Барселона уште еднаш ги помести границите ставајќи историски белег на годинашниот Ф4 спектакл во Келн, Вардар доби „лоша вест“ од ЕХФ...
1.Денот на седмерецот
Лудовик Фабрегас сигурно цел живот ќе го памети седмерецот што и донесе нова рекордна титула на Барселона и нова страница во историја на најелитното ракометно натпреварување.
И Алекс Душебаев сигурно никогаш нема да го заборави промашениот седмерец што во неколку секунди го претвори од лидер во трагичар и го уништи шампионскиот сон на Келце и на тројцата Душебаеви во полскиот табор.
Вчера во Келн, дефинитивно, беше „денот на седмерецот“!
Седмерците му донесоа победа на Кил против Веспрем во малото финале на Ф4. Седмерци го решија и победникот во големото финале и и донесоа историска титула на Барселона во пресметката со Кјелце.
Седмерецот е чиста среќа. Седмерецот е рулет. Седмерецот е казна и награда во исто време…
И, ако Ф4 турнирот во Келн е шлагот на сезонава во најелитното ракометно натпреварување во светот, тогаш годинава седмерците беа „црешите на шлагот“ на големиот спектакл во „Ланксес Арена“, одново блескава во полн сјај.
2.Зошто Барса е „мés que un club“
Секој што имал среќа некогаш да го облече дресот на Барселона ќе ви потврди дека онаа позната реченица „мés que un club“ не е само обично мото, туку е жива вистина за каталонскиот клуб.
Во ракометниот свет, нема кој не ги знае бројките, но импресивните достигнувања никогаш не е на одмет уште еднаш да се споменат.
– Барселона е најтрофејниот клуб во ракометната историја.
– Барселона е рекордер со вкупно 11 титули во Лигата на шампионите.
– Барселона е најуспешниот клуб со четири титули откако е воведен Ф4 форматот во ЛШ во сезоната 2009/2010. Само уште два клуба во овие 13 сезони во Келн успеале да освојат повеќе од една титула – Кил е зад Барса со три, а Вардар е третиот во „големата тројка“ со двата шампионски пехари.
– Барселона со последниот триумф, стана единствен од сите шампиони што успеал да ја одбрани титулата на Ф4 во Келн.
– Барселона сезонава освои шест титули во седум натпреварувања. Единствена загубена титула сезонава за Барса е онаа на претсезонскиот Супер Глоуб што и ја „зеде“ Магдебург.
– Барселона ја прави единствена и уникатниот успех на тренерот Карлос Ортега кој сега има вкупно седум титули од ЛШ – шест освоени како играч со Барселона, една како тренер на Барселона, во неговата дебитантска сезона на клупата на каталонскиот тим.
Новата модерна Барселона предводена од Ортега има шпанска стабилност со капитенот Де Ваграс на голот и полетност на крилните позиции, ја има француската сила на бековската линија со најдоброто од најдобрите, идеално дополнета со балканската луцидност што ја внесуваат играчи од калибарот на Циндриќ, Јанц и Макуц.
Особено впечатлив е младиот словенечки бек, Домен Макуц, кој имаше забележителна ролја и во големото финале, а со своите 22 години веќе има остварено нешто за што и некои многу поголеми се уште сонуваат – освоени две титули во Лига на шампиони.
Младиот Словенец, дефинитивно, е вонсериски талент, но, секогаш е и добар пример за споредба со нашите таленти од неговата генерација, посебно во оние вечни дискусии – млади се, рано им е, има време!
Во спортот има некои посебни моменти – го фаќаш и грабиш напред или го пропушташ и каскаш полека како вечно надежен и вечно недоречен.
3.Големата четворка на голема сцена, Вардар веќе го нема…
Што донесе годинешниот Ф4 викенд во Келн, покрај историската доминација на големата Барселона?
Се врати публиката на трибини, а тоа ја врати и старата атмосфера и препознатливата слика на „Ланксес Арена“ во веќе традиционалната спектакуларна завршница во Лигата на шампионите.
Четирите најдобри екипи во сезоната во финално одмерување на силите на голема сцена. Кил и Барса се веќе класика и традиција со најмногу настапи и најмногу титули во Келн. Весперем веќе е во зона на трагедија со уште еден несреќно-неуспешен обид да стигне до европска титула. Кјелце со трио Душебаеви како заштитен знак и со уникатниот Бертуш Сервас во позадина, се веќе синоним за упорност и амбиција.
Полуфиналната победа на Барса против Кил беше чиста ракометна класика, гледаш и уживаш. Онаа другата или по распоред првата, меѓу Веспрем и Келце, исто беше ракометно гурманска, но по малку и дискутабилна. Дали Веспрем со сите ресурси што ги има и овој пат не го издржа притисокот и падна во решавачките моменти или Кјелце беше поподготвен и поотпорен? Или пак можеби, во саботната вечер во Келн пресуден беше „данскиот ветар“ во грб за полскиот шампион?
Дали правдата за Кјелце дојде за наплата ден потоа, а седмерецот беше казната? Или, едноставно, Барса е Барса! Дилеми во спортот секогаш имало и ќе има. На крај сепак, титулата е она што останува и што се запишува.
Како и да е, Келн уште еднаш на спектакуларен начин ја затвора сезоната.
Што остана од македонскиот ракомет на големата сцена во Келн? Некогаш беше Вардар редовен учесник и два пати сензационален победник на Ф4, беа Кире Лазаров и Борко Ристовски со Барселона, беше Лазаров повторно со Нант, беше Дејан Манасков со Веспрем, беше најдобрата судиска двојка Ѓорѓи Начевски и Славе Николов…
Годинава Начевски и Николов не беа делегирани, Манасков не играше, се повреди. Од македонските репрезенти официјално остана само Драган Начевски на делегатската маса, Димитар Маневски во стручниот тим на Веспрем и Кире Лазаров како специјален гостин испочитуван од ЕХФ по официјалниот крај на играчката кариера.
На крај доби потврда и она што веќе извесен период заканувачки висеше во најава – поради старите долгови ЕХФ го исклучи Вардар од Лигата на шампионите! Лани беше Металург, сега и Вардар…
Година по година, се помалку не има таму горе!