Добрата и лошата страна на нашите уникатни решенија
1.Предизвикот на проектите
Ако се остварат најавите, а според изјавите тоа е речиси готова работа, селекторот или координаторот на сите женски репрезентации, Љубомир Савевски, во исто време ќе биде и тренер на новиот машки прволигаш РК Алкалоид.
Така ќе се комплетираме со два уникати. Во машката репрезентација први и единствени во светот имаме селектор-капитен. Во женската репрезентација, можеби не први и единствени, ама сигурно едни од ретките ќе имаме селектор тренер на машки прволигаш. И негов прв помошник тренер на друг машки прволигаш!
Два во едно или сите заeдно?
Добрата страна на овие „проекти“, се надевам, е идејата водилка – „да ги обединиме сите паметни глави“ и се што имаме да се стави во функција „за доброто на македонскиот ракомет“, што би рекол… веќе -знаете -кој!
Или во новата верзија „да формираме фамилија, луѓе со слични идеи кои ќе работат заедно за доброто и на машкиот и на женскиот ракомет“
Лоша не би требало да има, барем вака како што е однапред замислено – „сите структури да придонесат за општ напредок на ракометот, пред се на репрезентативен план“. Освен, можеби растргнатоста на сите страни и опасноста на некоја „раскрсница“ да се судрат интересите.
Савевски во минатото веќе имаше поприлично главоболки кога се судруваа клупските и репрезентативните работи во некои слични „пакет проекти“. Тогаш додуша во ист „џендер“ , прво како селектор на женската репрезентација и тренер на Кометал ЃП кога Трифун Костовски беше претседател на РФМ и подоцна како селектор на машката репрезентација и тренер на Вардар кога Михајло Михајловски беше претседател на РФМ.
Претпоставувам, многу помудар со пола век ракомет зад себе, Савески сега влегува во новиот македонски проект како селектор на женската репрезентација и тренер на машкиот РК Алкалоид со Живко Мукаетов на чело на РФМ. Савевски и во овој проект влегува со својата препознатлива енергија, речиси ист оптимизам и еден тон идеи кои отсекогаш биле чекор пред времето. Го бараат затоа што знаат колку може да даде на ракометот, впрочем, го докажа тоа и резултатот со кадетките што го постигна за 58 дена.
„Доколку почувствувам дека работата во клубот ми пречи во работата во националниот тим, веднаш ќе се откажам од клупскиот ангажман“, вели Савевски.
По логика на работите, тоа е паметен избор. Во практика пак, малку потешко изводливо кога се во прашање вакви „пакет проекти“. Барем така беше порано. Ама сега, нели е друго време.
Само да не го изгубиме пак човекот…
2.Ѓорче како некогаш
А, и во тоа старо време не беше баш се така лошо. „Ѓорче Петров“ со децении беше синоним за македонскиот женски ракомет и базата во која израснаа многу македонски ракометарки под строгото око на професорот Владимир Радиќ.
Имаше „Ѓорче“ и славни и тешки денови. Радиќ беше еден од ретките што не се откажуваше и му остана верен со децении. И ја заслужи почитта што ја доби на првото издание на новиот турнир „Ѓорче Куп“ што заживува од оваа година со тенденција да биде традиционален летен турнир со предзнак „меѓународен“.
Турнирот е само еден важен дел од новиот амбициозен проект, важен за клубот со шампионско минато, но, важен и тоа како, и за македонскиот женски ракомет во целина.
Првото издание на турнирот го положи испитот – донесе убав ракомет, ги собра одново „кометалки“, што на терен што на трибини, и многу други ракометни ликови, предизвика внимание и уште еднаш потврди колку ваквите проекти и настани му недостасуваат на македонскиот ракомет.
Се погоди и моментот, неколку дена по успехот на „македонските лавици“ од женската кадетска репрезентација на ЕХФ шампионатот, „ѓорчепетровските лавици“ да го слават триумфот и успешното прво издание на нивниот турнир. И сето тоа доби еден убав континуитет, а македонскиот женски ракомет нов импулс.
„Лавиците“ се во тренд. „Ѓорче“ повторно е „ракометна шема“.
3.Две приземјувања за два дена
На машката клупска сцена, пак, двата моментно водечки клуба, Вардар и Еурофарм Пелистер, претсезонски се во „променлива шема“. Посебно викендов.
Битолчани прво го победија Вардар за историски триумф во Супер Купот, па загубија од Вардар во финалето во Струга. И потоа, со пораз ја отворија натпреварувачката сезона, ако може така да се каже за пролонгираното СЕХА четвртфинале од минатата сезона. Како и да е, во Битола беа надиграни и поразени од Мешков Брест во првиот четвртфинален дуел и остануваат само на теорија за пласман на Ф4 во СЕХА.
Нормално, ако Бабиќ со Еурофарм Пелистер направи еден од неговите подвизи и на реваншот во Белорусија и со некое чудо го исфрли Мешков Брест од игра.
Во сличен ритам претсезонски горе-долу е и Вардар. Додека Вујо се уште „го бара“ тимот, ротира и тестира, вардарци претсезонски имаат едно добиено финале со Еурофарм Пелистер за „струшка титула“ , еден пораз со -9 од битолчани во Супер Купот и најновиот со -11 од Магдебург на турнирот во Германија.
Првата посериозна проверка каков ќе биде овој Вардар со Вујо на клупата, сепак, ќе биде претстојниот дуел со ППД Загреб за место на Ф4 во СЕХА.
Има неколку факти што го прават посебно интересен овој дуел:
-Двата клуба кои на некој начин се заштитен знак на регионалната СЕХА лига, прв пат во досегашните десет изданија, ќе се „чистат“ меѓусебе за место на завршниот турнир.
-Вујовиќ својата трета тренерска епизода во Вардар, практично, ја почнува против Загреб, неговиот поранешен клуб во кој имаше два тренерски ангажмани.
– Миленикот на вардаровите навивачи, Иван Чупиќ, прв пат по заминувањето од Вардар, ќе биде на спротивната страна, како еден од главните адути на Загреб.
-По шест години, на теренот во Скопје се враќа поранешниот македонски селектор, Ивица Обрван сега како предводник на Загреб. Обрван се уште ја носи „тутулата“ најдолговечен од сите 20 и кусур селектори на машката репрезентација на Македонија што и не е мала работа знаејќи колку ни е менлива таа категорија.
Еден куп предизвици за убава ракометна пресметка.