Ако по утрото се познава денот, сезонава ќе биде – лизгава и непредвидлива
1.Мавровската средба
По петмесечна принудна коронарна пауза, ракометот во Македонија повторно се враќа на терен. Првиот обид, додуша со краток век, беше викендов во Маврово. Металург и Еурофарм Пелистер симболично „ја отворија“ сезоната со првиот меѓусебен подготвителен меч. Но, наместо предвидените 90 минути (или 3х30 како што најавија тренерите) првото подготвително соочување на „сините“ од Битола и на „сините“ од Скопје, траеше само десетина минути. И ако нешто ви значи, во таа десетинка „металурзи“ поведоа со 4-2 и потоа беше отсвирен крај.
Вината не е во ривалите, туку повторно е во короната. Односно, во подлогата која пролизга од средството за дезинфекција!
Така, двете екипи останаа без планираната прва проверка по долгата пауза. Македонската ракометна јавност желна за натпревари, пак остана без долгоочекуваниот дуел (па нека е и подготвителен) и без свеж „материјал“ за бесконечните претсезонски дискуии – кој ќе биде посилен Металург со Хорват или Еурофарм Пелистер со Мандалиниќ.
Од првиот несуден меч во короната, остана само шегата на битолчани дека таму каде што игра Пелистер се крева паркетот. Или, лизга по ново.
2.На „Женска плажа“ се отвораат картите
Металург и Еурофарм Пелистер за некој ден повторно ќе излезат на мегдан. Втората претсезонска проверка закажана е на годинешниот Струшкиот турнир кој и покрај вонредната состојба со короната, успева да ја зачува традицијата, овој пат во комплетно домашно издание. Во фокусот на вниманието во Струга, секако, најмногу ќе биде „големата тројка“ – Вардар, Еурофарм Пелистер и Металург. Како изгледаат трите ривали за највисок пласман во новотото издание, кој колку може, кој доминира, а кој заостанува, кој како се пополнил и каде останал покус…
Впрочем, од Струга, по некоја традиција, стигнуваат и првите важни сигнали за тимовите и за тоа каков ќе биде односот на силите во новата сезона. Барем така беше во оние години на големото ривалство кога Вардар и Металург се бореа за превласт. На прв поглед занемарливи, но за „ракометно око“ забележливи и подоцна апсолвирани во оние познати дискусии „…а ви текнува ли на тоа во Струга…“.
Само, дај Боже да не пролизга и на „Женска плажа“. И, како тргнало, да не биде „лизгава“ цела сезона, по се она што се случуваше во претходната и со сите прашалници ставени на претстојната.
3.Металург и среќната 13-ка
Во целата таа глобална корона- неизвесност, сепак, провејува доза на спортски оптимизам. И покрај вонредните, лизгави околности, во македонскиот ракомет, ни во оваа претсезона не недостасува ни планови, ни амбиции, па ни доза на ривалство. Без тоа не би било интересно…
Има извесни битни разлики во однос на претходните години. Главно, буџетите се приближија и лимитите се поместија, а вообичаената „двојка“ на врвот сега е „тројка“. Ако некогаш беа Вардар и Металург, во последниве две сезони Вардар и Еурофарм Работник па Пелистер, сега се Вардар, Еурофарм Пелистер и Металург тие што ќе го имаат главниот збор на македонската ракометна сцена, по буџет и по квалитет.
Шампионскиот ореол сè уште го држи Вардар на добра дистанца од другите, и покрај бранот промени во „црвено-црниот“ табор. Но сега веќе не и непремостлива, барем според најавите. И за разлика од претходно кога Вардар и сè околку шампионот беа главните теми, летово многу повеќе внимание привлекува тоа што се случува во Битола и во Автокоманда и главното ривалство се поместува на нова релација.
Едните го имаат Бабиќ, другите Кастратовиќ. Во Битола стигна Стипе Мандалиниќ, во Автокоманда како „капиталец“ дојде Златко Хорват. И едните и другите, кој повеќе кој помалку, се држат до воспоставениот систем и платформата домашна база со странска надградба од малку различна перспектива.
Кај Еурофарм Пелистер остана слободна 1-цата. Металург пак доби уште една среќна 13-ка. Во најблескавите денови на Металург, дресот со број 13 го носеше легендата на клубот, Филип Миркуловски, и своевремено тој беше повлечен од употреба во негова чест, па потоа помалку невообичаено пак вратен на терен и доделен на Словенецот Давид Шпилер кога дојде во Автокоманда. Сега среќната 13-ка во Металург ја задолжи друга ракометна легенда. Златко Хорват во Металург ќе го носи среќниот бројот што е негов заштитен знак и во хрватската репрезентација.
„Се разбира дека ние не дојдовме овде залудно. Не дојдовме за да бидеме пак трети или помалку од тоа, целта е да се биде меѓу првите две екипи и да им ги помрсиме сметките и на Вардар и на Еурофарм Пелистер…“ – најави деновиве новата 13-ка на Металург.
Се лизна првата шанса да видиме кој бил поуспешен во изборот и која стратегија ќе биде добитна. Но, долга е сезоната. Барем така треба да биде…