Вардар ја загуби круната, но имаше ли сили да ја сочува? Македонија остана без бараж за СП, а можеше ли да ја победи Франција?
1.Богати и сиромашни
ЕХФ пресече – ракомет во летна шема ќе нема, ни клупски, ни репрезентативен. Сезоната која се распадна откако во игра влезе Ковид-19, решена е административно – нешто е прекинато, нешто скратено, нешто одложено.
И како што обично бидува, во спортот секогаш потешко се „варат“ одлуките донесени на „зелена маса“ од оние што паѓаат на терен. Доза на пристрасност или реалност? Тука веќе се губи границата, зависно од аголот и од позицијата.
Нормално, најмногу прашина се крева за завршницата во најелитното европско натпреварување – Лигата на шампионите. ЕХФ одлучи во женската ЛШ да остави отворена опција ако има можност на завршниот турнир да се одиграат и четвртфиналните дуели, а во машката ЛШ административно го елиминира бранителнот на титулата и другите 11 што теоретски се уште беа во игра и ја делегира „четворката“ за поместениот предновогодишен Ф4 во Келн. Според пласманот во групната фаза, за титулата во ЛШ одложено ќе се борат најдобрите две екипи од „елитните“ А и Б групи, кои случајно или не, се и четирите најбогати клубови во Европа – Барселона, ПСЖ, Кил и Веспрем.
А, тоа веднаш покрена дискусија и лавина реакции од некои клубови, играчи и тренери за исправноста на ваквата одлука. Без разлика што во овој период речиси сите беа единствени во ставот дека по големата пауза во вакви вонредни услови да се доигрува сезоната ќе биде потег од висок ризик, сега испадна дека, сепак, требало да се игра!? Оти вака богатите се во предност, а на оние посиромашните им е одземена шансата…
Ако сме реални ќе признаеме дека одлуката на ЕХФ не е најгенијално, но е некакво логично решение како микс на резултати, интерес, вонредна ситуација и временски теснец навлезен во наредната сезона.
Кој има најмногу причини да жали од ваквата разврска во ЛШ?
Од најмногу аспекти – осминафиналната двојка Вардар и ПИК Сегед.
Унгарскиот тим затоа што во групната фаза има идентичен учинок како полуфиналистот Кил – девет победи, две нерешени и три порази, 20 бода и идентични 39 гола во позитива и ист број бодови и еден пораз помалку од вториот полуфиналист Веспрем. Кил со овој скор го освои првото место во А групата пред Веспрем, а ПИК Сегед беше трет во „Б“ и во првичниот распоред, по втор пат по ред го имаше Вардар на патот до завршницата во ЛШ.
Од аголот на Сегед, критериумот „постигнати резултати“ до прекинот паѓа во вода. Од аспект на Кил и на Веспрем – пласманот е порелевантен од скорот. ЕХФ, секако, го имаше последниот збор.
2.Симнување од тронот
Тој последен збор и одлуката на маса, за Вардар пак, како актуелен шампион, значеше симнување од тронот без борба. На „црвено-црните“ како сатисфакција им останува фактот дека, технички, тие ќе ја носат титулата до крајот на годинава и ќе влезат во историјата на ЛШ како единствен тим кој бил шампион една и пол сезона.
Ако се погледне реално на работите, кризната ситуација во клубот и раситнетиот состав, практично не оставаа многу простор за некој преголем оптимизам дека Вардар и сезонава може да ја потресе Европа со уште еден шампионски подвиг како претходните два. Ни во нормални услови, ни во некоја вонредна комбинација, со потенцијално двојна унгарска пречка на патот до Келн.
Сепак, навивачите се надеваа барем на уште една епска битка на вардарци и во одлуката од Виена гледаат одземена шанса да се брани титулата на терен. Колку и да е нереално, спортски е разбирливо.
Зад Вардар, формално се уште со статус на актуелен европски шампион, останува една исклучително турбулентна сезона, со светска пандемија и со хронични домашни проблеми. Во периодот што доаѓа, во најава се темелни промени во клубот во многу сегменти. Извесно е дека кризата ќе има свои последици, но и дека ќе се бара оптимално решение за излез од кризаат. Извесно е и дека управувањето и товарот за спас на брендот одново го презема почесниот претседател Михајло Михајловски и дека се „крои“ буџетот и тимот за следната сезона.
Најави има, но засега се уште со предзнак – неофицијално.
И очекувања, исто така во широка ампитуда.
3.Македонија игра на „вајлд карта“
Вонредната одлука на ЕХФ, очекувано или не, освен на клупски, не остава без планираните натпревари и на репрезентативен план.
За македонската женска репрезентација предвреме се завршени квалификациите за ЕП 2020, без пласман. И да се играше, тешко дека нешто драстично ќе се сменеше.
За машката репрезентација отпадна баражот со Франција за пласман на СП 2021. Поради короната нема да се играат баражите, а одлуката на ЕХФ по француска препорака е на СП 2021 да се пласираат најдобрите 14 од последното ЕП 2020. Но, се отвори друга опција, ракометарите сепак, да стигнат до Египет со вајлд-карта. Дали се две или четири, дали ќе бидат промотивно американски, азиски или европски засега се уште се само „слободни пресметки“.
Македонија во Виена беше 15-та. И сега е прва под линијата, на листата на чекање. Наскоро ќе се знае дали пропуштените јануарски шанси со Чешка и со Австрија, скапо ќе не чинат, или од 15-та сепак, ќе извлечеме некоја полза како прв кандидат за вајлд-карта од непласираните европски селекции. Акцијата од РФМ е покрената, одлуката од ИХФ се чека.
И за оваа одлука на ЕХФ да се откажат баражите и за пласман на СП 2021 да се валоризираат резултатите од ЕП 2020 има задоволни и незадоволни посебно кај оние што добија „пристојни“ противници. Македонија откако ја „извлече“ Франција, баш и не беше во тие што ќе бараа шанса во баражот.
Освен два натпревари повеќе и Французите во живо, резултатски и немаше многу надеж за нас во баражот. Да ја елиминираме Франција и тоа сега со репрезентација во бесконечна транзиција и преку баражот да стигнеме до Египет, би била невозможна мисија. Колку и да сме оптимисти и ракометни фанатици. Исто како и погоре вардарци…
Реално, вајлд-картата за Македонија во оваа ситуација би била единствена „виза“ за СП 2021 во Египет или во Франција по некоја резервна опција (за нас уште поповолна) и спас за континуитетот на нашата најдобра селекција на големите натпреварувања.
Да видиме и ние некоја полза од „администрација“. Колку и да не е спортски.