Наместо Балкан Бундес, СЕХА стан Компромис лига од Загреб до Пекинг
1.Што рече Вујо пред сезона…
„Добро е што го играме реваншот во Загреб, ќе продолжиме директно во Задар“, пушти Вујо позитивна провокација пред стартот на сезоната. И на крај излезе негативна работата за Вардар.
Вујо добро го предвиде резултатот од четвртфиналната пресметка со ППД Загреб, но не предвиде и дека СЕХА „ќе се игра“ по други протоколи, па Вардар пласиран во Задар на крај се врати во Скопје, а ППД Загреб непласиран се пласира на Ф4.
СЕХА го изолира петкратниот шампион. Или како што појасни Михајло Михајловски, претседател ем на Вардар, ем на СЕХА, во регионалната лига сите биле едногласни дека на Вардар не треба да му се дозволи да игра во Задар.
Причина е позитивниот тест на еден вардарец, кој повторено стана(л) негативен, ама викендов остана позитивен за да не биде впечатокот за СЕХА негативен на позитивниот Ф4 викенд од јубилејната 10-та сезона.
Дури и Михајловски во Задар церемонијално му го врачи пехарот на старо новиот шампион. Претседателот за чудо не беше изолиран од Ф4 како неговиот тим. Сигурно не бил во контакт со својот тим или со „позитивниот“ или бил вакциниран со иста вакцина како Загреб, можеби.
Иако потпретседателот на лигата, Борис Сапожников, во рускиот „Брз центар“, се обиде да објасни дека „немало никаков заговор“ и дека „Михајловски е претседател на Вардар и на СЕХА и е моќна фигура во ракометниот свет што со еден повик решава многу прашања“ . Како одговор на реакциите во македонската јавност потпретседателот на СЕХА дури и праша: Што мислите некој ќе сака да игра таква игра со клубот на претседателот?
Но, клубот на претседателот беше изолиран од Ф4. И никој не одговори:
-Зошто „позитивниот“, ако бил позитивен, бил на терен и зошто тестирањето било потоа, а не пред натпреварот на кој Вардар избори пласман на Ф4, како што би требало да биде по протоколите?
-Зошто Вардар е комплетно изолиран „заради контакт“, а Загреб не е иако „позитивниот“ беше на терен, се објаснуваше „без дистанца“ со Гојун, се изгушка со Шипиќ и со пола тим?-
-Зошто „вакцинираните“ од Вардар се изолирани и испратени дома, а „вакцинираните“ од Загреб испратени на Ф4? На терен сите беа на иста дистанца, нели. Или вакцината не е иста?!
-Зошто СЕХА на петкратниот шампион не му даде опција на Ф4 да настапи со тестирано негативни и безбедни играчи? Не затоа што е „клуб на претседателот“, туку затоа што клубот на претседателот си избори пласман на Ф4.
2.Ќе биде дека РФМ се во право
СЕХА од година во година собира се повеќе негативни поени и тоа е факт, не само поради „случајот Вардар“, туку поради многу „случаи“ и потези од сезона во сезона. Од оние „кошаркарските“ резултати на Макс Струмица, па до овие чудни и неочекувани +11 на Мотор против фаворитот Мешков Брест во мечот за 3.место во Задар. Од откажувањето на Словенците и приклучувањето на Кинезите, па до лансирањето на Веспрем и на Мешков Брест директно во четвртфинале.
А, првичната идеја на регионалната лигата всушност беше најсилните клубови од регионот да имаат повеќе силни натпреври со силни противници. Инаку зошто би играле во Нови Сад, а не во Охрид или во Битола? И тоа само за престиж и титула што не носи никаква друга европска привилегија.
Челниците едно време регионалната ја едначеа со двете најсилни лиги во Европа. Но, десет години по стартот, СЕХА наместо Балкан Бундес повеќе стана СЕХА Компромис лига.
Македонија како еден од основоположниците, десет години и даваше предност на СЕХА и домашната лига ја ставаше во служба на регионалната, ослободувајќи ги сехалигашите од обврски до плеј-оф. За разлика од Словенија или од Унгарија на пример каде домашното првенство секогаш беше на прво место, а СЕХА секундарна – кој сака нека игра во слободно време, отприлика.
По многу држ-не дај, од оваа сезона сехалигашите повторно комплетно се враќаат во домашното првенство. И од оваа перспектива, тоа е и тоа како исправна одлука на РФМ.
Лани Еурофарм Пелистер се изначека и пет пати беше на подготовки додека конечно не тргна СЕХА. Ајде, се измести сезоната заради короната. Но, годинава кога другите веќе се враќаат во нормала, во СЕХА повторно ништо не се знае, освен најавата дека и годинава регионалната лига ќе почне таму некаде во декември-јануари и ќе заврши пак во септември?! Барем така најавија од Задар, челниците на лигата.
Впрочем, не залудно и Загреб се враќа во домашното првенство, а СЕХА е повеќе нивна отколку наша.
3.Тестот на Пролет
Деновиве кој како излезе од нашите во Европа, сите се враќаат изолирани, а тестовите се задоцнети.
Ај СЕХА што го тестирала Вардар „по“ наместо „пред“, туку и Шпанците „го зезнале“ Пролет. Шпанците на „општо изненадување“ како што велат од Пролет, им ги откажале ПСР тестовите што нашиве си ги закажале да им ги направат пред реваншот со Гранолјерс за да можат да си се вратат дома.
А, бе шпанска работа!
И, Пролет, така нетестирани, во Шпанија ја прославија „историската победа“ во елиминацијата во првото квалификациско коло во Европската лига и невакцинираните се вратија дома во изолација.
Третопласираниот тим во Супер лигата и годинава експресно го заврши настапот во Европа, со двојно гостување во Шпанија, со двоцифрен пораз од Гранолјерс во првиот натпревар и со утешна ама историска победа ден потоа во реваншот.
Пролет не помина со Гранолјерс, Металург го откажа настапот по условот од ЕХФ и така, македонскиот клупски ракомет сезонава во европските купови во машка конкуренција уште на почетокот на септември остана само на два – Вардар со директен пласман во ЛШ и Еурофарм Пелистер директно во групната фаза од Европската лига.
СЕХА веќе не ја рачунаме…