Давид Дејвис по четири години се враќа во Вардар, не му беше судено да го наследи Раул, но затоа ќе го наследи Вујо.- Македонија на ЕП во препознатливиот колорит.
1.Кој еднаш бил, пак ќе се врати
Не залудно велат – кој еднаш дошол во ракометна Македонија, тој кога-тогаш пак ќе се врати. Жива вистина е ова од тренер кажана. Впрочем, има подолг список со ракомети имиња што го потврдува тоа.
Давид Дејвис се приклучува на листата. По четири години повторно се враќа во Вардар, овој пат како прв тренер. Не му беше судено да го наследи Раул, но затоа пак сега ќе го наследи Вујо. Тоа што можеби требаше, а на крај „од одредени околности“ не се случи во 2018 година, сепак ќе си дојде на место во 2022. Јасно беше тоа уште кога тргна Дејвис со „брз центар“ и брзо ги остави зад себе сите потенцијални, заинтересирани или медиумски промовирани кандидати за клупата на македонскиот шампион.
Харизматичниот Шпанец е еден од најпозитивните и најомилени ликови на ракометните терени. На четири шампионски титули во ЛШ како играч, петтата ја додаде со Вардар во своето тренерско деби како помошник на Раул Гонзалес. И остана запишан и запаметен во вардаровата историја.
Го знаеме секогаш насмеан, секогаш расположен за разговор, секогаш полн со енергија и со нови идеи. Го паметиме по оној летечки ангажман, единствен во историјата на ЛШ, кога беше паралелно и на клупата на ЖРК и на клупата на РК Вардар и во иста сезона стигна на два Ф4 турнири – и на женскиот во Будимпешта и на машкиот во Келн.
Го паметиме и по онаа легендарна изјава токму поврзана со тој тогаш ангажман на Дејвис во Вардар – „кога ќе ти понудат Ферари, не можеш да кажеш- не!“
2.Стар рецепт за нов успех
И, оттогаш остана „Ферарито“ како синоним за добра понуда.
Дејвис не остана долго на клупата на ЖРК Вардар во тогашната асистентска улога. Не остана ни на клупата на машкиот Вардар две години подоцна кога Раул замина во ПСЖ, а многумина токму него го гледаа како логичен наследник кај „црвено-црните“. Но, патиштата со Вардар тогаш им се разделија.
Наместо Дејвис, на клупата седна неговиот поранешен соиграч Парондо. Вардар иако веќе не беше она „светкавото Ферари“, сепак, „извозе“ уште еден шампионски круг во Келн. А, Дејвис си ја проба среќата прво „асистентски“ во Русија, потоа и самостојно селекторски во Египет, па дојде и „Ферари“ понуда од Веспрем. Нормално, и со „Ферари“ очекувања, кои во унгарскиот тим некако стално им одат „под тркала“ кога возат за ЛШ титула. Ни Дејвис не успеа да ја „скрши“ таа лоша традиција на Веспрем.
И ете го Дејвис по четири години, пак се паркира пред „Јане“, на задоволство на играчите, посебно на оние од „старата шампионска гарда“ и на радост на навивачите. Шпанскиот систем и „македонски“ тајм-аут беше оној оргинален и погоден рецепт за шампионски успех на Вардар.
Од тогаш досега се смени малку и „возниот парк“ и „патеката“ кај „црвено-црните“. Можеби Вардар сега и не е баш истото „Ферари“ во ЛШ, но се уште вози, а Дејвис ја прифати понудата и предизвикот за нов старт со шампионот.
Ќе може ли да се повтори стариот рецепт во новите услови? Е, тоа ќе зависи не само од желбата и харизмата, туку и од многу други фактори во годината што доаѓа.
3.Црвено-жолта тоа е боја за која живот даваме…
А, оваа што заминува за некој ден не може, а да не ја заокружиме со она што кај нас ја крева температурата секој декември – македонската репрезентација пред новиот европски предизвик. Секогаш посебен, а овој пат дури и уште повеќе.
Кире Лазаров го направи изборот за своето прво селекторско ЕП и најверојатно, последно играчко. Ќе се потпре и на старите докажани борци, но и на новите сили, од Бундес до Прва. Ќе биде среќен ако остане Лазаров само на клупа, но ќе подготви тактика и за Лазаров на терен да помогне ако затреба.
Наш е и знае дека овде еуфоријата најчесто го победува разумот, дека очекувањата редовно се малку повисоки од можностите, па дури и кога имаме шест пикери на два и пол бекови. Но, доволно е светски за да стои и да не застане сите цврсто на земја за тоа што не чека во јануари во Дебрецин.
Македонија не е можеби „црвено Ферари“ на европската сцена, ама барем си возиме „црвено-жолто“ во континуитет.
И, да, се враќа жолтиот дрес во репрезентација, наместо оној црниот од Каиро, така ми рекоа на собирот. Ако е така, тогаш браво за РФМ!
Нека блеска црвено-жолто во 2022!