СЕДМЕРЕЦ: Здравјето пред сѐ, угледот после

Тренер во клуб ги „тостирал“ децата и сите си молчат! Зошто?!

1.Котески, Като и клубот со големо К

„Ракометниот клуб Алкалоид донесе одлука за суспензија/забрана за вршење на функција помошник тренер во временски период од 3 месеци на лицето Влатко Котески. Врз основа на Статутот на клубот и дисциплинскиот правилник „суспензијата, како привремена мерка, е изречена поради постоење на сомневање дека во наведениот период на меѓународен турнир одржан во Унгарија е сторен дисциплински престап од страна на Помошникот тренер Влатко Котески, со што директно е нарушен угледот на Клубот“ – информираше клубот со големо К (така стои во официјалното соопштение до јавноста). Реакцијата од клубот стигна на 9 јуни 2023 година, четири дена по пријавата од родителот на детето во МВР по што случајот излезе во јавност и цели седум дена по инцидентот што се случил во Унгарија на 2 јуни!

И како паралела, бидејќи деновиве актуелен беше Ролан Гарос, некаде во истиот тој период, на 4 јули во Париз, јапонската тенисерка Мију Като беше автоматски дисквалификувана од францускиот Грен слем затоа што по една грешка го фрли топчето на страна, а тоа го погоди во врат едно од децата што собираат топки и од силниот удар девојчето заврши во солзи. Исклучок, ненамерен потег, итна интервенција за санација… Но, се случило и тенисерката сноси последици за потегот и за заштита на децата собирачи на топки, не заради угледот на Ролан Гарос. Веста, се разбира, го обиколи светот.

Кај нас ракометен тренер на клупски настап во странство, удира играч кој е малолетно дете, можеби во лутина, но, свесно и намерно бидејќи според сведоштвата, „тостирањето“ со двете раце по глава била позната „казнена мерка“ на тренерот кон играчите.

Од „мерката“ на тренерот, според сведоштвата до кои дојде 24Ракомет, детето добива повреда на увото, има болка и бара помош, но добива само парацетамол „за да не се шири работата“.

Од „превентивната терапија“ за заштита на позицијата или амбицијата на тренерот и угледот на клубот, детето со денови трпи болки и може да има трајни последици по здравјето. Траумата на родителите на детето, пак никој родител да не ја доживее…

2.Метод „тостирање“ – сите знаеле и си молчеле!

Случајот завршува со пријава во полиција. И, криеле – не криеле, се прошири работата. Но, да биде трагедијата уште поголема, дел од јавноста, па дури и родители што ги пуштаат своите деца да спортуваат за да имаат здрав живот, од некоја причина, повеќе сакаат да бидат „глуви и слепи“ за дете што може да оглуви од тренерска бруталност и некои силни амбиции!

За Като може да информираш и да мудруваш колку сакаш, гајле ти е за Јапонија и за Ролан Гарос. За Котески поарно ќути си, внимавај на угледот, не си ја барај белјата. Зошто?!

А, многумина знаеле, не дека не знаеле за тренерските „методи“ и за „тостирањето“ на децата. И дел од тие родители деновиве по социјалните мрежи од „петни жили“ се обидуваа да ја релативизираат работата за да се покажат пред тренерот и пред клубот!

Се прашувам, што мислеле овие луѓе седнати на трибини, кога тренерот за некоја грешка во играта им ги „тостирал“ децата, дека им вади вода од уши?!

Се прашувам и зошто клубот со големо К, со визија „да се стреми кон европски ракометни стандарди на професионална работа“ и со примарна цел „младите ракометни таленти кои имаат потенцијал и желба за напредок правилно да се насочат и да се развиваат во врвни играчи со позитивни животни вредности“, дозволил или дозволува да му се случуваат вакви аматерски пропусти!

3.Кој е потешкиот престап?

Верувам дека настапот на турнирот во Унгарија бил со најдобра намера, најмладите категории да стекнат едно ново, поинакво искуство. Но, не ја разбирам амбицијата бесот да се истура врз децата за да се победи по секоја цена.

И не разбирам како биле туку така пуштени децата на пат, со таков тренер и без искусно водство. Зошто не се реагирало веднаш по инцидентот, а не верувам дека за него во  клубот дознале од вестите во дел од медиумите или од билтенот на МВР?! Па и да било така, зошто чекаа уште три дена за на крај  да излезат со соопштение за тримесечната суспензија на тренерот како привремена мерка поради „сомнение за сторен дисциплински престап“ со кој е нарушен угледот на клубот.

Ни збор дека со постапката со која е нарушен угледот на клубот, всушност е нарушено и здравјето на детето! Тоа е уште потежок престап.

Човечки, морално, етички, спортски… би било:

Здравјето на децата пред се’, угледот после!

Угледот на македонскиот ракомет во целост, и со сите пишани заштитни дисциплински мерки, сепак е начнат, посебно во изминатава сезона во која имаше и пцовки за играчи и клетви за новинари, и факели и пендреци, и „бела прашкаста“ и воспитни „тостери“.