Две европски елиминации и една ужасна трагедија ја запечатија црната ракометна недела
1.Ракометот загуби уште еден млад живот
Изминатава седмица во македонскиот ракомет беше една од оние што едвај чекаш да поминат и да не се повторат, запечатена со трагичната смрт на ракометарот на Бутел, Денис Тот, и сите контроверзии околу целиот случај.
Спортските резултати, колку и да се поразителни, може да се поправат. Но, изгубен живот не се враќа. А, македонскиот ракомет изгуби три млади животи за помалку од две години и тоа е најпоразителниот момент.
Дали биле такви околности, судбина или несреќа, од здравствени или од некои други причини…нив веќе ги нема ни на теренот, ни во живот. Сите тројца ги поврзуваше ракометот и една помалку чудна коинциденција – Денис и Никола беа соседи додека играа заедно во Охрид, и Денис и Марко последните натпревари ги одиграа во Бутел…
Нека се памети доброто, лошото да не се повтори никогаш.
Нека се казнат виновниците што брутално му го одзеле животот на младиот ракометар, но и сите оние што се обидоа да ги прикријат газејќи по човечноста, моралот, етиката, па и по својата професија.
За младиот живот што згасна, за вистината која колку и да се сокрива на крај сепак, излегува на виделина. За да се стави крај на „недопирливоста“ и на бруталноста. За да не се повтори несреќата. За да не се изгуби довербата во тие што треба да чуваат и да лекуваат…
Па и за оваа наша Македонија да остане спортско „ел дорадо“, а не „црна дупка“ и дестинација што ќе се заобиколува.
2.Вардар и Еурофарм Пелистер завршија со Европа
Во споредба со загубен млад живот, станува безначаен секој загубен натпревар колку и да е тој важен. Но, несреќната седмица почна поразително и на терен.
Прво Еурофарм Пелистер, а ден потоа и Вардар, официјално ги завршија европските настапи за оваа сезона, малку порано од посакуваното и таргетираното европско четвртфинале.
По убедливиот пораз на првиот меч во Скопје, за вардарци, помалку или повеќе, беше очекувано дека гостувањето во Веспрем ќе им биде последениот настап во ЛШ за оваа сезона. Реваншот без резултатска неизвесност, на моменти повеќе наликуваше на ревијален отколку на осминафинален меч во ЛШ. Дуелот донесе многу голови, блесок на голема сцена на младиот голман Васил Гогов и на крај реми за „црвено-црните“. Колку-толку достојно за крај на една променлива и малку измешана сезона на Вардар
Многу понеочекуван и многу пошокантен беше поразот на Еурофарм Пелистер во Битола и елиминацијата од Нексе во осминафиналето од Европската лига. Пелистерци загубија на првиот меч во Нашице, но сепак, имаа достижни -3. Но, „активата“ овој пат се покажа како лоша проценка, мора да си признаеме.
Наместо да доминира, Еурофарм Пелистер „пропадна“ во битолската атмосфера и делуваше немоќно пред хрватскиот тим, кој пак, граби со крупни чекори напред. А, Бранко Тамше на клупата на Нексе сезонава слободно може да докторира на тема „како да ги решиш македонските клубови“! Има четири од четири на различни фронтови.
На другата страна, Жељко Бабиќ уште еднаш мораше да му честита на својот словенечки колега и некако по обичај, да ја избегне прес-конференцијата по поразот и да го испрати својот помошник „на замена“.
Не е ново, ни невидено, но во секој случај е лоша практика за голем тренер и за клуб со големи амбиции. И неодоливо многу потсетува на еден лош период од едно минато време.
А, некако ич не е убаво кога во спортот се повторуваат неубавите работи.
3.Македонија пред втор предизвик
Една изјава на селекторот Кире Лазаров или попрецизно, еден реченица во неа, иако кажана во подруг контекст на репрезентативниот собир пред претстојниот бараж за СП 2023 со Чешка, многу точно отсликува како треба да биде, за да одиме чекор напред, а не назад. И репрезентативно и клупски.
„Она што е добро да го задржиме, она што ни фалеше во минатиот период да го подобриме“ – рече, меѓудругото, селекторот Кире Лазаров во пресрет на бараж двомечот со Чешка на кој Македонија ќе се бори за место на Мундијалот, но и за задржување на континутетот на голема сцена.
Чешка не е непозната за Македонија по сите оние меѓусебни дуели во изминатава деценија, но непознато е каква ќе биде Чешка за прв пад под „шпанска палка“ со Сабате на клупата. Ќе видиме на терен, во среда во Злин и четири дена подоцна на реваншот во Скопје
Но, она што е за нас побитно е каква ќе биде Македонија на овој решавачки двомеч на кој на некој начин се крои иднината.
На наша страна е традицијата во бараж-пресметките со Чешка, иако од тие минати бројки освен за дополнителна мотивација, на терен и нема некое големо фајде.
Позитивен е и впечатокот од првиот меч со Романија во првиот бараж пролетва по разочарувачкото ЕП јануари.
Позитивно влијае и „ослободената рака“ на Филип Талески и „разгорениот фитиљ“ низ Германија на Филип Кузмановски.
Позитивна насока дава и изјавата на селекторот, нормално, ако зборовите се преточат во дела.
4.Во Автокоманда повторно се слави титула
Од оние малку светли моменти во темната седмица, вреди да се издвои и враќањето на шампионската радост во Автокоманда.
Титулата и радоста ја донесоа младинките на ЖРК Металург кои го симнаа Куманово од тронот и станаа младински шампионки на Македонија.
По сите премрежја, блокади, кризи, долгови, суспензии…што му се испослучија на Металург сезонава, шампионската титула на младинките носи нова надеж во Автокоманда. И заслужено и се израдуваа за сите пари што ги имаат и што ги немаат во кризнава година.
Нека се чува доброто, лошото да не се повтори.