Сензационалната победа на новакот против шампионот широко ја отвора вратата за „третата опција“?
1.Иста лига – друга слика
Уште чадот од факелите нерасчистен, барем не со став и со одлука на надлежните за тоа што се случуваше, а не требаше, на големото дерби, веќе стигна новото, „помалото дерби“ со поголемо изнедадување, кое пак, носи нова неизвесност во македонскиот суперлигашки плеј-оф.
И, само што се опуштија на врвот по победата против стариот ривал Еурофарм Пелистер во „зачадената“ пресметка во „Јане“, вардарци брзо добија чиста „сина“ лекција од новакот Алкалоид во Автокоманда.
Иста лига, но потполно друга слика на големото и на помалото дерби. Атмосферата безбедна и регуларна, тензијата помала. Шампионот малку повеќе самоуверен во фаворитската улога, помалку лежерен и не толку подготвен за отпорот, или веќе поприлично уморен, на почетокот се најде затекнат, а на крајот со шанса во рака, невообичаено неспретен. Новакот на другата страна, дисциплиниран, добро подготвен, прецизно воден и на крај заслужено триумфален.
Своевремено Лино Червар во Автокоманда знаеше со кренат прст често да повторува дека одбраната е таа што го добива мечот, нападот тој што го губи. Се потврди уште еднаш точна неговата филозофија, претпоставувам, добро научена и од еден од неговите најдобри ученици. Алкалоид со добра, трпелива игра во одбраната го доби натпреварот. Вардар со грешките во нападот – го загуби.
По жарот и борбата, по трагата од „маго филозофијата“, и се разбира, по бојата и локацијата, дуелот во Автокоманда по малку потсетуваше на старите времиња и оние легендарни пресметки кога Вардар и Металург се менуваа на врвот, па важен беше секој гол и безмалку, секоја победа беше клучна.
Важноста на натпреварот беше тука некаде и овој пат, но во комплетно поинакво „пакување“ на новиот (пот)станар во Автокоманда. Кој патем, спортскиот директор, ем женски селектор во 2 во 1 пакетот, веќе го пофали дека е скоро па „како Барселона“.
Добро сега, Автокоманда не е баш „плукната“ Блауграна, како што визитката не е мастер лиценца, ама вака потсредена и со мирни трибини, сепак, е подобра од многу македонски ракометни храмови. И што е поважно, пак е терен за клучни дерби пресметки.
2.„Трета опција“ влегува во комбинација
Без разлика дали се гледа во потесна или во поширока слика, победата на новакот против шампионот, важна е од неколку сегменти и за едните и за другите и за третите. И дефинитивно, внесува дополнителна неизвесност во завршницата од суперлигашкиот плеј-оф.
За РК Алкалоид и за Кире Лазаров во тренерска улога, победата против Вардар, значи фаќање приклучок во борбата за шампионската титула во која новакот може да се најде и во ситуација да биде „третиот“ што користи додека „двајца се караат“. Тоа ги става шампионот и вицешампионот во позиција кога грешка веќе не им е дозволена, кога и онаа од дербито во Скопје се уште им стои за наплата.
Победата на новакот против шампионот, прва во нивните меѓусебни дуели и прва воопшто, на било кој суперлигаш во дуелите со Вардар сезонава, за Лазаров и за новите „сини“ од Автокоманда значи и своевидна сатисфакција. Еден натпревар и една победа сега и како драстично да ја менува сликата за македонската „трета опција“ која за само една сезона експресно влезе во игра.
3.Во Битола за титула или…?
За Вардар пак, поразот во Автокоманда значи добра лекција и нова секирација, стопена предност и враќање на почетокот во борбата за одбрана на шампионската титула.
Прогнозите генерално, сега се дека титулата ќе се решава на дуелот со Еурофарм Пелистер во Битола. Но, станува се појасно и дека на „црвено-црните“ веќе не им е доволно само искуството и рејтингот од минатотот за да се прошетаат рутински до титулата. Ако сакаат да останат на тронот, веќе немаат право на грешка во некој од преостанатите дуели и ќе мора да го победат и Алкалоид во „Јане“ и Еурофарм Пелистер во Битола. Без грешка, на терен, на клупа или на трибини.
За Еурофарм Пелистер, третиот или вториот тим во кругот на потенцијалните кандидати што остануваат во борбата за шампионската титула, победата на Алкалоид или повеќе, поразот на Вардар, значи втора шанса на подарок и можност во дербито на домашен терен во Битола (со цела или со преполовена публика) сами да си ја креираат судбината. Се разбира, под претпоставка дека битолскиот тим во сите други преостанати плеј-оф натпревари, ќе остане во позитива и ќе одигра многу посигурно од тоа вчера против Тиквеш во Кавадарци.
Се разбира, во меѓувреме останува и да се расчисти до крај случајот со инцидентот на минатонеделното дерби во Скопје, организацијата, безбедноста, прекинот, факелите и шишињата, „војната“ на скопските и на битолските навивачи и одговорноста на Вардар и на Еурофарм Пелистер во сето тоа.
Еурофарм Пелистер јавно се огласи со намера да стави крај на дивеењето на трибините дури и по цена да остане без поддршка на дел од нив.
Вардар некако ја премолче ситуацијата и остави таа да стивне сама по себе.
Дисциплинците во РФМ се уште ја разгледуваат ситуацијата и сигурно бараат некое „дипломатско решение“ чекајќи да стивнат страстите. А, можеби, чекаа и да помине „малото дерби“, па фокусот на јавноста да се сврти во друга насока. И да нема разно-разни инсинуации.
Прва, втора, трета опција… сега се е во игра.