„Не го оставам така клубот“, вели претседателот Михајло Михајловски
1.Лани беше Металург, годинава Вардар…пред 22 години цела Македонија
Македонија во следната сезона останува без претставник во Лигата на шампионите, со административна одлука на Извршниот комитет на Европската ракометна федерација, со која на РК Вардар 1961 му се одзема правото за настап, бидејќи „не ги исполнува критериумите“ за влез во европските натпреварувања под капата на ЕХФ за сезоната 2022/2023. Тоа е фактичката состојба со која се соочува најтрофејниот македонски клуб и двоен европски шампион, но и македонскиот ракомет во целина.
Во две години и две последователни сезони, една по друга завршуваат две европски приказни на двата најуспешни македонски клубови во изминатите две децении кои практично и го издигнаа рејтингот на македонскиот клупски ракомет и Македонија ја ставија во рангот на европските ракометни велесили со по две места во најелитното европско натпреварување – Лигата на шампионите.
Лани беше Металург, административно елиминиран и практично збришан без право за настап во Европа, но и дома, формално за некои 50.000 евра. Годинава во слично сценарио низ вода е пуштен и Вардар, со една нула повеќе во сумата што задоцнето стигнала во ЕХФ. И со таа разлика шти суспензијата на Вардар е само на европско, не и апсолутно на секое ниво како таа на Металург.
Коинциденција или чиста случајност, истите два клуба во изминатите две години ги загубија и столчињата на главата маса на Собранието на РФМ, но тоа претпоставувам, нема никаква корелација со загубените позиции во Европа. За доброто и иднината на македонскиот ракомет, би било лошо да има.
Разлика освен во сумите и во опсегот на казните за Металург и за Вардар има и во прецизирањето на побарувањата. Ако за Металург „критични“ испаднаа побарувањата и жалбите на Шпенде и на Кастратовиќ, кај казната за Вардар нема конкретни имиња со побарувања за неподмирени долгови, туку само општа констатација дека „ЕХФ две години се обидува да го реши проблемот со неплаќањата на договорените играчи од страна на клубот“.
И во едниот и во другиот случај, од ЕХФ мерките се „образложени“ со заштита на принципите и „многу чувствителната структура“ на европскиот натпреварувачки систем на клупско ниво кој зависи од „интегритетот на клубовите учесници“.
Како факт стои дека ваквите ригорозни мерки од ЕХФ кон Македонија не се први ни единствени. Сите многу добро ја паметиме онаа најригорозната казна од ЕХФ за Македонија за „случајот Прокоп“ од 2000 година кога Кометал Ѓорче Петров беше казнет за „пропуст во организацијата“ на ЛШ финалето, а Македонија во наредната сезона суспендирана од сите европски клупски натпреварувања.
Тогаш Кометал ЃП успеа да ја преживее кризата и следната сезона пркосно да ја освои ЛШ. Но, тогашниот македонски шампион во машка конкуренција, Пелистер, никогаш целосно не се опорави од таа одземена сезона во Лигата на шампионите, „прекршен“ во најголемиот подем на кој се обидува да се врати цели две децении.
2.Последиците позастрашувачки од причините
Токму затоа, овие две последователни суспензии за Металург и за Вардар и „дисциплинирањето“ од ЕХФ за да се стави „ред во етерот“ или пак за да се воспостави некој друг однос на сили на европската сцена, колку што се критични за двата клуба со децениска традиција, толку може да бидат поразителни и за македонскиот ракомет во целина.
Без силни клубови нема силна лига, тоа треба да ни е јасно како ден.
Без силни европски натпревари ќе нема ни полни сали и интересот за ракометот ќе биде во слободен пад. И тоа треба да ни биде јасно.
Без позначајни резултати, а сега и без настапи во ЛШ паѓа и рејтингот. Да не заборавиме, кредитот од четвртфиналињата и од двете шампионски титули на Вардар веќе е потрошен. Во следното рангирање на ЕХФ на клупско ниво во кое се земаат предвид постигнатите резултати во европските купови во последните три сезони, нема ни два тима во ЛШ, ни бодови од шампионски титули, а во претстојната 2022/2023 ни претставник во најелитното натпреварување. Со сето тоа, Македонија на следната клупска ранг-листа на ЕХФ, сигурно ќе го загуби местото меѓу земјите во ТОП 10, а со тоа го губи и загарантираното место за дирекетен пласман во Лигата на шампионите. Ако некој случајно трие раце за суспензијата на Вардар и за онаа од претходно на Металург, нека има на ум дека во идните сезони патот до ЛШ за македонските шампиони нема да биде ни лесен, ни така едноставен.
Ќе биде исклучително тешко да се врати рејтингот, уште потешко довербата, најтешко интересот за ракометот и публиката, а со самото тоа, логично и големите инвестиции во овој спорт.
3.„Нема да го оставам така клубот…“
Кој е виновен за ваквата незавидна ситуација во која одеднаш се најде македонскиот клупски ракомет и посебно, двојниот европски шампион? Ова е прашањето што најчесто се поставува деновиве и за кое нема баш јасен одговор, барем од податоците што се „на увид“.
Според официјалното соопштение од ЕХФ, клубот е виновен што во изминатите две години не ги подмирил долговите, што се обидел да го реши проблемот со пролонгирање, што не одговарал на предупредувањата и што задоцнил со последната уплата на половината милион кој наместо на 15.05, на сметката на ЕХФ легнал на 31.05. Причина за задоцнувањето, како што наведува пак, поранешниот директор на РК Вардар во денешното образложение на работите, биле „дополнителните административни процедури со банката“
Зад спорниот милионски долг што во изминатите неколку години се влече зад името на Вардар и што сега македонскиот шампион го чини и суспензија од ЛШ, стои старото раководство и стариот сопственик на клубот, рускиот бизнисмен Сергеј Самсоненко. Од Вардар кој во изминатите години беше поприлично затворен за јавноста, сега одеднаш се обелоденуваат и суми и факти. Меѓу кои и дека новиот субјект АД РК Вардар 1961 како наследник на шампионскиот АД РК Вардар, покрај гаранциите за секој играч, од Самсонеко побарал и добил и обезбедување во висина од 2.5 милиони евра кое, како што тврди поранешниот директор на РК Вардар, било „поголемо од тогашниот долг“. Сето тоа било потпишано и нотарски заверено „со цел да не произлезат понатамошни штети на новиот следбеник“, односно на новорегистрираниот РК Вардар 1961.
Но, и покрај потписите и гаранциите, поради светската криза и пандемијата, обелоденето е дека Самсоненко успеал „да сервисира дел од долгот, но не и целосно“.
После тоа доаѓа реакцијата од ЕХФ и ланскиот услов за настап во ЛШ, РК Вардар 1961 да приложи гаранција од 1 милион евра. Новото раководство на чело со Михајло Михајловски кој се врати во обид да го спаси Вардар кога Самсоненко реши да се повлече, во корелација со старото, лани го обезбедија милионот и условот од ЕХФ за настап во ЛШ. Но, на крајот од сезоната, целиот случај сепак, доби несакана разврска. Задоцнета реакција и краен исход – суспензија за Вардар од европските настапи.
По првичниот шок од „бездушната казна“ од ЕХФ, претседателот и капитенот на Вардар на денешната прес-конфренција најавија консолидација, колку и да е тешка ситуацијата. Лојалноста одново е заштитен знак на „црвено-црните“.
Целата екипа, освен најавените странци, остануваат во Вардар и заедно со управата ќе се борат да го одбранат брендот и да го задржат рејтингот на клубот во домашното првенство и во регионалната СЕХА лига.
Останува и Михајло Михајловски на чело, додека не најде некој што ќе го замени и додека не ги исчисти сите долгови со Самсоненко од грбот на Вардар, со изјави од сите играчи дека се исплатени и дека немаат побарувања од клубот.
„Нема да го оставам така клубот“ – рече денеска Михајло Михајловски.
Уште една потврда за лојалност кон клубот и кон традицијата што ја носи најголемиот македонски спортски бренд. Тоа е Вардар!