СЕДМЕРЕЦ: Како снег во март

Како да се остане во кондиција кога цел свет ќе се сврти наопаку?

1.Во време-невреме на сè ќе ти текне

Во обид да се задржи континуитетот и кога нема „материјал“ како Македонија во „страшниот“ бараж со Франција, и да се остане во кондиција кога веќе ништо не е како што треба да биде, вртам по архивите (а што друго во вакво зло доба?!) што било ракометно актуелно претходните години некаде во ова време.

Кој да знае дека денес сè ќе ни недостасува дури и таа „луда трка“ секаде да се стигне и се да се „фати“. Лани ова време од ракомет ни чуреше глава и чекавме што побрзо да зврши сезоната, малку да здивнеме сите заедно, и тие на терен и ние горе на тастатура. Се нервиравме кога Вардар чудно загуби од Нексе, на долго и на широко расправавме СЕХА „тактики и стратегии“, кој со кого, кој без кого, каде, зошто…Па, после предвидувавме суперлигашки разврски, откако Еурофарм му го зеде столчето на Металург на претседателската маса, кој ќе оди нагоре, а кој надолу, зошто, како, од каде и до каде… Па репрезентацијата со нов, наш селектор, пред клучните со Исланд, по маката во Кожани, ќе исплива ли до ново европско? Ќе го плати ли Металург данокот за Данило по селекторскиот ангажман? Ќе има ли нов поредок на македонската ракометна мапа? До каде ќе тера Вардар со плата-без плата?…Се вртеле низ тастатурата разни работи, некои суштински битни, други не толку…

Сега не знаеме што со себе додека чекаме вирусот да здивне, земјотресот да се смири, состојбата да се врати во каква-таква нормала. Каква ќе биде сè уште не знаеме, од оваа перспектива може само да претпоставуваме и да се надеваме.

2.Тактика – виткање

„Ми се оди во школо, ми недостасуваат другарите. И тебе ти се оди на натпревари, ти се гледа, признај!“, ми вели вчера ќерка ми додека усовршуваме тактика за виткање кифли.

„Ми се оди, ми се плаче…“, си мислам и виткам тоа кифлите.

По неколку неуспешни експерименти сега баратам со тактиката виткање кифли како Лино со „седум на шест“! И „тепам“ време по дома во овој нов необично тивок викенд. Не и безгрижен и мирен. Тоа сега не може ни да биде со сите загрижувачки вести за опасниот вирус што го сврте светот наопаку. И згора на тоа и земјотрес во Загреб!!!

Уплав уште повеќе во ова време-невреме.

Со Загреб сме ракометно врзани со многу нишки. Оттаму Кире тргна во бел свет и стигна далеку. Сега таму е нашиот Ненад, таму се и Вујо, Ивица, Лино… Таму се Дражен, Предраг, Дамир, Младен… луѓе со кои ракометот не врзува со години. Заедно сме истерале многу првенства, фајнал-фори, инфарктни и здодевни натпревари, битни и обични, сме се карале и сме се миреле, сме трчале по вести и пресови, некогаш нервозни и уморни, друг пат задоволни и радосни, расположени за шеги и досетки. И се надевам дека во некои подобри времиња пак ќе трчаме и пак ракометот ќе ни биде најголемата грижа. Во овие времиња-невремиња, најважно е сите да сме живи и здрави.

3. За добрите стари времиња со повод

Читам, неприликите ја наполниле и славната загребска „Арена“ со некоја друга публика која се обидува да ја победи „короната“. Ние ја паметиме по добро, во едно друго, ракометно издание од пред две години на ЕП.

Ете, мој прв предлог за овие денови кога го дозираме ракометот во ретро издание кога сè друго е „замрзнато“, е да се потсетиме на натпреварот Македонија-Германија од ЕП 2018. Еден од оние „легендарните“.

А, баш деновиве случајно, колегијално стокмивме една ретро листа на ракометни натпревари што пак би ги гледале. И ние и публиката, одново и одново… Да се држиме во кондиција, ракометно.

Листата е подолга, еее, од Лемго па наваму, што клупски што репрезентативно, ама овој понеделник нека биде наменски скратена во три секвенци.

Можеби по малку чудно ама повод за вториот избор беше предвременото пензионирање на најдобриот туниски ракометар, Ваел Жалуз. Не толку заради Жалуз колку заради нашата долга историја во дуелите со Тунис. Но, и заради „Жалузграна“, еден од насловите што остана да се памети. Ама предлогот за ретро-ракомет нема да биде тој меч на кој Жалуз сам и донесе победа на Барселона против Вардар, ниту пак оној мачниот меч од Гдањск што ни го уништи олимпискиот сон (во овие денови баш и не ни требаат порази…)туку оној од СП 2015 во Доха кога Македонија го победи Тунис со 33-25 што за мене и ден-денес е еден од најдобрите што ги одиграла македонската репрезентација во изминативе десетина години.

Иако мислам дека ракометните вљубеници досега барем 3-4 пати ги свртеле снимките од оној незаборавен јануари 2012 и на памет ги знаат сите битни моменти од Ниш до Белград, сепак трет предлог нека биде победата против Словенија за историското 5.место на ЕП. Заради единството, радоста, силата и енергијата. Добро доаѓа во вакви времиња…

Ова не е „седмерец“ како другите. Не е такво ни времето. Нема ни многу ракометни збиднувањата додека коси „короната“, поточно, нема воопшто. Меѓу сите оние лоши вести за проширување на вирусот меѓу ракометарите во Рајн Некар, и оние не толку лоши вести кој колкави тегови дига и на каква простирка прави склекови по дома, останува да се снаоѓаме во новата ситуација и некако да одржуваме кондиција додека чекаме да се смири ситуацијата и универзумот да ни ја заврши лекцијата.

Како снег во март! Несакан е и нема многу логика, ама за среќа, брзо проаѓа.