серија. Го победи Загреб во исклучително важниот дуел, врза две победи по ред и фати приклучок за место во завршната фаза во Лигата на шампионите што не така одамна изгледаше речиси недостижна. Сега за „црвено-црните“ веќе е некоја друга приказна.
Иако победата на Вардар во најголем дел се должи на тимот, на системот на Дејвис, па и на неколкуте клучни грешки на загребчани во финишот, сепак, вреди да се издвојат и два специфични моменти:
Експлозија на решителност и сигурна реализација на Филип Талески, каква што одамна се чека од македонскиот репрезентативен бек во оние клучни моменти кога се решава натпреварот. Тале покажа дека може и конечно успеа да ги сврти критиките во пофалби. Кога веќе тргна, оттука натаму треба да оди само нагоре.
Борко Ристовски пак, покажа дека неговото искуство во клучните моменти се уште знае да биде драгоцено и пресудно иако сезонава се почесто голот им го препушта на на помладите. Но, Борко, знае да изненади посебно кога ќе загусти. И тука се стишаа малку критиките.
Двете европски победи на двата водечки македонски клуба беа почеток на седмицата во која на домашна сцена финишираше првиот дел од суперлигашкото првенство и се дефинираа позициите за годинашниот плеј-оф.
2.„Уба е табелата“, велат во Битола
Вардар и годинава тргнува од пол-позиција во одбрана на шампионската титула. Водечката тројка ја комплетираат двете битолски екипи – „единицата“ и „двојката“ на Еурофарм Пелистер. Првиот тим очекувано и предвидено, вториот тим како едно од најпријатните изненадувања сезонава во концентрираната лига.
Во секој случај, „уба“ е табелата, велат во Битола.
По системот „некој нагоре, некој надолу“, освен Ацо Јовиќ со децата од Еурофарм Пелистер 2, голем чекор нагоре и причина за задоволство сезонава има и Тиквеш. За Тиквеш ова е историски прв пласман во плеј-офот, а за Горан Андоновски како повратник на клупата и тоа како убава сатисфакција.
Во плеј-оф шесторката друштвото го комплетираат Бутел и со Охрид кои горе-долу го задржаа ланското ниво.
Во споредба со претходните сезони, најмногу надолу, од плеј-оф и пласман во европски купови, во плеј-аут, отидоа Металург и Пролет.
Од ланското историско трето место веднаш зад Вардар и Еурофарм Пелистер и пласман во Европската лига, Пролет сезонава се измеша со стратегијата и со тренерските смени, тргна надолу до седмата позиција и наместо во плеј-оф – заврши во плеј-аут. А, баш убаво ја почнаа сезоната.
Металург пак, е посебна приказна…
3.По која точка ќе се реши судбината на клубот од Автокоманда?
Зафатен од кризата и дотепан од суспензијата од ЕХФ со забрана за настап и надвор и дома, клубот од Автокоманда прв пат во последните 25 години се соочува со испаѓање од најсилната лига. А, во најлош случај дури и со „бришење“ и згаснување на клубот кој шест пати беше шампион на Македонија и два пати четвртфиналист во Лигата на шампионите.
Поради суспензијата од ЕХФ, Металург не ги одигра последните шест кола од регуларниот дел од суперлигашкото првенство и тие беа регистрирани со службен резултат 10-0, а на Металург му беше одземен по еден бод за секој натпревар.
Според член 9 од Пропозициите за натпреварување во машката Супер лига за сезоната 2021/2022, усвоени од УО на РФМ на 7 септември 2021 година, на предлог на Комесарот, „ако една екипа во текот на првенството од било кои причини се откаже или е исклучена од натамошното натпреварување, нејзините резултати постигнати во натпреварувањето:
-се бришат ако екипата одиграла помалку од 51% од натпреварите
-се регистрираат си службен резултат 10-0 (-1) бод по натпревар.
Во новите Пропозиции и во Правилникот за организација и спроведување на ракометните натпревари приспособен и усвоен од УО на РФМ во оној „вонреден“ период на 21 јуни 2020 година, не е најјасно што понатаму со клубот во ваква ситуација.
Во член 11 од Пропозициите, стои дека „Екипата која ќе се откаже во текот на натпреварувањето во системот на натпревари, нема право да пријави екипа во времетрање од три натпреварувачки сезони, а овластеното лице на екипата (клубот) ќе има забрана на вршење на сите функции во ракометниот спорт“
По малку збунувачки, но во истиот член има и опција:
„Екипата која ќе се откаже во текот на натпреварувачката сезона, следната натпреварувачка сезона може да пријави екипа за натпреварување единствено ако уплати 100.000 денари на сметка за развој на младинскиот ракомет.“
Во многуте нејаснотии за следната сезона не е баш најјасно ни по која точка и по кој член ќе се одвива судбината на клубот од Автокоманда. Засега е јасно само дека ситуацијата тешко се расчистува и дека дел од играчите на Металург сезоната ќе ја доиграат за други клубови. Во последниот бран „ослободени“ се Костадин Петров кој од Металург оди како дополна на пикерската позиција во Вардар и Турчинот Халил Озтурк кој од Автокоманда се сели во Охрид.
Ако Металург на крај биде избришан по некоја од точките или уште полошо –згаснат, тоа ќе значи еден досега битен играч помалку на македонската ракометната сцена. Што во поширока слика не е само криза на клубот туку и извесна криза во македонскиот клупски ракомет.
Од една страна пола клубови одат надолу „се тепаат“ за ваучерот и „живутаркаат“ на минимум.
А од друга страна имаме „проект“ за повторно проширена Супер лига на 16.
Има ли тука некое логично објаснување сега на каде тераме – нагоре или надолу?!