СЕДМЕРЕЦ: Инфо мрак не е добар знак!

Македонија на младинско се воигрува за кадетско, дали ќе се погоди калкулацијата?!

1.Со кадети на младинско, со младинци на сениорско…

Спортот како калкулација никогаш не ми бил појака страна. Повеќе го сакам, иако се помалку го има, она чисто спортското – играш победуваш…подобар е пружаш рака и честиташ. Пишуваш за победите, но не ги игнорираш ни поразите како да не се случиле!

Тешко се снаоѓам во рачуниците „ако ова …тогаш она“ или во пресметките каде треба  „да пуштиш“  за после „да фатиш“, каде да „изгубиш“ за да „добиеш“… Милијарда ги има! Велат тоа било дел од тактиката. Некогаш за подобар резултат, некогаш за подобар имиџ, а некогаш богами, и за подобро алиби. Кој како ќе се снајде во математиката

„Ај, жити се, пресметај ми и објасни ми што-како и зошто!“ – вообичаена новинарска консултација кога „фали“ јасна информација, или некој катастрофален пораз во победничката серија.

Во слична стуација се најдовме и летово, не само јас туку и поголем дел од ракометната јавност. Македонската репрезентација на младинскиот ЕХФ шампионат (У20) во Варна настапи со помлада генерација играчи или попрецизно, со само тројца младинци кои играа против свои врсници и сите останати 2-3 години помлади. На крајот македонската младинска, што всушност е кадетска репрезентација, на младинскиот ЕХФ шампионат што само за победникот носи шанса да игра квалификации за ранг погоре, заврши на 5.место со три победи, едно реми и со два порази од Романија и од Швајцарија кои толку се небитни, што нема потреба ни да стојат запишани!

Во тактичките калкулации било пресметано дека за Македонија е подобро младинците да бидат прескокнати и на овој ЕХФ шампионат во младинска конкуренција да воигруваат кадетите кои за десетина дена одново ќе бидат на терен на ЕХФ Шампионатот У18 во Рига. Во Рига влогот е поголем од оној во Варна бидејќи победа на овој шампионат носи пласман на младинското ЕП и на младинското СП.

2.Варна за воигрување, Рига за докажување

Дали е добар потегот на младинците да им се ускрати, а на кадетите да им се удвојат летните настапи? Дали нашите младинци од кои дел се влезени и во сениорскиот дрес, се толку напреднати да немаат потреба веќе да играат со таму некои врсници во Варна, туку може слободно да прескокнат во сениори и да играат директно на ЕП и на СП?  Дали на безмалку комплетната кадетска репрезентација добро ќе и дојде воигрувањето или ќе и биде премногу да одигра на високо ниво два шампионати во дваесетина дена?

Во минатото имало и позитивни и негативни искуства од вакви „тактички потези“ и комбинаторики на „генералниот селектор“ и на „тренер-селекторите“ на помладите категории во комбинираните и наменски проширени стручни штабови, за кои патем, јавноста во последно време главно, дознава од потписите под списоците. Каков ќе биде резултатот од овој последниот и дали овој пат ќе биде погодена целта, ќе се знае точно по настапот во Рига.

Но, не е лошо за промена и нешто да се чуе и од официјалните лица задолжени за македонската ракометна иднина, што е цел и што е таргетирано како успех или неуспех во овие летни настапи на ЕХФ шампионатите од вториот ешалон. За да се сведат точно сметките на крај и да се знае точно што е што. Впрочем, се работи за национални репрезентации пред/по настап на официјални меѓународни натпревари, не за некое приватно здружение на летна ферија!

Кога недостасуваат официјални информации, тогаш вообичаено се вртат секакви шпекулации. Ако ги има првите, нема многу простор за другите. И затоа, излезете, кажете, објавете, информирајте…Спортот е за јавноста, уште повеќе кога станува збор за национална репрезентација.

Инфо мрак никогаш не бил добар знак!

3.Селектирано и строго контролирано

Пред неколку години, на еден од оние младински ЕХФ шампионати на кои бевме домаќини, младите македонски репрезентативци наивно влегоa во еден поголем медиумски инцидент, намерно или случајно „наместени“ тие да се пресметуваат и да изгорат за да се покријат грешките на стручниот штаб.  Тогаш излегоа младите македонски репрезентативци пред новинарите велејќи дека одлучиле да не даваат изјави затоа што претходниот ден некои медиуми им ги извадиле грешките што ги направиле кога загубија добиен меч. А, ним тоа не им се допаѓало! Дел „силни“ и несвесни за последиците од однапред загубената војна со медиумите, но и за обрската што ја имаа како репрезентативци учесници на официјално ЕХФ натпреварување. Дел со наведнати глави и со извинување за „одлуката“ од соблекувална со која не се согласуваат, но мора да ја почитуваат за да не се издвојуваат.

Сите добро паметиме како беше потоа. Обидите да се амортизира ситуацијата, да се исправи грешката и да се префрли вината не беа баш најуспешни и останаа како дамка на таа генерација. Но, и на тогашниот „стручен штаб“ кој ја загуби поддршката и на крај дури и прилично неславно ја заврши „репрезентативната мисија“. И без резултат и без поддршка и плус со изгубена доверба.

Зошто се навраќам на овој лош пример? Па, затоа што и сега информациите за настапот на македонската младинска репрезентација се лимитирани на минимумот –  „селекторот го објави списокот…“ и како во некои одамна минати времиња „кого победивме“, но не и „од кого изгубивме“. Читаш на официјалниот сајт и се чудиш како може да бидат само победи, а сепак да не сме први, туку петти?!!!

Селектирани и „строго контролирани“ информации, наводно за да се „заштитат децата“, кои се, всушност, македонски репрезентативци со сета чест и одговорност што ја носи националниот дрес.

Од кого? Па од самите нив најверојатно, или од македонската јавност без која ракометот во Македонија сигурно не би бил спорт број 1?! Ако е сè уште тоа…

Или пак можеби зад „грижата за среќата на децата“, всушност да се скрие неуспехот и потфрлувањето на оние што се погоре на скалилото. Кој ќе ги знае…

Го пишувам ова и затоа што оваа лекција некако тешко се совладува. А, некои никако да научат дека ниту успехот може да се премолчи, ниту пак неуспехот да се сокрие. И да не го објавиш поразот нема да го снема, ниту неуспехот ќе стане успех, ниту пак грешките сами ќе се поправат. Во спортот, порано или подоцна, се излегува на виделина. Па дури и да воведат „класифицирана информација“, или тој чуден член во договорите дека комуникација со јавноста е строго забранета и тоа до трето колено во фамилија! Да не ви се верува, ама и тоа го има(ло) во некои „амбициозни“ клубови во наша ракометна Македонија.

Демек, го има тоа и во големите европски клубови, па не може секој во секое време да излезе во медиуми. Само што кај големите не е забрана, туку е процедура која оди преку нивните прес служби и се е во интерес на јавноста.

Ова кај нас е како жабата кога кренала нога за потковица.