СЕДМЕРЕЦ: Денот „V“

Вардар од денеска и официјално се враќа кај стариот претседател и тргнува во нов тек

1.Крај на седумгодишната епизода

Две европски титули во Лигата на шампионите во три години, блесок и европска сензација, а во исто време и две последователни кризи, газдински шок терапии, беспарица, одливи, заостанати долгови и неисплатени плати…И долга неизвесност надвисната над македонскиот спортски бренд. Сумирано, сето ова „протече“ низ Вардар во изминатите седум години додека клубот беше во сопственост на рускиот газда Сергеј Самсоненко. Денеска како што е најавено, официјално завршува оваа ера во „црвено-црниот“ бренд и почнува нова, одново на чело со стариот претседател Михајло Михајловски. И продолжува децениската врска на Михајловски со Вардар. Која, всушност, никогаш и не била целосно прекината. Формално правно –да, суштински – никогаш!

Во 2013, во посебен склоп на околности, Михајловски му го предаде „машкиот“ Вардар на Самсоненко, тогаш новиот газда кој првично влезе во ракометот со инвестиција во ЖРК Вардар и со големи планови во најава. Михајловски по примопредавањето, стана почесен претседател на Вардар. Повеќе не беше директно вклучен во работата и во одлуките во клубот, но, индиректно, стариот вардарец остана од сенка или поточно од ложа, да бдее над Вардар. Без исклучок, секогаш присутен на истото место на трибините. И во миговите кога клубот ги славеше успесите и после кога стигнаа кризите, една по друга. Како да знаеше дека се што е премногу убаво, не трае долго…И подготвен на раце го дочека и го спаси Вардар кога газдата крена раце, а шампионот почна да паѓа во се подлабока неизвесност.

„Михајло нема да дозволи Вардар да пропадне!“

Тоа беше таа позната реченица што често се повторуваше во оние критични месеци за опстанокот на двојниот европски шампион. Во тоа цврсто веруваа старите вардарци, малку помалку оние што станаа „црвено-црни“ од Келн па наваму. Но, генерално, сите, и тие што го почитуваат со години и тие што по малку ги плаши неговото искуство и познатата умешноста, знаеја дека ако некој може да го спаси Вардар од пропаст, тоа е Михајло Михајловски.

И, се покажа, беа во право.

Михајловски ја презеде обврската и одговорноста Вардар да ја истурка сезоната уште пред да се случи другата криза со короната, генерираше сигурност во несигурни времиња, стартуваше преговори за нови засилувања и го направи Вардар повторно интересна дестинација. А, од денеска и официјално, Михајловски повторно е прв човек на „црвено-црните“.

Можеби ќе звучи како веќе свртена фраза, ама минатото навистина ја спаси иднината на Вардар! Двојниот европски шампион се спаси од судбината што ја доживеа првиот што ја донесе европската титула во Македонија.

2.За добрите и лошите нешта

Сега кога завршува еден значаен период во историјата на Вардар и на македонскиот ракомет, ред е да се потсетиме на најблескавите моменти, но и на оние што фрлија темна сенка на убавата слика.

Вардар има историја и традиција од 1961 година. Тој е најтрофејниот клуб во македонскиот ракомет со вкупно 13 титули шампион на Македонија, седум освоени во ерата пред Самсоненко, шест во неговата ера од 2013 година досега, 13 титули во Купот на Македонија и три титули во македонскиот Супер куп.

Да не се заборави, на европска сцена Вардар прв пат се појави во сезоната 1998/1999 година во тогашниот Куп на победници на купови, во ЛШ прв пат настапи во следната сезона 1999/2000. И оттогаш досега „црвено-црните“ вкупно 14 пати биле учесници во ЛШ. Најголемите успеси на Вардар во елитното натпреварување се двете шампионски титули (2016/2017 и 2018/2019) и трите последователни настапи на Ф4 турнирот во Келн. Тоа се воедно и тие најблескави моменти на „црвено-црните“ во седумгодишното владеење на Самсоненко.

Приказната почна некаде летото 2013 година кога успешниот проект со ЖРК Вардар, рускиот газда го прошири и на РК Вардар откако вардарци таа сезона конечно успеаја да ја прекинат неколкугодишната доминација на Металург и да ја освојат шампионската титула (2012/2013). Првиот чекор на новиот газда во создавањето на шампионскиот тим беше доаѓањето на звучни засилувања од калибарот на Тимур Дибиров, Михаил Чипурин, Алекс Душебаев…Првиот одек во Европа дојде со она големо реми (29-29) против Барселона во Скопје во септември 2013, а дваесетина дена подоцна и второто (24-24) против ПСЖ. Во меѓувреме се случи и првиот каприц под новото водство. Зоран Кастартовиќ иако направи сензација со Барса, беше сменет од тренерската позиција, а на клупата лично и персонално седна газдата. Без ракометно искуство, но со сила и моќ на парите. И со црвена лента на раката. Таа слика остана запаметена. И мислам дека го следеше Вардар и во годините потоа.

Тоа беше прв пат, после стана лоша практика…

3. Спротивно на околностите

Покрај тие „неважни“ споредни моменти, сепак поважно беше дека Вардар тргна по ѕвездена патека и во годините потоа коцките се кршеа, но и се редеа една по една. Наместо планираниот Талант Душебаев, на клупата непланирано седна неговиот помошник Раул Гонзалес. Но, изнуденото решение, на крај стана полн погодок. „Ел команданте“ ја зграби шансата со две раце, прозборе македонски и внесе еден посебен белег во интернационалниот проект, стана миленик на публиката, а со својата ракометна пасија и тивок авторитет на клупата. Инфарктното четвртфинале со нешто подоцна новиот европски шампион Фленсбург беше само најава за големите нешта. Вториот четвртфинален обид со Кјелце втора драма. Третиот со Веспрем веќе ја крена тензијата…Во четвртиот обид Вардар стигна до Келн, направи сензација и ја освои Европа!

Велат, чудата се случуваат еднаш, но тоа не важи за вардарци. Иако по титулата, како шок дојде првата криза, сепак остана силниот тимски дух во „црвено-црниот“ табор претплатен за европски сензации.

Иако во спортските успеси, политичките врски најчесто беа успешно заобиколувана тема во јавноста, сепак, повеќе од јасно беше дека првите понирања во Вардар дојдоа со промената на политичката структура во државата. Промените донесоа финансиска криза и неизвесност со најава од газдата дека се повлекува. Прва од неколкуте потоа. А, сето тоа го донесе и првиот голем одлив од Вардар. Но, вардарци на тимски погон и инает, по втор пат стигнаа до Келн.

Втората криза во летото 2018 донесе уште еден уште поголем одлив што го однесе „ел команданте“ во Париз, Шетрбик во Веспрем…Но, Вардар ја преплива и таа криза и направи уште една сензација, ни помалку ни повеќе, на шампионскиот подиум во Келн. Титулата го премисли газдата и кога се чинеше дека проблемите се решени, излезе на видело дека Вардар пак плива во долгови. Една по една на површина испливуваа побарувања, долгови, заостанати плати, пет, седум, девет…По втората титула замина и Парондо и целата шпанска колонија. Брзо заврши и кусата епизода на Писонеро, па по старата лоша практика на клупата на Вардар седна спортскиот директор. Лошата клупска политика го однесе Вардар во една лоша серија и во крајна неизвесност. Се поизвесно стана дека газдата заминува, овој пат дефинитивно. А, играчите еден по еден веќе почнаа да се пакуваат и да си го бараат чарето.

Доаѓањето на Алушовски на клупата веќе беше првиот сигнал за ново примопредавње на кормилото. Се врати Борко Ристовски да му помогне на клубот. Михајловски застана како гарант да се истурка до крај сезоната. И тогаш короната одложи се и го застана светот.

Но, не застана спасувачката мисија за „црвено-црните“. Останаа столбовите верни на Вардар, дојдоа неколку засилувања, неколку се очекуваат наскоро. Буџетот ќе биде помал од оние шампионски 7-8 милиони (толку се споменуваа, точно никој не ги изброја, оти парите кај нас секогаш се во папка – табу и деловна тајна), и амбициите како што најави Михајловски, во новите услови ќе бидат малку подолу од Келн, ако се се врати во нормала, реално некаде до четвртфинале. Но, иднината на Вардар, веќе не е со прашалник.

Денеска е денот „D“ или за Вардар „V“.

Во рускиот „Брз центар“, убаво си забележаа дека Вардар во последниве години секако не е приказна за логика и цврсто движење кон целта, туку за емоции и резултати, спротивно на околностите. Апсолутно се во право!