Ако системот бил добар, зошто беше сменет?! Ако бил лош, зошто е вратен?!
1.49 истомисленици и еден „партибрејкер“
Ниту е розово, ниту црно…Некоја нијанса е помеѓу, што ја менува бојата одвреме-навреме од посветло кон потемно и обратно. Така некако изгледа актуелната состојба во македонскиот ракомет…кога ќе ја тргнеш малку „пајажината од очите“.
„Погледај дом свој, анџеле, и скини паучину с очију…“ Легендарни стихови што ги отпеа Бора Чорба во осумдесетите, од саботата ми се вртат низ глава. Сигурно заради целата таа идилична атмосфера на редовното годишно Собрание на РФМ на кое со чудна брзина и необична тишина се креваа зелените ливчиња, додека дел од гостите доцнеа од оправдани причини, а најуспешниот клуб и актуелен шампион го удостои Собранието и раководството со „ополномоштено лице“… Собранието беше малку одложено од стандардниот термин и како никогаш досега, експресно брзо завршено. Што би рекле, колку да помине на редот.
Без дискусија, без конструктивна расправа, без предлози, без мислења, без прашања… Ракометна демократија. Не стрчи во масата оти може да ти „летне главата“, гласај како сите, потпиши се кај што треба, земи пакетчето и бегај!
А, не дека нема(ше) теми за дискусија, за предлози, за различни мислења, за понуда на најдобри решенија, за прашања и за одговори… Па се менуваат ситеми на натпреварување, се менуваат правила и обврски преку кои директно или индиректно се крои иднината и се исцртуваат насоките и за клубовите и за националните селекции во поширок контекст, во најмала рака.
И сакате да ми кажете дека никој од оние 50 присутни делегати на Собранието на РФМ немаше ништо ни да додаде, ни да одземе?! Никој нема свое мислење или сите 50 за се исто мислат?! Чудно малку…
Што е за право, имаше еден исклучок од 50-те истомисленици. Претседателот на РК Вардар, Михајло Михајловски, во отсуство упати „конструктивна критика“ за работата на РФМ во писмена форма прочитана од ополномоштен претставник.
За едни, критиката од екс-претседателот на РФМ е издржана, за други, малку претерана затоа што неочекувано ја наруши саботната идилична атмосфера на годишното собрание на највисокиот орган на РФМ, посочувајќи дека „куќата на ракометот“ ја губи конструктивноста во работата, дека работите во македонскиот ракомет „не се баш така розови како што се претставуваат“, дека од РК Вардар не се согласуваат со правилото за странци, дека лигата се проширува, па се стеснува, па пак се проширува на само неколку месеци пред почетокот на новата сезона и дека тие не ставиле потпис на предлогот…
Ако е практично применлив, а не само декларативен, одговорот на актуелниот претседател на РФМ кон забелешките на претходниот е – коректен – „доставете конкретен предлог во РФМ, па ние ќе разгледаме и ќе одлучиме во консултација со клубовите“.
2.И бубрег за ваучер, потпис не е проблем
Е, сега, клубовите, се пак посебна приказна. Без единствено Здружение кое ќе ги застапува правата и интересите на клубовите, ставовите и потписите поединечно станаа многу растеглива категорија. Чест на исклучоци, ама мнозинството потпис ставаат на секој список што ќе им го дадат, и на тие „за“ и на тие „против“, и за скратување и за проширување. Кој како ќе им рече.
За ваучер уште малку, ќе потпишат и бубрег да им побараш! А, барем пола од нив надвор негодуваат и многу добро знаат дека ваква проширена Супер лига и не носи некој квалитативен напредок и дека системот во последниве години, се менува побрзо од клупската стратегија.
Факт е дека РФМ три пати во последните три сезони го менува системот на натпреварување. За сезоната 2020/2021 по брза постапка заради пандемиската ситуација, машката Супер лига беше проширена на 16 екипи. За следната 2021/2022, Супер лигата претрпе нова ревизија – сега заедно со сехалигашите, за поголема концентрација на квалитетот, лигата беше скратена на 12 со насока претходно изгласана од Собранието, од следната сезона 2022/2023 најелитното друштво да се сведе на најквалитетните 10 екипи.
Арно, ама ваучер-категоризацијата во која суперлигашкиот статус значи и некој бод, а со тоа и некоја илијадарка повеќе од една страна, и малку популистичката претстава дека „сите се еднакви и сите треба да бидат задоволни“ од друга страна, резултираа со инцијатива за собирање потписи за повторно проширување на Супер лигата. Предлогот го потпишале сите, со исклучок на шампионот РК Вардар, односно 30 од 31 клуб што настапуваат во Првата и во Супер лигата во машка конкуренција. УО на РФМ го прифати предлогот, а Собранието едногласно го верификува повторното проширување на македонската Супер лига со 16 екипи.
Меѓу оние зелените ливчиња што лани беа кренати за скратување, а годинава за проширување, се уште некако виси дилемата – ако бил добар системот со 16 екипи во најсилната лига, зошто лани беше сменет и скратен. Ако бил лош – зошто е сега пак вратен?!
Можеби дел од оние стандардните суперлигаши ќе се сетат на тоа кога пак ќе им стигнат намалени ваучери како оние ланските кога суперлигашкиот колач се делеше на 16 наместо на 12 или на 10.
Има време, дотогаш кој знае уште колку списоци ќе поминат за потпис…
3.Милиони, кредити и едно „тамче“ неготинско
Малку поиндикативен беше оној вториот одговор од РФМ на критиката од Михајловски, кој навлегува во делот на финансиите и на финсиското работење во „куќата на ракометот“.
Имено, надлежните за правно-финансиските работи во РФМ, испровоцирани од „конструктивната критика“ на стариот претседател, открија дека од старото раководство наследиле „долг од 400.000 евра, со кредит земен на три месеци пред смената на раководството“ и после повеќе од осум години, од говорница обзнанија дека „тоа го подмиривме и до ден денеска не кажавме ниту збор…“
Е, тука има еден проблем. Зошто актуелното раководство цели осум години „не кажало ниту збор“ за долг од близу половина милион евра? И зошто ако имало било какви финансиски прекршоци и злоупотреби на позиции тоа не било пријавено до надлежните институции? Нели, секој што го прекршил законот треба да одговара? Или не?
Сепак, станува збор за национална спортска федерација, со години прогласувана за најдобра. Национална спортска федерација која лани располагала со буџет од 115.137.311 денари или околу 1.9 милиони евра. Национална спортска федерација највисоко рангирана од АМС на листата на национални спортски федерации корисници на средствата од даночно ослободување со ваучер за 2022 од 15.8 милиони денари, кои, патем, се пари што се обезбедуваат од буџетот на државата и од даночните обврзници.
Токму затоа, премногу аматерски е кога успешни и исклучително ценети професионалци, ќе дозволат отчетноста и одговорноста во една национална спортска федерација да се сведе на – „е, сега ќе видиш, ќе те кажам“!
Не. Секој што згрешил треба да одговара и да си сноси последици, без разлика дали е од поранешните, од сегашните или од идните… И, без разлика „кој за кого навива“, Ракометната федерација на Македонија е национална федерација!
И, додека од една страна се вртат кредити, ваучери и милиони, од друга страна имаме екипи што доносуваат стари репрезентативни дресови, тренираат во ладни сали, поголем дел среќни што воопшто фатиле некаде термин, се води „трета светска“ кој ќе ја земе Автокоманда… И со „тамче“ возиме кон големата Супер лига. Оргиналната неготинска промоција вчера предизвика илјадници насмевки и симпатии. Наспроти милионите.
И, некако убаво ја врами розово-црната слика за македонскиот ракомет. Тамам на муабетот.