Традицијата сочувана, паузата прекината – Струга прва заструга по новата реалност
1.Пак се игра ракомет!
Конечно, се затркала топката. Во Македонија најпосле, пак се игра ракомет! Како да е безмалку, некое олимписко финале, со таква возбуда и нетрпение го чекавме дуелот меѓу Еурофарм Пелистер и Металург на отворањето на Струшкиот турнир, желни за конкретна акција по долгата пауза. Еурофарм Пелистер ги победи и Вардар и Металург и го освои победничкиот пехар, Вардар е втор, Металург трет…зад нив останаа Охрид, Бутел, Прилеп, Еурофарм Пелистер 2 и домаќинот Струга.
Заструга ли Струга по новата ракометна реалност? Ќе судиме подоцна, ама обично така почнува.
Струшкиот турнир во своето 48.издание ја прекина петмесечната коронарна пауза, а во исто време, успеа да ја сочува полувековната традиција и во овие вирусни времиња. И тука со полно право Наумче Мојсовски заслужува секоја пофалба за желбата и посветеноста на ракометот во неговата Струга, дури и кога трибините по протокол, мораа да останат празни. Впрочем, Мојсо не се откажуваше лесно ни како играч, не се откажа ни сега како прв човек на Струшкиот турнир.
Вонредната ситуација донесе вонредно домашно издание на турнирот, но тоа на крај и не испадна воопшто лошо. Напротив!
На мегдан излегоа осум македонски екипи. Горе-долу, тие што би биле и во идеалната скратена лига кога ќе се вратат сехалигашите дома. Видовме дури четворица поранешни македонски репрезентативци во улога на први тренери на еден ист турнир. Се издвои водечката тројка, со сите (при)добивки и загуби во изминативе пет месеци. Видовме некои нови лица, некои повеќе некои се уште недоволно вклопени во новите средини. Видовме желба за докажување од една страна и одредена резерва на друга. Тука-таму видовме и складирани коронарни резерви, обично во стомачните предели, ама тоа веруваме, набрзо ќе се потроши. Дека е на „Женска плажа“, не за друго…
2.Радост за битолчани, грижи за скопјани
Видовме и дека Жељко Бабиќ не губел време и не биле напразни оние претсезонски најави за атак на тронот на Вардар. Еурофарм Пелистер во Струга беше најпозитивното изненадување. Битолскиот тим се покажа и физички и тактички најдобро стокмен и најконкретен на терен. Во првиот меч на отворањето, Еурофарм Пелистер целосно го исфрли од ритам подновениот Металург. Во финалето инспирирано му покажа заби и на шампионот Вардар и на крај битолчани заслужено си го подигнаа пехарот… додека Столе си го чешаше стомакот за да ги нервира „Чкембари“ зад оградата!
Скромноста и довербата се многу важни за играта, често знаеше да потсети еден од старите ракометни „волци“, носат резултати поголеми од очекувањата… Овој пат тоа најдобро го потврди Градимир Чаневски со двата пехари во раце од првиот капитенски настап со Еурофарм Пелистер во новата сезона.
Теориите дека „овие знаеле дека ќе победат па „убациле“ во полна брзина, а овие другиве знаеле дека ќе загубат, па затоа дозирале и не се форсирале…“ малку наликуваа на онаа легендарна филмска реплика „Мирко, па ти си рањен…“ и малку и не држат вода, ниту пак се некакво алиби и под претпоставка да било така.
Да, овие се први турнирски подготвителни натпревари на отворено и сигурно не маркираат уште отсега каков ќе биде поредокот на крајот на сезоната, но сигурно даваат некои првични показатели кој што има, колку може и не може, што му недостасува и што може да корегира и до каде му е реалниот домет. Впрочем, така и се одвои „тројката“ пред другите кои за волја на вистината одиграа достојно со фаворитите кои ретко се гледаат во домашното првенство.
Факт е дека Вардар ни со десет голмански одбрани на Борко Ристовски во едно полувреме, во финалето со Еурофарм Пелистер не можеше да направи разлика. Факт е дека нападот на Вардар тешко врзуваше добра акција, дека ефикасноста на бековската линија беше далеку под просекот, дека ја немаат препознатливата воиграност и дека на вардарци сигурно ќе им треба време да го премостат јазот меѓу блиското минато и новата сегашност. Што побрзо успеат во тоа, толку подобро и за Стевче Алушовски и за „црвено-црните“ во предизвиците што им ги носи новата сезона во ЛШ, во СЕХА и потоа во домашниот плеј-оф.
Во слична ситуација е и Металург, иако таму во малку подруга насока е спојката на старото и на новото. Во однос на младиот состав од претходните години, Металург сега има многу поголем потенцијал и пред се многу поголемо искуство со новите засилувања. Ама, дури и еден Златко Хорват ако ги пополнува сите дупки во одбраната и ако нема со кого да проигра, само со име тешко дека може да донесе титули и сензации. Верувам дека на Зоран Кастратовиќ, кога има одврзани раце, не му недостасува ни план ни концепт и дека ќе може да ги нареди коцките како што треба. Металург дефинитивно, има нов квалитет, но време баш и нема многу до првото квалификациско коло во Европската лига за неполни две недели. А, во овие неколку натпревари во Струга, впечатокот беше дека „металурзи“ се уште делуваат малку повеќе „рекреативно“ за тим со ваков состав и со сериозни амбиции.
3.НЕ-капитенски!
Освен ракометните збиднувања, камерите и објективите во Струга, случајно, фатија и неколку не баш „репрезентативни“ моменти. За некого битни, за некого апсолутно неважни. За едни симпатични, за други спортски непристојни и неприлични ситуации, како и да е, не треба да се премолчат за да не се повторат.
Првата е „пивска“ и оди на адреса на Металург. Во паузата меѓу настапите „металурзи“ имаа тимска прошетка со катамаран по Охридско Езеро. Снимките и фотографиите покажаа една весела, убава, позитивна атмосфера…И една лименка пиво во рацете на капитенот Даниел Дупјачанец, што апсолутно, ја расипа сликата. Колку и да е моментот неформален, опуштен и на сред езеро, спортист со пивце на среде турнир некако ич не го бидува. Уште помалку ако „примерот“ е од капитенот на сериозен професионален тим.
Не за друго, може да ја видат фотографијата во Целје или во Кјелце кои се спонзорски повеќе по пивото, па да остане Металург без капитен!
Вториот грд кадар беше стомачниот танц на капитенот на Вардар, Стојанче Стоилов наменет за „Чкембарите“ во текот на церемонија додека домаќините му го врачуваа победничкиот пехар на Еурофарм Работник, и тоа на среде терен, пред камери. Неспортски и недолично од капитенот на Вардар и кон турнирот и кон противникот и кон публиката, па на крај и кон својот тим. Уште повеќе што сцената следуваше само десетина минути по инцитентот на терен, на кој повторно „во кадар“ беше Стоилов и доби син картон.
Ни атмосферата, ни опуштеност, ни напнатост во жарот на борбата, ни провокациите, ни кусиот фитиљ не се и не смеат да бидат оправдување за вакви испади.
Капитени ли сте, што ли сте?!!!