Замина година на подеми и падови, доаѓа година со двојни предизвици
1.Ракомет од јануари до декември
Кога се става точка на старата и две точки за почеток на следната година, вообичаено е да се стави и црта и под неа да се сумира сè што било добро и лошо во изминатите 365 дена и сè што се очекува да биде во наредните 365.
За разлика од другите спортови, кај нас во ракометот одамна не се бираат најдобрите на крајот од годината. Не дека нема што да се издвои и да се награди, напротив! Спортот број еден сè уште ни ги носи најголемите успеси, еуфории, потреси, нервози и радости во исто време. И тоа од јануари до декември. Имаме и големи победи и подвизи и МВП титули, наши судии во олимписко финале, најубави голови и одбрани и Лига на шампиони и рекордери и повратници, и победници и губитници, и нови проекти и стари кризи и книги и химни. Сè има!
Но, ете, во македонскиот ракомет остана некоја „традиција“ да нема избор на најдобрите. Сега кога го враќам филмот, искрено и не можам да се сетам ни кога ни зошто почна…Последно нешто такво што ми текнува е прогласувањето на Пепи Манасков и на Гордана Нацева за ракометари на векот, пред дваесет и кусур години.
Оттогаш наваму во ракометот не се бираат најдобрите. Тие се подразбираат! Но, сепак…
2.Белези на 2021
Една ваква година, некако сама ја прави листата. Не се оние стандардни категории и сигурно нема се да опфати, но ете, нека останат запишани барем најбитните моменти во необичната 2021.
Личност на годината & МВП : Кирил Лазаров, дефинитивно без конкуренција. Па, кој жив може го следи во чекор човекот кој во 365 дена стана единствен капитен-селектор во светот, со 41 сè уште бомбардира во ЛШ, лета на релација Франција-Македонија, води тајм-аут, трча шутира, креира нови проекти, објавува втора книга…За два месеци ја трансформира репрезентацијата од двоцифрен губитник во сензационален победник и тоа ни помалку ни повеќе – против светскиот шампион Данска, за перфектно селекторско деби и ептен битен пласман на Македонија на ЕП 2022 за континуитет изборен во, помалку, критичен период.
Во 25-годишната репрезентативна кариера, Лазаров два пати беше најдобар стрелец рекордер на ЕП и на СП, но некако стално му промакнуваше она МВП признание, можеби затоа што Македонија никогаш не стигна до медал завршница, а тој никогаш не се откажа од неа. Но, за Македонија тој е МВП со дебели букви веќе дваесет години!
Победи на годината: Има големи, важни, интересни, неизвесни, пресвртни…но, сепак највпечатливи се они „Давид-Голијат“ победи.
Изминатата година во Македонија две беа позитивно најшокантни:
Победата на Македонија против Данска во квалификациите за ЕП 2022. Македонија пласирана рекордно најниско на 23.место на СП во јануари 2021, два месеци подоцна во голем стил го победува светскиот шампион! Доминантно и со многу голови, наплата за стари долгови и отворен пат за нови подвизи. Токму затоа ќе се паметат оние 33-29 во Скопје како историски.
Втората „Давид-Голијат“ победа што ја одбележа годината е победата на Еурофарм Пелистер 2 против неприкосновениот Вардар 1961 (27-26). Не е историја, но дефинитивно е најголема сензација сезонава во Супер лигата. Александар Јовиќ со вториот битолски тим го постигна тоа што во изминативе години ретко кому успеало на домашната сцена. Ако се додадат и другите резултати, но и младите играчи што ги вадат и ги калат во Битола, „двојката“ на Еурофарм Пелистер го заслужува и признанието проект на годината.
Подвиг на годината: Ова признание заслужено им припаѓа на новите надежи на македонскиот женски ракомет. Шампионска титула и МВП признание немала ниедна македонска ракометна репрезентација досега. Тоа и успеа на женската кадетска репрезентација со супер-талентот Ива Младеновска во лидерска и МВП улога на ЕХФ шампионатот (У17) во Литванија. Иако ова е натпревар од втор ранг на европската сцена, подвигот на македонските кадетки е „прва лига“ за македонскиот женски ракомет, отвора врата за две европски првенства во помладите категории и за голем чекор напред.
Највисок дострел: Во изминатата олимписка година, најуспешните македонски судии – Ѓорѓи Начевски и Славе Николов и Драган Начевски како делегат, ја бранеа честа на македонскиот ракомет на ОИ во Токио и тоа на највисоко ниво. Во импресивното судиско портфолио, Начевски и Николов го додадоа и перфектно отсуденото олимписко финале во Токио. Како шлаг на торта. Наши, а светски!
Повратници на годината: Многу „дежа-ву“ моменти имавме во изминатата 2021 во оваа „категорија“ има силна конкуренција:
-Се врати големиот борец Филип Миркуловски во двојна играчко-тренерска улога да и помогне на македонската репрезентација како и многупати досега.
-Се врати Веселин Вујовиќ по трет пат во Вардар. Но, овој пат големата љубов не издржа долго. Се сменија времињата, се смениле во меѓувреме и Вардар и Вујо и навивачите…
-Се враќа Давид Дејвис по втор пат во Вардар. Тој е од поновата „шпанска ера“ во „црвено-црната“ историја и ќе има предизвик годинава од Вардар пак да направи „Ферари“, во најмала рака.
-Се врати Љубомир Савевски во македонскиот ракомет, по повеќе од една деценија апстиненција од ракометните терени. Прво „пробно“ на неколку месеци, а потоа во полна пареа на неколку позиции и во малку необична комбинација како селектор на сите женските репрезентации и тренер на машки прволигаш. Савевски се фати за работа и постигна историски успех со кадетките, ја подигна играта и самодовербата кај сениорките и паралелно ги кали „регрутираните“ таленти во новиот амбициозен проект на РК Алкалоид. Со истата препознатлива посветеност, енергија и харизма…како никогаш да не кренал раце и да не бил со години отсутен. Цевак е победникот!
Нај-трансфер-и: Њокаси во Македонија! Познатите француски близнаци летово пристигнаа како големи ѕвезди и уште поголема сензација во Автокоманда. Но, работите во Металург брзо тргнаа во друга насока од онаа летната. Па Кевин и Оливие неочекувано завршија на другата страна од градот – во дресот на Вардар. И наместо да го спасуваат имиџот на Металург во Европската лига, добија шанса да заиграат за двојниот шампион во Лигата на шампионите. Велат, не за кого е печено, туку за кого е речено! Е, сега што искористија Французите од „печеното-реченото“ тоа е веќе друга приказна.
Патот пак на Њокаси од Металург во Вардар им го отвори Шпанецот Едуардо Гурбиндо. Македонскиот зет не се најде во Скопје и во најбрзото заминување уште пред да научи македонски, се пресели во Букурешт.
Најтешкото заминување пак беше она на Златко Хорват од Металург. Славното крило од златната хрватска генерација, играше, даваше голови и се бореше за Металург и со оние двајца-без-тројца што останаа. Но, ни волјата не може против кризата, па на крај и тој се спакува и замина од Автокоманда.
Најлош избор: Црниот дрес на македонската репрезентација! Не ме убдија ни со попот ни со Блаже Конески дека добро ни стои и дека „црното“ било македонски белег. Добро, имаме ние овде црнила колку сакаш, ама сепак, црвената и жолтата се боите на Македонија, како знамето и како сонцето. Не го затемнувајте никогаш тоа што носи радост!
Да не се повтори:
-настапот на Македонија на СП во Египет со сите оние двоцифрени порази
-лошата серија и рекордот порази на Вардар во ЛШ
-бесконечно долгата криза во Металург
-доживотните суспензии и вербалните пресметки
-загубите на млади спортски животи
-повредите и епидемиите…
3.Предизвиците во 2022
Од она пак што доаѓа, во годината со многу двојки не очекуваат и многу двојни ракометни предизвици. Првиот е вообичаено јануарско, за нашата најуспешна репрезентација на престојното ЕП 2022 во Унгарија. Прво европско за Лазаров како селектор и за Миркуловски како тренер и најверојатно и за двајцата, играчки последно. Доволен предизвик да биде успешно.
Ова ЕП ќе биде шанса за двојцата Филипи – Кузмановски и Талески, полека да ја преземат лидерската улога во репрезентацијата, а оние од поновата генерација да се докажат и да се наметнат, не самосо потпис, туку и со игра.
И ако почетокот на годината е во знак на македонските ракометари, крајот од 2022 ќе биде предизвик за најдобрите македонски ракометарки. По цела деценија македонската женска репрезентација годинава се враќа на голема сцена, на ЕП 2022 на кое Македонија е домаќин заедно со Словенија и со Црна Гора.
А, некаде помеѓу јануари и декември, вообичаено следува новиот циклус квалификации и баражи, европските клупски настапи, домашниот плеј-оф најнеизвесен во последните десетина години, промени и трансфери.
И уште многу, многу ракомет со еден куп разно-разни предизвици.