За десетина дена почнува европска приказна за македонските ракометарки и доаѓа моментот што македонскиот женски ракомет го чека цели десет години
1.Одбројување и пребројување пред ЕП
Ситно одбројуваме и се пребројуваме и по кадар, а откако ги објавија цените на влезниците, богами и по џеб, пред стартот на 15.Европско првенство за сениорки на кое Македонија е еден од трите домаќини заедно со Словенија и со Црна Гора.
За десет дена доаѓа моментот што македонскиот женски ракомет го чека цели десет години – да се врати на големата сцена на која последен пат беше во нишки Чаир на ЕП во Србија, во онаа за нас славна 2012. Потоа дојде оној тежок период и пад што го врати македонскиот женски ракомет неколку чекори назад. Ако се сеќавате, четири години чекавме само победа било каква, па се радувавме на таа квалификациската на Фарски Острови како да сме освоиле европско, светско и олимпијада заедно, затоа што беше зрак надеж. И беше мал чекор напред од стоењето во место, иако се уште километри далеку од пласман на ЕП или СП.
Не една, туку речиси две генерации се сменија во овие изминати десет променливи години во кои пет пати имавме клуб на Ф4 во ЛШ, но не и репрезентација што ќе може да ги помине квалификациите и баражитеза да заигра на европско или на светско.
И конечно, шансата за Македонија и за македонската женска репрезентација се отвори со тројната организација, да заиграме на ЕП 2022 како домаќини на шампионатот.
По 14 години Македонија е повторно домаќин на сениорско Европско првенство, по 10 години македонските ракометaрки се враќаат на голема сцена. Тоа му дава посебна важност и од друга страна и посебна тежнина на овој настан за македонскиот женски ракомет. Да се искористи шансата што ретко се добива е предизвик и пристисок во исто време. Но, впрочем, тоа е и спортот.
2.Цели и предности по македонски и по словенечки
Сите мерки и активности поврзани со македонската женска репрезентација во изминативе неколку години по добивањто на организацијата на првенството, беа насочени токму на таа цел – добра организација и достоен настап на ЕП 2022.
Во јуни минатата година Љубомир Савески беше поставен за нов селектор и координатор на сите репрезентации во женска конкуренција со цел да воспостави единствен систем на работа и препознатлива игра во сите категории, од кој, во перспектива, ќе излезе еден поширок ростер за сениорската селекција. Дали е исполнета целта и задачата ќе се се види за десетина дена на терен.
Во една паралела со другите домаќини на ова ЕП, Словенија на пример, на селекторската позиција, исто така лани, го ангажира искусниот Драган Аџиќ со генерално, слична цел да го подготви тимот во долгорочниот процес наречен ЕП 2022 и да го искористи ЕП на домашен терен како шанса за чекор напред.
За Словенија јасно зацртана цел е да стигне едно ниво погоре, односно пласман во главната фаза во која словенечката репрезентација не заиграла уште од 2004 година.
За Македонија целта не е така јасно зацртана, но желбата е да се одигра добро, да се изненади барем еден од силните противници, но генерално, првенството да биде шанса за оваа генерација да фати континуитет.
Секако, дека во оваа паралела Македонија и Словенија не се во сите сегменти на иста позиција. Ни во однос на резултатите, ни во однос на базата во домашните тимови и квалитетот на лигата, па ни во рејтингот и трофејноста на селекторите, ако сакате.
Иста и споредлива е улогата на домаќини и целта тоа да се искористи за напредок и за промоција на женскиот ракомет, со приближно сличен пристап во долгорочниот проект ЕП 2022 кој за неколку дена ќе има свој епилог.
3.Ракомет за сладокусци, само картите малку солени
Во оваа помалку пресвртна сезона, за Македонија оскудна со европски клупски настапи, но богата со репрезентативни, поддршката за македонската репрезентација сигурно нема да изостане. Македонската публика сака ракомет и има ретка шанса на свој терен, во првата и во втората фаза на ЕП, да види дел од моментно најдобрите европски женски репрезентации. Селекции од калибар на Франција, Холандија и Романија што се заедно со Македонија во Ц групата и во вториот круг потенцијално Црна Гора, Германија, Шпанија и Полска (најдобрите три од оваа група Д во главната рунда во Скопје ќе вкрстат со првите три од Ц) е доволен привлечен факт за сите ракометни сладокусци. Проблем е само што цените на влезниците кои, патем, ги одредува ЕХФ со своите маркетинг партнери, се малку „солени“ за македонски стандарди.
Цената на дневните билети за ЕП 2022 се движи од 927 до 3090 денари. Помножено со два или повеќе за некое ракометно семејство бидејќи ретко кој оди сам во сала, за три дена од првата и уште четири од втората фаза веќе е сериозна сума. Или, посликовито, само за еден за сите седум дена по најевтината варијанта, доаѓа нешто повеќе од 100 евра или попрецизно 6.489 денари. За земја со официјално, просечна плата од околу 780 евра (или 47.691 денари според податоците од Заводот за статистика), но и со мнозински минималец од 300 евра, 32 евра и нагоре дневно за ракомет веќе е сериозен трошок.
Колку што се сеќавам, за македонските љубители на ракометот, скапите влезници беа проблем за масовна посетеност во сала и кога претходно бевме домаќини на ЕП 2008, па на крај имаше „општонароден“ повик за да се наполнат трибините.
Не сум сигурна дека на неколку дена пред старт на ЕП има некој голем простор за интервенција во тоа што е веќе одредено од ЕХФ, на тоа требало да се укаже многу порано.
Но, ние сме снаодлив народ, кога стигнавме до Катар, сигурно ќе се собере нешто и за до „Борис“.
За Македонија со срце! За пари после ќе му ја мислиме…