Во најкризната можна година, македонските ракометари за прв пат се перфектни на старт од новиот квалификациски циклус
1.Кога инаетот ја победува реалноста
„Со Финска ќе победиме, со Швајцарија тешко…“, така отприлика течеше еден муабет со ракометните структури на неколку дена пред собирот на машката ракометна репрезентација на Македонија за стартот на новиот циклус квалификации за ЕП 2022. Аргументи за песимизам беше кризната ситуација, неизвесност кој и како ќе одигра од нашите и како ќе се снајде селекторот и од друга страна, домашниот терен и наводно поголемото европско влијание на Швајцарците.
„Па и ние сме влијателни! Не сме до толку немоќни, може да победиме на двете, ако сме малку преполовено измешани…“, беше „контрата“, кажана малку повеќе на инает.
Кога е во прашање македонската ракометна репрезентација, желбите и очекувањата секогаш ни се чекор-два пред реалноста. И тоа е така и во најдобрите и во најкризните времиња. Некогаш го викаме „притисок“, некогаш пак е „дополнителна енергија“. Како и да е, Македонија на крај сепак, стартуваше со две победи и дури успеа да му го расипе и сонот на Анди Шмид. И да ја задржи традицијата која вели дека Швајцарија цели 17 години нема победа против Македонија.
Па така на крај и онаа инает прогноза пак се покажа поточна од онаа рационалната. Македонија ја победи и Финска дома и Швајцарија во гости и има отворен пат за задржување на континуитетот и пласман на ЕП 2022 што би било шестто по ред.
Два од два за старт – фала и пријатно до март!
2.Делумно исто, делумно различно
Интересно, ваков максимален старт македонската машка ракометна репрезентација немала во ниеден од петте претходни циклуси во кои секогаш имаше по некој неочекуван пораз или реми на стартот. Еднаш тоа беше од Естонија, друг пат неочекувано БиХ ни зеде бод, па имаше неочекуван пораз од Португалија, па дојдоа оние историски пресметки со Чешка со Червар на клупата, па пораз од Грција со „ел команданте“ на чело… Кога, помалку или повеќе, во репрезентацијата, навидум, се било под конец. Ама не и резултатот на терен.
Сега, во најкризната можна година, со состав во транзиција, плус „отворен“ поради короната, со стручен штаб кој за пет дена, пет пати се смени пак поради короната и на крај селекторот остана на клупата само со директорот, Македонија има две победи и максимален старт во новиот квалификациски циклус. Победите против Финска и против Швајцарија можеби не се некоја невидена светска сензација, но резултатот никако не е за потценување. Посебно не во овие кризни околности.
Што покажаа овие два натпревари и како изгледа најуспешната македонската репрезентација, девет месеци по последниот не баш блескав настап на СП во Виена?
Делумно исто, делумно различно.
Составот и улогите на терен во ноември се делумно променети во однос на јануари. Помалку „завиено“ дали е смена или е мала повреда или изолација, од првите 19 во составот за овој циклус испадна досега првиот голман Борко Ристовски. Во отсуство на Ристовски, улогата на прв голман ја презеде Никола Митревски, а заменската улога повеќе од успешно си ја одработи Мартин Томовски.
Од оној стандардниот состав, на стартот од овие квалификации отпадна и Дејан Манасков. Левото крило на Веспрем на првиот меч во Скопје одигра малку, а во Швајцарија воопшто не ни отпатува. Отсуството на Манасков на вториот меч било поради коронарните процедури бидејќи го комплицирало неговото враќање од Швајцарија во Унгарија! Така барем беше образложено во малку задоцнетото известување, што и на ова отсуство му даде малку „завиена“ форма.
Поповски откажа „поради короната“, па Брестовац на десно крило го врати Гоце Георгиевски, што првично го остави во резерва. А, од „резервните за пензионирање“ повратна доби и Велко Марковски во одбраната. Малку измешано, ама до март сигурно и тоа ќе се расчисти некако.
Од заменските решенија, на првиот меч со Финска освежување и позитивно изненадување беше настапот на Дарко Георгиевски, иако пред мечот имаше и скептици за изборот на Брестовац. Исто како и за довербата што селекторот му ја даде на Марко Мишевски, а која бекот на Вардар чесно си ја оправда посебно на дуелот со Швајцарија. И тоа не само во вообичаената дефанзивна улога туку и изненадувачки успешно во ротацијата на плејмејкерската позиција во напад.
Филип Кузмановски и Филип Талески очекувано ги добија стартните позиции на среден-лев бек, но се уште не и во рамките на очекувањата кои за нив сепак, се и малку повисоко кренати. Во однос на прецизноста и на константноста во играта, пред сè. Двајцата репрезентативци кои ја носат честа, но и товарот да го наследат Кире Лазаров, сè уште се повеќе додавачи за капитенот отколку вистински заменски лидери. Впрочем, и не е баш така лесно и едноставно да се достигне и да се замени некој што и по четврт век во националниот дрес, трча по 60 минути, постигнува по 11 гола и ги држи сите конци во тимот.
„Со него не е лесно, ама без него ќе биде тешко“, рече Филип Кузмановски и овој пат погоди точно во центарот.
3.Разделба во Металург
Точно меѓу двата репрезентативни настапи и коронарните потреси, Металург се врати од изолација и остана без тренер. Зоран Кастартовиќ спогодбено се раздели со тимот од Автокоманда. По една верзија причина се задоцнетите плати, по другата нетрпеливоста што се појавила меѓу тренерот и играчите.
Ова со платите е веќе позната приказна, личи по малку на онаа неодманешната од Вардар. Девет ли се или не се? Цели ли се или половинки? Долг дефинитивно има, ама изгледа и во Автокоманда како и во Аеродром претходно тој различно се „рачуна“.
Но, покрај долговите, чашата многу повеќе ја прелеале односите во тимот посебно на релација тренер-играчи и обратно. Иако Металург под водство на Кастратовиќ ја оставри првата цел во новата сезона со пласманот во групната фаза од Лигата на Европа, сепак, не протече се според планот. Каде запнала работата меѓу Кастратовиќ и дел од играчите во тимот кој летово генерално, тој го креираше, не е познатно. Но, дефинитивно уште еднаш се покажа правилото дека ѕвезди во составот колку што се благодет толку се и опасност за мирот и стабилноста.
Како и да е, Металург брзо ја санира кризната состојба доверувајќи му ја повторно клупата на Оливер Димитриоски. Тој и претходно беше во слична ситуација и добро се снајде тогаш како замена за Данило Брестовац. Дури ја освои и последната титула со Металург во Купот на Македонија.
Во Автокоманда веќе се експерти во справување со кризни ситуации. Се навикнаа на брзи рекации. И за среќа, сè уште ја негуваат базата. Тоа сепак, е најсигурна опција за да се преброди кризата, мала или голема. Една од добрите работи што ги втемели Лино Червар во Автокоманда. Тоа мора да му се признае.
4. Симона со рекордна 19-ка
Иако и оваа ракометна седмица имаше главно машки предзнак, ќе биде неправедно ако остане незабележан и еден редок момент од женската страна на спортот. Тој стои зад името на македонската репрезентативка Симона Стојановска и има број 19.
Стојановска постигна токму толку гола во победата на Наиса на гостувањето против Бор во српскиот шампионат (28-36), или повеќе од половина од погодоците на својот тим. Во ракометот не се случува често некој да постигне 19 гола на еден натпревар.
Браво Симона!