Трансферот на Дејан Манасков од Веспрем во Вардар одекна како сензација
1.Манасков се врати, Вардар изненади
Дејан Манасков се враќа во Вардар! Тоа беше главна вест неделава и најголемата претсезонска „бомба“ од „црвено-црниот“ табот.
Вардар изненадува кога најмалку се очекува. Тоа веќе е белег и одлика на најтрофејниот македонски клуб и актуелен шампион. Искрено, малку кој очекуваше дека ќе биде така по она шокантно јунско исфрлање од ЛШ и заминувањето на дел од (не)верните за кои „еден живот, една љубов“ важи само ако е за Келн. За македонска лига е друга љубов…
По пет сезони минати во Веспрем и претходно една во Рајн Некар Левен, Дејан Манасков се враќа во Вардар. Иако „на маса“ имало и германски и француски понуди, македонскиот репрезентативец ја одбра македонската, заедно со вербата и идејата дека Вардар пак ќе се врати таму каде што припаѓа.
Впрочем, и Дејан Манасков сега ќе има многу поголем простор на неговата позиција, а со враќањето во ваков момент сигурно и многу поголема поддршка од вардаровите навивачи.
„Се надевам дека сите заедно ќе ги оствариме целите, ќе го вратиме Вардар каде што припаѓа и сите заедно ќе се радуваме на нови успеси“, порача Манасков по официјализирањето на трансферот што богами и тоа како одекна како бомба.
Вардар „игра добро“ дури и кога не игра во ЛШ! Потписот на Манасков и оние неколку пред тоа, целата концепција, свртувањето кон домашната база и факторот доверба во моментите кога текот се менува, се најдобра потврда за тоа. И „отпишан“ Вардар пак е бренд, а Михо секогаш вардарец, доволно искусен и авторитетен, за клубот веќе со децении е како некоја банкарска гаранција. И што е за право, знае „да одигра“ дури и кога климата е неповолна.
Велат, кој си знае – си знае! Кој не знае – нека учи од искусните…
2.(Не)планирана репрезентативна база
Изборот на Дејан Манасков да се врати и да му помогне на Вардар одекна како голема сензација, посебно во ситуација кога после Веспрем можел да бира и некоја друга европска дестинација. Но, не е ни прв ни единствен со таква одлука. Впрочем, на европската ракометна сцена се почести се враќањата на репрезентативците на домашен терен.
Дома си е дома, па дури и кога тоа ќе значи од Кил да се преселиш во Колштад како Сандер Сагосен, или пак престижниот ПСЖ да го замениш со Алборг како Микел Хансен. Или од Веспрем да се вратиш во Вардар како Дејан Манасков, или од Бундес лига во Еурофарм Пелистер како Жарко Пешевски…
Се разбира, во секој трансфер има и некој дополнителен мотив што е пресуден во одлуката на спортистот да го одбере токму тоа, а не она другото. Некогаш се условите во понудата, некогаш е здравјето, друг пат е желбата и семејството, но генерално, дома е сигурна опција што секогаш стои во резерва.
Кога станува збор за враќањата на репрезентативците дома, Вардар во Македонија се уште го држи приматот како најпривлечна дестинациија. И тоа не само во оние најславните шампионски денови, туку како феномен, дури и многу повеќе во оние потешките, како оној период кога клубот се бореше да опстои по големата криза или сега кога треба да истурка сезоната без европски настапи и пак да се врати.
Пред 2-3 години Борко Ристовски реши да ја напушти сигурната и релативно удобна позиција во Бенфика и да се врати во Скопје за да му помогне на Вардар во деновите кога двојниот европски шампион беше оставен во долгови и на конец висеше опстанокот на клубот. За Вардар тогаш беше важна секоја помош на терен, но уште поважна беше довербата што ја носеше доаѓањето на македонскиот репрезентативен голман кога странците масовно си заминуваа од клубот.
Потоа во Вардар дојде и Филип Талески. По бунделигашката искуство во Рајн Некар Левен и во Балинген, репрезентативниот бек реши да се врати во Македонија и да продолжи во Вардар. Талески во меѓувреме ја преброди и личната блокада и клупската криза и реши да остане во „црвено-црниот“ дрес и да помогне во мисијата – враќање на Вардар таму каде што припаѓа.
И Мартин Томовски одбра од Бундес лигата да се врати дома и да продолжи во Вардар. Иако имаше извонредна сезона во најсилната лига во светот и примамливи понуди „на маса“, за голманот на македонската репрезентација, Вардар беше изборот пред другите.
За новата „неевропска“ сезона, летово на Вардар му се приклучи и репрезентативниот пикер Милан Лазаревски. Поранешниот пикер на Металург изминатата сезона ја доигра во Тримо Требње, но по првото интернационално искуство во Словенија реши да се врати дома и да продолжи во Вардар.
Потоа како бомба пред стартот на новата сезона одекна трансферот на Дејан Манасков од Веспрем во Вардар.
А, велат има и уште нешто во најава…
И сега кога ќе се подвлече црта покрај сите планирани, новопроектирани најавени или ненајавени клупски репрезентативни бази, Вардар (не)планирано, стана еден од клучните столбови за македонската репрезентација, што со искуството и влијанието на доскорешните, што со важната улога на актуелните македонски репрезентативци во „црвено-црниот“ дрес. Нешто што најтрофејниот македонски клуб го загуби во изминатите години, а што сега пак го враќа како основа во остварувањето на новите цели. За клубот можеби и најдобра и најсигурна од сите опции во актуелната ситуација.
Што ќе донесе ваквиот избор како резултат, клупски и репрезентативно, ќе покаже сезоната што е пред нас.
3.Победнички старт на „домашниот“ мундијал
Освен трансферот на Дејан Манасков во Вардар, изминатата седмица ја одбележа и почетокот на Светското првенство за кадетки (У18) на кое Македонија е домаќин. Македонските кадетки резултатски имаа успешен старт со две победи по ред во дуелите со Сенегал и со Узбекистан, што практично им обезбедува пласман во следната фаза и место меѓу најдобрите 16 селекции во светот.
Резултатски ова е најдобар старт за македонските кадетки на мундијалскиот настап, но вистинскиот предизвик и искушение доаѓаат во наредните дуели против многу посилните противници. И добро е што селекторот Љубомир Савевски покрај честитките за победите, упати и реална критика за пропустите и за грешките на првите два настапи.
Искуството покажува дека грешките секогаш полесно се исправаат кога навреме ќе се воочат и јасно ќе се посочат. И кога ќе се прифати и советот и критиката. Но, и кога има „добра почва“ за тоа.
Пофалбата што доаѓа по критиката е дека во оваа селекција има „добра почва“ и потенцијал, млади ракометарки што „гризат“, што играат со огромна желба, не се плашат да повлечат и поголем дел од нив сигурно ќе знаат да ја искористат шансата што им ја дава овој мундијалски настап на домашен терен.
„И еден играч да „дојде“ од овие младински настапи е голема добивка. Јас мислам дека има 4-5 ракометарки што ќе одат напред и ќе бидат конкурентни и за сениорскиот состав на Европското првенство…“ – вели селекторот.