Ноќна мора ни беше јануари да не ни стане како декември, ама ете изгледа дојде „сијечањ“ само со сеќавања
1.Една поинаква позиција на еден поинаков Мундијал
Ракометно и новата 2021 година традиционално ја отвораме на ист начин – со поновогодишниот собир на машката ракометна репрезентација во подготовките за… Е, тука веќе почнува разликата од оние претходните јануарски собири под елката во „Палас“. Македонија е на „готовс“ како прва резерва, но на девет дена пред стартот на 27.Светско првенство, се поизвесно е дека годинава во Египет нема да го фрламе крстот.
И наместо традиционалната јануарска ракометна треска која во Македонија со душа се чекаше во изминатите години, овој пат ќе биде само „сијечањ“ со сеќавања на старите добри времиња кога во јануари застануваше времето. И за пола Македонија заштедата за одмор без жалење одеше на ракомет само да се стигне до Ниш, до Белград, до Вараждин, до Севиља, до Краков, до Мец, до Загреб, до Минхен, до Виена…
Смена на генерации, „од по жица“ на последните два шампионати, нови околности…еднаш мораше да се случи. Не е сеедно да се гледа првенство „без нашите“, ама не е ни толку трагично ако биде едно. Им се случувало и на многу поголеми репрезентации да „прескокнат“ по некое првенство и пак да се вратат.
Проблемот е што Македонија во која ракометот е спорт број еден има уплав од тоа мачно враќање на голема сцена. На оваа генерација што сега полека еден по друг се осипува, своевремено и требаа десет години за да ја врати Македонија во друштво со најдобрите и да фати континуитет во настапите на европските и на светските првенства. Потоа беше историскиот пласман на СП 2009 во Хрватска, па прескокнати ЕП 2010 во Австрија и СП 2011 во Шведска, за конечно во 2012 да се вратат во ракометната елита на ЕП во Србија и да останат таму во континуитет се до овој јануари 2021.
Од понов датум е маката на ракометарките да се вратат таму каде што последен пат беа во 2012 година. Во изминативе осум години кога без нашите ги дочекувавме и испраќавме женските ЕП и СП во декември, ноќна мора ни беше да не ни стане таков и јануари.
Ама ете дојде и тоа на почетокот од новата декада.
2.Една поинаква репрезентација во поинакви подготовки
Ако не е за долго, паузата од настапите на големите натпреварувања може да биде и од корист за репрезентацијата кога смената на генерации е во финална фаза, ако се искористи на најдобар начин. Така оценува селекторот Данило Брестовац. И нема причини да не и веруваме на неговата проценка. Впрочем, тој се нафати на селекторската функција во најризичната фаза од задоцнетата и со години одложувана транзиција на националниот тим. Во неблагодарна позиција да ги отпише „иконите“ во кои се крсти јавноста и да ја убеди да им верува на новите ликови, а во исто време и нив да ги помести да излезат од дебелата сенка и да застанат на свои нозе.
На овој поинаков јануарски собир во овие поинакви подготовки , евентуално за СП 2021, а долгорочно за ЕП 2022, селекторот Брестовац повика 20 ракометари во еден поинаков состав, поразличен од сите претходни во кој покрај Борко, Џомба, браќата Марковски…сега ги нема ни Столе Стоилов ни Дејан Манасков. И така полека, полека од старата гарда, во подмладената репрезентација остана само капитенот Кире Лазаров со своето искуство и авторитет да ја воведе новата генерација во полната одговорност што ја носи националниот дрес.
Тенденцијата на селекторот е да се направи поширока репрезентативна база и повеќе играчи што имаат забележителна улога на клупски план да добијат шанса да се докажат и во репрезентативниот дрес. Ако успее ќе биде добро, ако не ќе му ја мислиме во некој друг јануари.
Прв тест за репрезентацијата во овој нов состав ќе бидат двата јанурски контролни натпревари со селекцијата на Чиле. За нив подготовки за СП во Египет, за нас во прв план, за преостанатите четири квалификациски мечеви за ЕП 2022 што и претстојат на репрезентацијата од март до мај. Евентуално за СП, ако сепак по некое чудо, во игра влезе првата резерва. Ништо не смее да не изненади, нели!
3.Едно поинакво отворање на годината
Овој јануари нема ракометна треска, но дефинитивно ќе има нови исчекувања и малку покачена температура кон крајот на месецот.
За последниот ден од јануари е закажано редовното годишно собрание на РФМ, годинава и со додавката „изборно“. И ако во повеќе сфери во 2021 година се очекуваат нови промени, „куќата на ракометот“ е една од ретките во која не се очекува, а реално не и ни треба ново преуредување, туку продолжување на тоа што е добро, најмалку барем за уште еден мандат.
Овој јануари, барем според најавите, нема да биде обичен како сите други ни на клупски план. Иако клубововите се на вообичаената зимска пауза, веќе се редат коцките и до крајот на месецот треба да биде многу појасна сликата кој колку може и со какви сили ќе финишира во битката за титулата и за нов излез во Европа.
Во Битола веќе завршија дел од работата и со време го осигураа потписот на Стипе Мандалиниќ, на новиот договор со Еурофарм Пелистер и за наредната сезона. Во тек се и други полусезонски активности околу уредувањето на тимот, но најбитен беше „капиталецот“ да остане во составот.
Што ќе донесе 21-та во Автокоманда? Дали Металург ќе ја „отвори“ годината како што летово ја отвори сезоната или ќе се активира план „Б“? И во Автокоманда како и во Битола, битно е што ќе одлучи „капиталецот“ и дали Златко Хорват ќе се одлучи за продолжен престој во Автокоманда. До 31 јануари би требало веќе да се знае и што ќе реши Хорват и каков ќе биде и новиот лик на „металурзи“ по евентуалните зимски промени.
Во последните денови од 2020 година за Вардар заврши продолжениот престој на европскиот трон на кој во голем стил се врати Кил. Пред новиот Вардар стојат многу отворени работи во 2021, но и вообичаениот тренд на затвореност на шампионот. Што ќе биде ново во „црвено-црниот“ табор ќе видиме кога ќе се случи.
Најважно од се, сепак, е да се игра и да се гледа напред.
Овој јануари малку ни ја растури шемата, но останува надежта за годината што иде подобра да биде. Барем од онаа претходната!