Кумамото е друг свет за нас, ама Виена е блиску…
1.Јапонскиот Мундијал оддалеку
Големите ракометни збиднувања за женската ракометна репрезентација на Македонија од 2012 наваму се далечни и недостижни, веќе и заборавивме како изгледа декемвриската ракометна треска на европските и на светските првенства за дамите. И така некако од дистанца полу-заинтересирано и овој декември фаќаме тука-таму по некој интересен дуел и по некоја вест од женскиот Мундијал во Јапонија.
Во Јамага, не им се погоди климата на Французинките, па актуелните светски шампионки како најголемо изненадување со негативен предзнак на ова СП, од тронот паднаа во борба за 13.место со Унгарија. Уште една земја која е и тоа како битен фактор во женскиот ракомет, ама не и зимава во Јапонија.
На тенок лед во Кумамото пак, остана нам добро познатата репрезентација на Словенија. На јапонскиот Мундијал, четата на Урош Брегар на стартот ја изненади Холандија, а потоа се заледи на -16 со Норвешка, на -9 со Ангола, на -13 со Бразил…И на крај завршува во борба за 19.место со Конго!
За потсетување, токму Словенија за Македонија беше непремостлива пречка во баражот за ова СП и не „здрви“ со 11 разлика на вториот бараж меч во Целје. Нормално, едно е бараж, нешто друго е Светско првенство, но оваа паралела е само уште еден показател за шансите и можностите. Можеби и за тоа колу женската ракометна репрезентација на Македонија потфрли во тој бараж, колку каскаме и се вртиме во круг, барајќи време, трпение, погоден момент…
Времето и трпението за оваа постава веќе почна да истекува, ако се суди по она предупредување на последната седница на УО на РФМ. Нешто мора да се менува, оти, нели поддршката и трпението беа за да се склопат коцките и да се направи колку-толку респектабилен состав за ЕП 2022, а не изгубен домаќин на шампионатот што ќе го „делат“ Скопје, Подгорица и Љубљана.
Време има уште малку, трпение се помалку.
2.Колку „пролази“ има во Виена?
Во последниве седум години сме „исклучени“ во декември бидејќи редовно не нема на големите натпреварувања во женска конкуренција, ама ако е за некоја утеха, барем се загреваме добро за јануари бидејќи таму од 2012 наваму редовно не има на машки првенства.
Кумамото е далеку и одамна прежалено, ама Виена се уште е блиску. Па така како што е редот, некаде во ова време, „со едно око“ фаќаме по некој резултат од Јапонија, ама со две широко отворени ги проучуваме сите „пролази“ и излази на виенското метро, го мериме подолгиот и покусиот список, ѕиркаме до каде се противниците, кој е топ, кој е под…Глобално и локално.
Ракометарите се во континуитет и за разлика од женскиот дел, тука и поддршката и трпението се на многу поцврста основа. И за списокот и за изборот на стручниот штаб, завршните подготовки пред ЕП овој пат да бидат далеку од скопската пост–празнична, пред-првенствена врвулица. Со многу повеќе контролни за разлика од порано, со шанса да се наметнат помладите на рутата од Романија до Словенија, и да одморат постарите, дозирано пред ЕП.
И како и за се друго овде и за ваквото „свртување“ од традиционалните подготовки, мислењата се поделени. За едни е добро што ќе се прошири ростерот и ќе се размрдаат малку повеќе репрезентативците што имаат поголема минутажа на клупа отоколку на терен. За други пак поголем е сомнежот како ќе се врзатна ЕП „старото“ и „новото“ крило во репрезентацијата, ако се само една недела заедно на подготовки. Изборот е на селекторот, негова е и математиката. На крај на јануари – и одговорноста.
Данило Брестовац на поширокиот список во националниот тим повика се што може да му биде од полза во новиот систем на транзиција. Целта е да се фати некако втор круг во Виена и што побезболно да се преброди транзицијата. Лани во Минхен не стигнавме ни до таму. И ако сега се фати тој негативен континуитет ќе биде и тоа како опасно за оној другиот позитивниот континуитет во настапите на македонската репрезентација на големите натпреварувања. Па, догодина да ни биде и јануари како декември. Далеку било!
3.Два од три бараат тренери
Пред почетокот на репрезентативните подготовки и глобалната возбуда во јануари, локално, клубовите привршуваат со обврските за оваа календарска година. Оваа полусезона покрај другото ќе остане запаметена и по тренерските смени во трите водечки клуба на македонската ракометна сцена. Шампионот Вардар и вицешампионот Еурофарм Работник „туркаат“ со времени решенија на клупата и интензивно бараат некое трајно за понатаму. Вардар не се прослави многу со директорот на клупата и Кокшаров на прес-конференција веќе најави дека по завршувањето на полусезоната ќе се решава и прашањето за тренерската позиција.
И во Битола исто така стои отворено прашањето кој ќе биде на клупата напролет кога ќе треба да се брани вицешампионската титула. Неофицијалните и оние полу-официјалните информации велат дека засега кај „фамацевтите“ најдобро котира хрватската опција во две варијанти. Но, не е исклучена ни некоја трета. Таму каде што има успех и пари има и интерес. Нормално!
Од „големата тројка“, сега најмирен на клупата е Металург. Во Автокоманда ги пребродија есенските турбуленции, го имаат Зоран Кастратовиќ на клупата, немаат европски и регионални настапи и имаат доволно време добро да се стегнат за плеј-офот. Една цел жртвувана, другата зачувана.
Ќе биде интересно…